ЕУ започна истрага против ТикТок
21 февруари 2024Од минатото лето, кинеската компанија ТикТок (TikTok) и другите големи интернет платформи мораат да се придржуваат кон Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА). Европската комисија, како одговорно надзорно тело за големите интернет компании, уште пред два месеца се посомнева дека ТикТок не го почитува законот, кој е прилично строг во споредба со сличните закони во светот.
Започнати се прелиминарни истраги и побарана е изјава од ТикТок, но според мислењето на Европската комисија, таа не била задоволителна. Затоа одговорниот еврокомесар за индустриска политика, Тиери Бретон, токму на платформата Икс (Х) објави дека сега ќе биде покрената формална постапка против ТикТок.
Доколку ЕУ утврди прекршување на законот, на ТикТок му се закануваат големи парични казни - до пет проценти од дневниот промет на платформата. Меѓутоа, колкава би можела да биде таа сума- не е познато, бидејќи ТикТок не ги објавува своите деловни биланси.
Постапката против ТикТок може да трае неколку месеци. Видео платформата, која тврди дека има околу 142 милиони корисници месечно во Европа, може да поднесе правни мерки против одлуките на властите на ЕУ. Над една милијарда луѓе ширум светот гледаат нешто на TикТок секој месец.
Патем, ТикТок не е единствената социјална мрежа на нишан на Европската Комисија. Од декември, постапка се води против Икс (поранешен Твитер) за под сомнение за ширење лажни вести и говор на омраза. Прелиминарните истраги се во тек за уште десетина онлајн платформи.
Лоша заштита на младите?
Европскиот комесар Тиери Бретон го обвинува ТикТок дека не ги штити адекватно младите луѓе на платформата. Младите под 16 години би требало да можат да користат TикТок само со ограничувања. На младите и на децата на возраст под 13 години би требало да им биде дозволено да користат ТикТок само во многу ограничена верзија. Проверката за возраста може да биде недоволна, бидејќи TикТок бара впишување на возраста како информација само кога се отвора профил, но не врши никаква вистинска верификација.
Меѓутоа, ова не е проблем само на TикТок, туку се однесува и на други социјални мрежи од групацијата Мета, но и Икс или порнографските сајтови. ТикТок на својата веб-страница признава дека зависи од искреноста на корисниците при обезбедувањето на тие информации.
За корисниците на ТикТок на возраст под 16 години, услугата ја ограничува дневната употреба на еден час. Тоа ограничување, сепак, може да се отстрани со само неколку кликови. Законот за дигитални услуги на ЕУ (СА) забранува персонализирано рекламирање за лица помлади од 16 години. Европската комисија се сомнева дека тоа е исто така тешко да се испочитува доколку нема контрола на возраста.
Дали ТикТок предизвикува зависност?
Европската комисија исто така се жали дека алгоритмот на TикТок им наметнува на корисниците бескрајна серија видеа кои ги исполнуваат сите нивни лични преференци. Тоа „подметнивање“ во апликацијата може да доведе до однесување слично на зависност. TикТок тврди дека алгоритмот може да се исклучи, според барањата на ДСА, но таа опција е добро скриена во менито и потребни се многу кликови за да се стигне до таму.
Поставките и опциите што тешко се наоѓаат се проблем кој не е единствен за ТикТок. Медиумските експерти веќе неколку години забележуваат дека ТикТок има одреден потенцијал за предизвикување зависност, токму поради тоа што интензивно го користат претежно лица помлади од 25 години.
„Веќе постојат индикации дека определен дизајн можат да промовираат зависност, како на TикТок, така и на другите платформи. Собирањето докази за утврдување дали е ова точно или не, сега ќе биде голема и не толку лесна задача за Европската Комисија“, вели Јулијан Јаруш, експерт за интернет во германскиот јавен медиумски сервис ЗДФ,.
ТикТок со нетрпение очекува појаснувања
Портпаролот на ТикТок изјави дека компанијата, која припаѓа на кинеската групација Бајтденс (Bytedance) , ќе продолжи да работи на подобрување на заштитата на младите луѓе. „Ќе продолжиме да работиме со експерти и индустријата за да го направиме ТикТок безбеден. Сега со нетрпение ја очекуваме можноста ова детално да ѝ го објасниме на Европската комисија“.
Извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, последен пат ги посети еврокомесарите во Брисел во јануари за да ја ублажи загриженоста околу неговата платформа за кратка видеа.
Меѓутоа, Европската комисија исто така сака да има пристап до списокот на сите огласувачи на ТикТок. Покрај тоа, ТикТок мора да им обезбеди и на експертите пристап до податоците, како што се бара со Законот за дигитални услуги на ЕУ.
Извршниот директор на ТикТок, кој е роден во Сингапур, мораше да се соочи со различни прашања на сослушувањето во американскиот Сенат на крајот на јануари . Сенаторите беа особено загрижени дека ТикТок ќе ѝ ги предаде податоците на своите корисници на својата матична компанија, што значи дека може да се смета за шпионски софтвер.
За време на слични сослушувања во 2023 година, шефот на ТикТок призна дека нема да дозволи неговите деца (тогаш на возраст од шест и осум години) да ја користат платформата. Во Сингапур, каде што живеат неговите деца, нема минимална возрасна граница за регистрирање на оваа брзорастечка социјална мрежа.
Во Германија, ТикТок стана тема на дискусии во последните недели, бидејќи десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (АфД) е многу поуспешна на оваа платформа од сите нејзини конкуренти.