Се стега обрачот околу ТикТок во Македонија
8 мај 2023Зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование и зајакнувањето на стручните служби кои ќе се грижат за менталното здравје на децата, би помогнало многу во процесот да не дојде до состојби за кривична одговорност кај малолетници. Но, потребно е и родителите да преземат сериозна одговорност во контролата на децата, апелираат надлежните институции во Северна Македонија, кои го вклучија алармот за поголема контрола врз децата, откако13-годишник во Србија свирепо застрела осум соученици и училишниот чувар. По експлозијата на насилство расте притисокот за забрана на ТикТок, за намалувањето на старосната граница за кривична одговорност кај малолетници, како и за построги казни за недозволено држење оружје и муниција.
Ризици од ТикТок
Министерот за образование Јетон Шаќири во изјава за медиумите по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ, најави дека надлежните институции ќе ги проценат потенцијалните ризици од употребата на „ТикТок“ од учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки.
Институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „ТикТок“, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Ќе се вклучат и Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација. „Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности, рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу претходно се изјасни дека како министерство, немаат заземено став дали треба да се забрани ТикТок, но сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи.
„МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Министерството ги зема предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат“, вели Алиу.
Широка дебата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес-конференција, во рамките на 50. Европска регионална конференција на Интерпол во Охрид, за предлозите за намалување на границата за кривична одговорност кај малолетници, по масакрот во Србија, Спасовски рече дека е потребна широка дебата која би помогнала во процесот.
„Одлуките не треба да ги носиме водени од емоциите, туку да ги носиме од разумот, она што е рационално во еден момент да може да го направиме. Така што, сметам кога се работи за безбедноста сите опции коишто ќе ја подобрат безбедноста, вреди и да се размисли и да бидат прифатени“, рече Спасовски.
Според него, родителите имаат сериозна одговорност во тој дел осврнувајќи се на контролата врз децата во однос на пристапот на интернет, социјални медиуми и слично. „Меѓутоа и како родители секој од нас има една сериозна одговорност во овој дел. Да размислиме сериозно дали и кога е границата во којашто ние ќе дозволиме децата да имаат смарт телефони, пристап до интернет. Затоа што сепак гледаме дека таквиот пристап на сите нас како граѓани придонесува едноставно на децата да им дадеме таканаречено оружје во раце со пристап до тие социјални медиуми, до интернет. Времето на развојот на технологијата ги овозможува сите тие активности. И ние не треба да се враќаме сега назад чекор кон развојот на општеството. Меѓутоа треба да создадеме услови коишто ќе гарантираат безбедност во таа фаза“, вели Спасовски.
Владата деновиве ги задолжи МОН и МВР да изготват Стратегија за превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата. Отворена и е електронска адреса за пријавување насилство ([email protected] и [email protected]) на која изминатите денови пристигнале десетина пораки. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.
Аларм за органите на кривичен прогон
Трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нас како орган на кривичниот прогон и не принудуваат како институции да се мобилизираме за што поефикасна контрола на оружјето и во нашата земја, вели јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој упати порака до јавните обвинители да делуваат за зајакнување на казнената политика за недозволено држење оружје и муниција.
„Барам од сите јавни обвинители во државава, при постапувањето, да инсистираат на построги кривични санкции“, вели Јовески кој посочува дека за вакви кривични дела не треба да има алтернативни мерки, а вишите јавни обвинителства, во случаи каде е определена блага санкција со првостепените пресуди, во втор степен треба да издејствуваат повисоки казни. Ваквите препораки следат со оглед на фактот дека и во Северна Македонија има тренд на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела.