На првиот работен ден по изјавата на Зеќирија Ибрахими за потребата од формирање на Заедница на албански општини според урнекот на Заедницата на српски општини во Косово, низ етерот започна дефилето на осудите. Од ставот на ДУИ дека станувa збор за „патетична, антиевропска и антиамериканска политика” која подоцна ќе ја прочита и премиерот Ковачевски, до одбивањето од страна на албанските партии дека „тоа ќе ги загрози Албанците во општините каде се под дваесет насто”, следено од ставови дека „што бе Заедница, а бе Република албанска веднаш!”, и троа задоцнетите, но очекувани ставови дека „барањето e со цел формирање на Голема Албанија”.
Тој ист ден, во Куманово некоја директорка забранила настап на средношколци-Албанци, Централниот регистар одбил регистрација на некое здружение поради двојазичниот печат, а вработувањето на Македонци кои се претставуваат како Албанци продолжи со несмалено темпо. За таквите вести немаше реакција ниту од власта, ниту од Ковачевски – инаку од Куманово, немаше став од опозицијата и никој не обвини никого дека станува збор за „обиди за градење Голема Србија”. Како да се нема ништо случено. Пуф, однесено од ветер.
Можеме да зборуваме за мотивите на Зеќирија Ибрахими, можеме да ги анализираме мотивите на Алтернатива, можеме да се пренемагаме во обид за дезавуизација и релативизација на неговиот став, поддржан и од лидерот Африм Гаши и споделен од заменик-претседателот на ДУИ, Изет Меџити. Едно сепак, не можеме. Да негираме дека неговата изјава одекна како пукање прсти за будење од сон по долга хипноза. Самата лавина реакции го потврдува тоа. Немаше ништо чудно, ништо скандалозно во изјавата. Чудно и скандалозно беше со месеци долгото преправање на Македонија за настаните во и околу Косово кои (ин)директно ја засегаат и нашата држава. Тензијата беше осетлива. Загриженоста беше видлива. Нелагодноста препознатлива. Ибрахими само ја прекина таа координирана операција на „не се случило” и го постави прашањето кое со месеци тлее низ секој политички ум во земјата и прилично голем број дипломатски умови континентално.
Увезување туѓ проблем
Низ разговорите, најчесто спомнуваниот аргумент беше дека Ибрахими увезува туѓ проблем на наша територија. Тоа е точно, доколку се гледа од македонска призма и доколку се игнорира ставот на Албанците во последните десетина години од увезени спорови со Грција, спорот со Бугарија, па се` до проблемите со идентитетот на Македонците/Бугарите во Пустец или Гора. Вториот аргумент, дека е антизападен, е прилично интересен и комичен, со оглед на фактот што токму САД и ЕУ предничат во барањата за формирање на моноетничка Заедница на Србите во Косово со која ќе се јакне мултиетичноста на Косово. Затоа, излегува дека ДУИ и СДСМ сметаат дека... знаете што, искрено кажано, не вредат коментар пара-политички глупавости на писанијата на Груби и читањата на Ковачевски.
Следниот аргумент на спротивставување беше дека „ние си имаме златен Охридски, го почитуваме”. Интересно е како по месеци полни со барања за укинување на Рамковниот, бришење на балансерот, одеднаш македонската патриотска опозиција и интелектуала научи како да го сака и Охридскиот и Рамковниот и Балансерниот договор, а преку нив и „бесмисленоста на војната со Албанците” која речиси час пред изјавата на Ибрахими ја заговараа. Но да претпоставиме дека тоа е валиден аргумент, оној на Рамковниот Договор. Проблемот со тој став е дека опстои во вакуум и игнорирање на реалностите кои се случуваат во регионот во последните година-две. Во кои Дејтонскиот договор беше надграден и проширен за акомодација на хрватската заедница и разнебитување на босанската политичка сцена во име на борба против национализмот. Кој се сведе на рушење на босанската СДА и јакнење на хрватскиот ХДЗ и Република Српска. Во соседна Црна Гора, безмалку се случи државен удар за да се акомодираат барањата на Српската православна црква на раб на ништење на граѓанскиот концепт на таа држава. Во Косово, автентичниот концепт на Ахтисари еволуираше во државотворен ембрион на Република Српска-Косовска, а доскорешните евро-американските попадии на попување за почит кон Уставот и законите безмалку не побараа од Косовците колективно да плукнат на Уставот (скроен со директиви од САД и ЕУ) со се Судот кој оценил дека ЗСО е антиуставен.
Американската професорка со балканско потекло и активистка на Демократската партија на САД, Тања Доми при скорешното гостување во Сараево оцени дека „Америка има дигнато раце од граѓанскиот, демократски концепт како во Босна така и ширум Балканот”. Се разбира, нема да најдете ниту еден дипломат од САД и уште помалку од нив платен домашен „сениор аналист” и НВО кој јавно ќе се согласи со таквата оценка и реалноста која ја гледаме со сопствени очи. САД и ЕУ се во процес на рекалибрација, реконсидерација или рекреација на од нив создадените договори на кои очигледно им има поминато употребната вредност и не се податни за сегашните и идни предизвици или приоритети.
Рамковниот договор и лагите
Охридскиот Рамковен договор тешко дека ќе биде изоставен или поштеден од таа судбина, дотолку повеќе што ионака е одамна сведен на оперативен систем на комунистичкото еднопартиско едноумие на ДУИ за мир и пазар со хакерите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Наместо промоција и унапредување на позицијата на Албанците, ДУИ ја исцеди смислата на ОРД за семејни бизниси, криминал, корупција со македонските партии, за обезбедување сликички со евро-американски дипломати и диктирање дисциплина врз секоја албанска политичка мисла која ќе се дрзне да ја каже вистината. Дека ОРД е срцевината на заробената држава и доктрина на стабилократијата наметната од ДУИ, СДСМ, ВМРО и евро-американската дипломатија. Гасењето на звездата на Али Ахмети во албанскиот кампус и насилно одржувана во живот во македонскиот кампус и раслојувањата низ албанската политичка сцена се само нус-ефекти на изумирањето на ОРД, паѓањето на скрамата од очите и соочувањето со сувата, сивата реалност. Заедно со двете лаги врз кои опстојуваше Рамковниот.
Првата лага е онаа за мултикултурализмот. Кој во реалноста постои само во средините со албанско население и е користено како инструмент на релативизација и контрола на и врз албанското општество и Албанците поединечно. Втората лага е онаа за унитарноста. Во реалноста, во Македонија веќе одамна постои моноетичка заедница. Која се вика Источна Македонија, во која и самото спомнување на можноста да се истакне едно единствено зборче на албански се доживува како армагедон. Од тие две лаги се создава вистината за Македонија како федерација создадена од две единици – мултиетничката на Западна Македонија и моноетничката на Источна Македонија. Темелите на таа поделба се создадоа на самиот почеток преку изјавите „отаде Групчин”, преку административно-територијално обезбедената претставителност на Македонците од мултиетничката Западна Македонија и моноетничката претставителност на Македонците како ексклузива од Источна Македонија. Мислам, погледнете ги списоците на пратениците од двете федерални единици во последните 30 години. На крај, таа реалност се цементира од САД и Германија преку инсистирање на третирањето на Албанците како загроза од самиот почеток, стационирање на ОБСЕ ексклузивно во Западна Македонија и давање карт-бланш за моноетницизмот во Источна Македонија. Треба ли, затоа, да не` чуди што главните идејни творци на „моноетничката Српска заедница како засилување на мултиетичноста на Косово” се Крис Хил (докажан по албанофобијата во Македонија) и Габриел Ескобар, човекот кој од Заедница на српски општини изгради Република Српска на темелите на босанскиот геноцид.
Ревизионистичкиот пристап на САД кон од нив диктираните договори е обид на (особено Демократите) да се спаси наследството на нивните успеси во склучувањата на Дејтонскиот или Рамковниот договор. Втората причина е алтер-его на времено популарната теза дека интервенцијата на САД во Босна и Косово е за да се негира религиската нота поради војните во арапскиот свет по првата интервенција во Ирак. Сега реплицирана преку ставот на Ескобар за „добриот соживот на православците со Албанците” и пред сѐ одземање на православната нота од рацете на Русија во светло на агресијата врз Украина. Третата причина е најбитна, а тоа е еволуцијата која се има случено во меѓувреме поради колапсот на теоријата за граѓанскиот концепт судрена со нејзината манипулативна пракса на теренот.
- Косово и Србија: Разрешница или пресвртница
Сме биле веќе таму, сме го гледале тој филм. Се сеќавам на бесполезноста на укажувањата на Американците за последиците на насилствата врз Албанците во деведесеттите. Се сеќаваме и на укажувањата дека Рамковниот договор ќе биде сведен на етничка манипулација по ист терк како и комунизмот по Втората светска војна. За сеќавање ќе запишам дека и сегашните обиди за Заедници на моноетнички општини форсирани од псеудо-граѓанството на САД, ЕУ, Германија, Франција и псевдо-социјалдемократијата на Фридрих-Еберт ќе водат кон поголеми, а не помали непријателства помеѓу народите и целосна криминализација на естаблишментите. Таквата замисла на САД, ЕУ, Германија, Франција е злобна. Имплементацијата не може да биде поинаква. Доколку грешам, нека одговорат самите: дали поддржуваат Заедница на Албанците во Македонија по ист терк, исти прерогативи, исти институции, исти привилегии, исти компетенции, исти замисли како оние соткани во Заедницата на Србите во Косово?
Кој прашува, бара упат и сака одговори. Ибрахими запраша, никој не му одоговори, сите се оправдуваа. Традиционална реакција кон секој искрен човек забеган во политиката. Ќе се осмелам да му одговорам. Да, Зеќирија, ќе има Моноетнички заедници (плурал) во Македонија, според моделот од Косово или моделот од Источна Македонија. Стравот во гласот на твоите соговорнички од Телма тоа го поврдува. Исто како и искуствата со „тврдите ставови” на македонските и албанските политичари. Тие, почитуван Зеќирија, не се против идејата, туку против тебе како иницијатор и петел кој прерано пропеа. И така ќе биде, сѐ додека не го најдат профитот и ползата од идејата за нив групно и персонално, партиски и гангстерски. А кога тоа ќе се случи, Зеќирија ценет, ќе се чудам јас, ќе се чудиш ти, ќе се чудиме сите кога здружено ќе гракнат – зошто да не и #PseJo?