1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Србија: Разрешница или пресвртница

23 февруари 2023

Приштина е поблиску до целта, но не и на безбедна дистанца од враќањето на минатото. Белград е далеку од целта, но со поголема решителност никогаш веќе да не дозволи враќање на минатото. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Nrrl
Александар Вучиќ и Албин Курти
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти

Тековната динамика на односите и спорот помеѓу Косово и Србија минува низ еволуција слична на оној помеѓу Македонија и Бугарија. Во двата случаи, првичниот пристап кон споровите беше диктиран од марксистичкиот концепт на „историски договори меѓу народите” за судирот со практичната неизводливост на идејата да биде заменета со класичниот, прагматичен пристап на договори меѓу државите. Во обата случаи, пристапот е во контрадикција со европскиот услов за членство, базиран врз конкретноста на „решени спорови со соседните држави“, а не на апстрактни и недефинирани „односи со соседните народи”.

Крахот на формулата за разрешување на конфликтот преку размена на територии (и население) настапи со победата на социјалдемократот Албин Куртии национал-традиционалната руговистка Вјоса Османи. Таа победа донесе и пресврт во односите помеѓу Тирана и Приштина. Владите во Тирана и Скопје (Али Ахмети) набргу и неспремно ја разбраа победата како тектонска промена и загрозување на нивниот вообичаен манир на владеење. Инертната и опортунистичка дипломатија на САД и ЕУ исто така реагираа со незадоволство кон дебаклот на поствоената, послушна, лесна за манипулација, од партал-до-палата збогатена елита заменета од новите лидери во Косово. 

А сепак, токму изборот на Курти-Османи ги подвижи нештата кон разрешница на спорот преку промена на динамиката и стратегијата на односите помеѓу Приштина и Белград, но и идеолошките триења ширум регионот. Воедно, нивната победа значеше крај на „историските договори“ и промоција на „земните договори“ помеѓу државите како стандард во меѓународните односи. А тоа подразбираше дека во таквите нови односи ќе нема место ни за Рама и Ахмети, ни за Вучиќ, Вулин, Додик и „Српски Свет“. 

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Српско-албански зорт-партнери

Таквата суптилна, но суштинска промена на кастингот и сценариото во односите Белград-Приштина ќе резултира во сегашната „duet redux – quartet context“ состојба на дихотомија помеѓу државните и националните концепти. Поедноставено кажано, редукцијата наразрешницата на спорот помеѓу Србија и Косово не ги дефинира само односите помеѓу тие две држави, туку и ги редефинира односите помеѓу Србија и српството, помеѓу Косово и албанството, и на крај меѓу српството и албанството. Таквата разрешница помеѓу два формално-правни субјекти се смета како загрозување на аморфините, популистичките и за манипулација податливите екс-марксистички концепти за „историски договори“. Таа редукција ги изолира, санитаризира и ограничува влијанијата на српството и албанството врз државните договори помеѓу Белград и Приштина, но воедно создава и една парадоксална - но за Балканот очекувана - дихотомија, во која на една страна се наоѓаат Србите и Косовците како решавачи на спорот, а на другата Србите и Албанците во состојба на изнудено „frenemy“ зорт-партнерство по незадоволство. Таквата состојба неминовно ќе еволуира како реакција на јакнењето на Србијацентризмот во Србија и Косовацентризмот во Косово, додатно засилено од логиката на административниот приоритет на државноста и желбата и потребата за зачленување во ЕУ. Но наивно е да се очекува дека таквата разрешница автоматски подразбира и крах на зорт-партнерството помеѓу следбениците на српскиот и албанскиот концепт за „историски договор”.

Парадоксално, токму САД и ЕУ даваат кислород за преживување и надеж на српско-албанските зорт-партнери. Инсистирањето за воспоставување на моноетнички резервати како Заедницата на српски општини (ЗСО) е неочекуваниот подарок за српско-албанските „frenemy“-пактови и темпирана бомба како за Косово, така и за Србија. Какви и да се забелешките денес, со тек на времето токму ЗСО ќе биде дупката за влијание врз Косово и Србија, како од страна на пропонентите на српско-албанското партнерство, така и за надворешните сили кои во ЗСО ќе препознаат инструмент за продолжување и јакнење на влијанието преку одржување на конфликтна состојба спротивно на интересите на Србите и Косовците. Особено во однос на понатамошните интеграции или стратешки ориентации. Не треба да чуди, затоа, што интересот за ЗСО е помал кај самите косовски Срби, во Србија и драстично поголем кај Мирослав Додик, Ивица Дачиќ и проруските структури во регионот. За разлика од Курти, кој прерасна во реформска инспирација во Албанија или Македонија, Александар Вучиќ е заложник на од него предизвиканите гневови во Србија и уцени од Србите од отаде граничните простори. Доколку се оствари, времето ќе покаже и докаже дека ЗСО е петарда во желудникот на Косово, бомба во стомакот на регионот и мигрена во најава во главите на ЕУ и особено НАТО. 

Приближувањето на Рама и Вучиќ

Севкупниот пристап на западната заедница кон разрешницата на спорот беше диктиран од давањето предност на лесни за голтање, но невозможни за варење плацебо медикаменти. Таквиот пристап беше особено прифатен од Еди Рама, благодарение на неговото неверојатно површно познавање на Косово и Србија, но и скептично внимателната согласност на Вучиќ, кој е посвесен за широчината на познавањата на Приштина за спорот, за Србија и регионот. Но тоа е помалку битната димензија на расчекорите во триаголникот Белград-Тирана-Приштина, како и динамиката на взаемните ривалства и блискости. Не толку видлива, но суштински многу повлијателна е разликата во културолошките бекграунди на Рама, Курти, Вучиќ и рефлексиите на нивните имиџи во взаемните односи. 

Културолошки, и Вучиќ и Рама припаѓаат на ерата на сцо-реалистичкиот модернизам од 70-тите, 80-тите, надградено со паракапиталистичка „laissez faire“ политичка економија на корупција. Нивното приближување е резултат на површните познавања на Рама за „современоста во Југославија/Србија”, но уште повеќе нус производ на носталгичните, поточно застарените, светогледи на западната дипломатија од времето на СФРЈ како и псевдолибералните реинтерпретации на идеите на Карл Попер за отворени општества со елити наследени од времето на затвореното едноумие на комунизмот. Навидум, таквиот пристап на САД, на Сорос, на ЕУ ќе се покаже погубен за сиот регион, но над сѐ фатален и погубен за либералните струења во самата Србија, која беше принудена да остане заробена во веќе излитената претстава на Западот за неа. Погубност чии последици сѐ до денес се јасно видливи на екраните и улиците на Белград.

Александар Вучиќ и Еди Рама во Приштина
Александар Вучиќ и Еди Рама во Приштина (27.05.2015)Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Babani

Косовците први сакаа да поверуваат во надежта и први се уверија во скаредноста на пристапот на Рама и неговите Берлин виа Анкара виа Вашингтон сеирџиски хендлери. Србите половно веруваа и од скоро раскрстија со фамата за Рама-модернизмот, кој почна да ги потсетува на рециклиран Јованча Мициќ. Свртувањето на Косоварците и воопшто Албанците од екс-СФРЈ кон Курти, но и тивкото уважување од страна на Србите, нема само политичка димензија, туку е културолошки момент на идентификација и препознавање според генерациската, културна, урбана и духовна спојка на аверзија кон чобан-рок популизмот на Вучиќ и Рама.

- повеќе од авторот: Подемот и падот на Дританизацијата

Од друга страна, Курти не е фан на Бијело дугме и Бреговиќ, ниту ориентализираните Поперштини на утопијата, туку е љубител на супкултурата на провокацијата и иновацијата пред да стане мејнстрим. Доколку за Вучиќ и Рама спорот Приштина и Белград е шанса за профит и доминација, за Курти спорот Србија-Косово е препреката за справување со неговиот вистински предизвик за кој живее. А тоа не е спорот со Србија, туку темелната, од подрум-до-таван реформа на Косово, расчистување со митологијата/митоманијата и корените на предрасудите. За Курти независноста е проблем кој треба да се реши, интеграциите - инструмент за промени, но темелната реформа кон вистинска модернизација е предизвикот кој го мотивира.

- повеќе од авторотДали е можен муслимански Израел во Европа?

Приближувањето на Косово и Србија

Со оглед на тоа, сведувањето на спорот единствено на дистинкцијата Белград-Приштина е половичен пристап сѐ додека не се земе предвид заемното влијание и посакуваните ефекти од чинот на разрешницата. Од тој аспект гледано, позициите на (буквално) Белрад и Приштина се далеку поблиски отколку што се мисли. И двата центри во разрешницата препознаваат стартна позиција за почеток на враќање кон нормалноста, кон рефакторизација на прогресивното, реставрација на урбаната средна класа, либерализација на општеството и расчистување со минатото и вечно недостижниот идеал наметнат од „братствата во крв“, замислен да ги држи обичните луѓе во позиција на вечна „mea culpa“ и понизност. Приштина е поблиску до целта, но не и на безбедна дистанца од враќањето на минатото. Белград е далеку од целта, но со поголема решителност никогаш веќе да не дозволи враќање на минатото. Приштина е свесна дека во современиот свет формалното признание на независноста е чин на славење по кој следи реалноста на меѓузависноста. Белград допрва се освестува дека независноста го приближува Косово до Србија на начин на кој што ниту сојузниот ниту националниот Белград никогаш нема успеано. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач