Косово: Ескалацијата само одложена, што следи во 2023?
30 декември 2022Директорот за истражување во белградскиот Центар за меѓународни и безбедносни работи, (ИСАК фонд), Игор Новаковиќ не го дели оптимизмот на европскиот посредник во дијалогот Мирослав Лајчак дека до следната година може да дојде до спогодба меѓу Србија и Косово.
„Тие го дадоа тој француско-германски предлог што беше преземен од Европската Унија, но за било каков пробив потребен е поголем ангажман на ЕУ на терен. Тие себе со години не се гледаа како клучен геополитички актер кој мора да се ангажира.“
Она што е ново според Новаковиќ е изјавата на специјалниот американски претставник во дијалогот, Габриел Ескобар кој најави дека САД ќе го преземе формирањето на Заедницата на српските општини, ЗСО и со или без владата на Косово ќе го направи предлогот за тоа како треба таа да изгледа. „Ескобар рече дека планираат да покренат разговори за ЗСО дури во април, а тоа зборува дека тие рокови се доста флексибилни,“ вели Новаковиќ.
Тој потсетува и дека косовското Собрание го ратификуваше договорот од 2013 година: „Ратификацијата значи дека овие одредби станаа дел од правниот систем на Косово и дека се посилни и се над домашните закони. Со други зборови, постојат сите предуслови без разлика на одлуката на Уставниот суд на Косово да спроведе одредени решенија. Овде, сепак, проблемот е што политичката елита во Приштина толку многу го демонизираше ЗСО што едноставно не може да отстапи. Она што се плашам е дека американскиот процес околу Заедницата нема да резултира со практична примена на терен“, вели Новаковиќ.
„Земи или остави"
Малку поинаков став има Висар Имери, директор на приштинскиот Институт за социјална политика „Муслине Кокалари“. Тој актуелната криза која е на раб на конфликт ја гледа како вовед во одлуката за формирање на ЗСО. „Мислам дека оваа ситуација на северот на Косово им е од корист на двајцата лидери за да ја приближат идејата за компромис до своите народи. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ веќе почна да зборува за ‘два пата – или војна или дијалог’. Нешто слично се слуша и во Приштина – ‘или ЗСО или војна’,“ вели Имери.
Пораката на Ескобар, Имери ја толкува вака: „Курти или ќе почне да го формира ЗСО во зададениот рок или ќе мора да почне да размислува за тоа како да си замине од власта. Но, постои и трета опција – да добиеме документ како што е случајот со француско -германскиот план, кој ќе биде рамка за тоа како ЗСО ќе изгледа и ќе функционира. Тој документ повторно ќе дојде од некоја држава од меѓународната заедница и ќе би биде претставен како ‘земи или остави’. Ако тој процес биде покренат, формирањето на ЗСО нема нужно да се заврши, но тоа ќе биде доволно да се отвори вратата за да се зборува за вториот дел од планот на ЕУ, за кој Вучиќ многу не сака да преговара“, изјави Имери за ДВ.
Новаковиќ токму во ваквото сценарио ја гледа црвената линија на Белград. „Мислам дека Белград нема да попушти околу прашањето за формирање на ЗСО. Нема да се зборува за нови преговори додека не се исполни веќе договореното“, смета тој. Причината за последната криза и барикадите на северот Имери ја гледа во конфликтот меѓу овие два пристапа - почеток на преговорите за ЗСО, потоа формирањето по постигнување сеопфатен договор или формирањето на ЗСО, па потоа преговори за сеопфатен договор.
Досега се „играше шах"
Додека формирањето на ЗСО е услов на Српската листа за враќање на Србите во косовските институции, условите за укинување на барикадите беше повлекување на Специјалните единици на косовската полиција од северот, како и ослободување на тројцата уапсени Срби. Во средата, по две и пол недели барикади, на барање на специјалниот обвинител, еден од уапсените, Дејан Пантиќ е префрлен од истражен затвор во домашен притвор. Тоа, заедно со гаранцијата која Косово им ја даде на ЕУ и САД дека нема да има апсења поради учество во протестите и барикадите, ќе биде доволно за отстранување на барикадите што треба да се случи во наредниве денови.
Двајца поранешни косовски полицајци се инаку обвинети за поткопување на уставниот поредок, обид за убиство, тероризам и воени злосторства. Веродостојноста на тие обвинувања е нашироко доведена во прашање во српската заедница во Косово, а честото појавување на наводни списоци на осомничени за воени злосторства или организиран криминал, во кои сега има неколку стотици Срби, се смета за обид за заплашување на заедницата. Сериозни фрустрации во заедницата предизвикуваат и повеќемесечното присуство на тешко вооружени албански специјалци во областите со мнозинско српско население, како и пет полициски бази изградени во Лепосавиќ и Зубин Поток на приватен имот кој беше експроприран дури откако почна изградбата на базите и без консултација со локалната српска заедница.
За овој услов, се чини, не се разговараше во преговорите во последните недели, но на средбата со косовските Срби во Рашка во средата, Вучиќ вети дека ќе се заложи ситуацијата со специјалната полиција да се врати на периодот од февруари 2022 година кога беше засилено нивното присуство.
Меѓутоа, неколкумесечното влетување од една во друга криза на северот на Косово води до заклучок дека целосната ескалација само беше одложена, а не избегната.
„Ако прогонот на Курти продолжи, новите барикади засекогаш ќе го затворат северот за приштинските институции“, порачаа претставници на косовските Срби.
Висар Имери за ДВ вели дека не ја исклучува политичката волја населението на северот, но дека сепак верува дека „ерупцијата на северот е оркестрирана и контролирана.“
„Тоа можеби не е резултат на договорот меѓу Белград и Приштина, но сепак секој си го одработил својот дел. Тоа не гарантира дека ситуацијата нема понатаму да ескалира, но до овој момент се изгледаше како да се игра шах. Курти се обидуваше да покаже дека може да го постигне суверенитетот со употреба на полициски сили на Косово и владеење на правото, додека Вучиќ вели дека всушност тој е оној којшто го контролира Северот.“