Во западниот дискурс, Израел е синоним на демократијата среде автократија, поточно „единствена демократија на Блискиот исток”. Во анти-западниот дискурс Израел е редуциран единствено на улогата на угнетувач на Палестинците. Во самиот Израел, пак, дискурсот ги опфаќа и двата наративи, оној на либерална демократија под закана на автократијата среде пошироката навистина непријателски настроена, но неизбежна средина.
Во Европа нема Израел, но затоа речиси секоја европска нација сака да замисли дел од некоја туѓа територија како „древен национален Ерусалим”, симболичен историско-национален-верски симбол на сопственото битисување. Но дали, за разлика од судбината на Израел, самата Европа има или може да толерира некаков муслимански пандан на Израел во нејзините претежно христијански пазуви? А, тоа пред сѐ, се однесува на европските муслимани од Босна, Косово, Македонија, Албанија. Поводот, или провокацијата, за осврт кон оваа дилема се роди како последица на две изјави со скорешен датум.
Дилемата на Виктор Орбан
Првата изјава е на унгарскиот лидер Виктор Орбан кој јавно се запраша „предизвикот во Босна е како да се интегрира земја со два милиони муслимани.” Во реакциите кои уследија од БиХ, и зачудувачки отсуствуваа од либерална Европа, беа понудени аргументи и докази кои ја побиваат заканувачка дилема на Орбан. Но неколку месеци подоцна, чинам дека се изнајде решение за овој „демографско-религиски” предизвик. Во форма на практично ставање на муслиманите, или Босанците како самите преферираат да се идентифукуваат, под закрила или диктат, како сакате, на де факто контрола од Република Српска, т.е. Србија.
Но дали истата дилема на Орбан се протега и кон другите подрачја во која живеат автохтоните муслимани? На пример во Црна Гора, предводена од Албанец, муслиман (според презимето, барем) и контролиран од Белград. Во Албанија, последната оаза на сталинистичкиот атеизам, на чело на државата со мнозинско муслиманско население се наоѓа православно-католички недоволно дефинираниот Еди Рама кому никој во Европа и САД не му наоѓаат замерки и покрај цунамито на скандали на неговата влада. Во Македонија забележлива е прифатливата леснотија на здружување по верска и критичкиот тон за било кое здружување по албанска, национална основа. Сем доколку не е ДУИ.
Последната нишка во орбановата „да ги биде или не” интеграциска судбина на муслиманите е во Косово. Најмладата, најмултиетничка држава во регионот уценета со докажување на достојноста преку прифаќање на моноетничката (пара)држава во сопствените пазуви. Службено, барањето за формирање на Заедницата на Српски Општини (ЗСО) е со цел заштита на тамошното српско население, но - неслужбено замислено –можно ли е дека смислата на ЗСО и тврдото инсистирање на западот е со цел да се обезбеди контролен механизам над државата Косово со доминантно муслиманска вероисповест, но изразито силен етно-национален сентимент на самоидентификација?
Раководството во Приштина, Албанците во регионот, па и некои западни набљудувачи, редовно потенцираат дека Косово е шампион на демократијата во регионот, како според слободите, спроведените реформи и борбата против корупцијата. Во последните десет години, Приштина успеа, по бурните 90-ти години на минатиот век, повторно да ја врати аурата на либерален Пиемонт на сеалбанската современост, посебно по лизгањето на Рама кон автократијата од моделот на Орбан. Косоварите би сакале да нивните напори бидат оценети како национален успех и потврда на демократскиот дух на нацијата. За добар дел од нив, токму Израел е споредбена инспирација, модел на организирање и причина повеќе за дистанца од отровниот вокабулар на палестинските политичари кон Косово.
„Случајот Косово"
Но, дали таквата инспирација на косоварите е во исто време и фактор на одбивност од страна на одредени западни кругови, на иста или уште понегативна бранова фреквенција на Орбан? Дали логиката на „како да интегрираме муслимани” е предсобјето на формулата за надминување на европската скепса (благо речено) кон примањето во ЕУ членство на земји со муслиманско, иако либерално и про-западно настроено (дури и повеќе од христијанските соседи) е преку нивна гетоизација (како во Босна) или под индиректна, аутсорсирана контрола предадена во рацете на земји со богата и блиска историја на геноциден однос кон „неверниците”? Како што е случајот со Косово? Притоа, дури и таа дилема е оптоварена со различно читање на ефективноста на „спасоносното решение”. За разлика од европскиот цивилизациски расизам кон иноверните закани по доминантната религија на континентот, во случајот на САД таквиот пристап е прагматично расно отсликан во форма на „граѓански пакет” за втерување на регионот во ЕУ преку акомодација на христијанските нации и на сметка на „буткање на малцинската религија под теписите на христијански доминиони”.
Но тоа не е единствената прагматична причина за „шверцување на муслиманите” кон ЕУ членството. Имено, искуствата од источна Европа докажуваат дека членството во ЕУ не резултира со јакнење на доминацијата на про-демократските и либерални населенија, туку напротив – со процут на екстремната десница и клеро-националистички идеологии. Во таа смисла, очекувањата на европската левица и либерала е дека про-западната и либерална матрица на земјите со муслиманско население би придонеле кон пополнување на вакумот и балансирање во прилог на либералниот дискурс во рамките на ЕУ. Молкот на европската левица и либерала кон провокациите на Орбан и поведенијата на Вучиќ секако одат во прилог на таквите сомнежи. Од тој аспект гледано, не треба да не изненадува што токму социал-демократската Фондација Фридрих Еберт беше задолжена за изготвување на, во суштина апартхејдскиот, предлог-концепт за формирањето, организацијата и делувањето на Република Српска 2 во срцето на Косово.
Доколку успехот на Израел е восхитувачки токму поради антагонизмот со кој е опкружен и солидарноста на зборови и дела од страна на западот во обезбедување на процутот на таа земја, успехот на Косово е дотолку позначаен поради уште пожестокиот антагонизам со кој е опкружен, директната негација од две светски сили и посредните, но се повидливи, шурувања на одредени западни дипломатии со Србија во проектот на редуцирање или дезавуизација на правото на Косово да постои како независна држава со полн суверенитет и интегритет. Фактот што и порај десетиците аргументи на косовски, регионални и западни познавачи за деструктивноста на концептот на ЗСО, единствениот аргумент на Брисел, Берлин, Вашингтон е сведен на „ама вие сами потпишавте во 2013г”, укажува дека целта на е „разрешница на спорот”, туку нешто сосема друго. Оневозможување на појавата на субјект кој низ евентуалниот прогрес, демократски процут и развој може да послужи како „негативен пример” во регионот потонат во автократија, корупција и илиберализам.
Шверцувачкиот пристап
Таквиот „шверцувачки” пристап на западот кон муслиманите од регионот (кои инсистираат да бидат сметани како народи, а не религиски заедници) е кусоглед и осуден да предизвика повеќе штета отколку решенија. Доколку еден од најбитните предуслови за членство во ЕУ е категоријата „да не се увезуваат билатерални спорови со соседните држави”, токму ваквиот пристап ја дефинира досега неразбраната поента дека клучните спорови во регионот се помеѓу народите, и како такви ќе бидат увезени во Унијата без оглед на мировните договори помеѓу државите. Создавајќи парадокс кој е добро познат на Албанците. Имено, јакнењето на албанскиот национален идентитет е директна резултанта на клеро-шовинистичкиот пристап кон нив од страна на Русија, Србија, Турција, Грција додека пак про-западниот дискурс се должи на блискоста со Австро-Унгарија, Италија, Германија. Обидите на ЕУ и САД за редукција на националното како последица на предрасудите кон Исламот, нема да резултира во вртење кон Исламот, туку во јакнење на националистичката реторика и анти-колонијалниот дискурс. Токму како шго се случи во времето на СФРЈ и обидите на Србија и Македонија за јакнење на исламскиот наратив на сметка на националната свест и самосвест.
- Подемот и падот на Дританизацијата
Всушност, шверцувачкиот пристап на Западот кон муслиманите од Балканот помалку е определен од замислената исламска закана, а повеќе од конфузијата во европскиот дух во однос на христијанството. За разлика од француското, шпанското, германското разбирање на исламот низ призма на искуствата со арапскиот свет, или пак на американското евангелистичко клаустрофобичмно поимање на светот како „простор полн со опасности”, источното поимање отсликано од Орбан е базирано врз пропагандно одбивање на исламот како култура и широкогорадо прифаќање на Отоманскиот концепт на управување и доминација, дури и идеологија. Како што може да се заклучи од нескриената гадливост кон обичните муслимани во Унгарија, Полска, Словачка и адолесценската заљубеност на Орбан, Качински во Реџеп Таип Ердоган како модел и идол на управување со нацијата и државата. Следствено, токму пристапот на Орбан кон „предизвикот на муслиманите” е копи-пејст верзија на турскиот пристап кон Курдите или пак на египетскиот кон Коптите, иранскиот кон Евреите во Иран. Согласно формулата: послушни за добивање поддршка по дома, употребливи за пропаганда во надворешна политика. Затоа, парадоксот лежи во тоа дека муслиманите од Балканот се далеку подемократски, полиберални и про-западно настроени од автократиите на источна Европа. Следствено, Европа нема реален проблем со своите муслимани, туку со исчашените етно-капиталистички поимања на христијанството во сопствената современост. Вистинската опасноста не доаѓа од видливото, туку од ситните вируси кои ја подриваат смислата на Европа како семејство и ЕУ како идеја.
Апартхејдски решенија
Таа опасност неодамна беше јасно идентификувана и лоцирана од една австриска дописничка и познавач на Балканот, искажана низ изјава и предупредување токму поврзано со пристапот на Европа кон Заедницата во Косово. Накусо прераскажана, предупредувањето беше дека европската лекомисленост во пристапот преку игнорирање на владеењето на правото ја ништи специфичноста на Европа во глобални рамки и ја брише најбитната линија на разграничување помеѓу современоста на ЕУ и истокот. Доколку спремноста на Европа да разрешницата на „предизвикот на муслиманите” подразбира копирање на блиско-источниот модел на справување со „предизвикот на христијаните”, тогаш тоа неминовно ќе биде тивка победа на истокот и почеток на бришење на клучните дистинктиви помеѓу западот на владеењето на правото и истокот на шеријатот или каганат-болјарскиот концепт на владеење на правото на сила.
И повторно, сета таа дилема се прекршува врз Косово, начинот на разрешницата на спорот со Србија и неминовното идно жалење за миопично пропуштената можност. Косово навистина може да биде Израел на регионот, онака како што пред-колонијална Србија беше модел за Балканот. Косово благодарение на западот е издигнато врз волјата на Косоварите да се докажат и спремноста на западот да од темели изградат систем, институции, вредности кои ја прават таа земја исклучок од соседското сивило. Вистинската употребна вредност на Косово не е да низ дипломатски интриги се саботира самобитноста на една за да се излечат комплексите на друга држава или народ, туку да Косово биде употребено како модел на реформите во регионот. Инсистирањето на апартхејдски решенија секако ќе им удоволат на ривалските народи, но нема да помогне воопшто во нивна консолидација, модернизација, камо ли мир и стабилност во регионот.
- Паул Бојмер и векот на нихилизмот кој трае
Тогаш, дали е можен муслимански Израел во Европа? Одговорот е – резолутно не! Бидејќи ниту една од земјите со население од муслиманска вероисповест не прифаќа и не би прифатила зачленување или факторизација диктирана или определена од религијата. Како што, впрочем, е и пристапот на самиот Израел. Таквата идентификација ја еродира националната историја и го денигрира мулти-конфесионалниот, христијански и исламски субстрат во создавањето на идентитетот, засебноста, културата, определбата и државноста на секоја земја во регионот. Израел е секако прифатлив и пожелен како темплејт модел на современите достигнувања, живата – иако деновиве тензична – демократија, општественото уредување, економски развој и научен престиж. И тука запира секоја сличност.
Притоа, не треба да се изуми туку треба внимателно да се биде фокусиран врз промените кои се одвиваат како во односот на Израел со соседите, така и од аспект на односите во Балканот. Како што ерата на исламскиот фундаментализам и пан-арапскиот национал-социјализам замираат и отстапуваат пред налетот на национал-државниот концепт и прифаќањето на соработката со Израел како реалност и бенефит, така и ерата на југословенизмот и пан-словенскиот национал-социјализам отстапуваат кон реставрацијата на националната самобитна државност. Страничното третирање на било која нација според религиските карактеристики не само што е деградирачки за самата нација, туку може да послужи како катализатор на слични идентитетски двоумења и ривалства во соседството. Пример за тоа се речиси, безмалку до запирка идентичните поставености на либерална Србија кон улогата на Унгарија во нивната, така и поставеноста на либерално Косово кон улогата на Турција во Косово или Албанија. Не поради нив како држави и народи, туку поради експлоатацијата на религиските ексклузиви за нагласување на разликите на сметка на споделените европски вредности.