Магливо дно (Foggy Bottom) е една од најстарите населби во Вашингтон, датирана уште од 18 и 19 век. именувана поради маглата (а подоцна и смогот) која ја обвивала локацијата на населбата западно од Белата куќа. Името подоцна ќе стане метоним за Стејт Департаментот, седиштето на американската дипломатска служба и популарен фигуративен опис за магловитите и матни води на надворешната политика и воопшто дипломатијата. За да денес, токму маглата и смогот бидат најсоодветен илустративен приказ на тековните американски надворешни политики на Балканите. За кои дури ни блиските набљудувачи и инсајдери во главниот град на САД не успеваат да најдат јасна и прецизна дефиниција.
Речиси и да нема ден во медиумите да не прочитаме изјави на американските претставници во регионот кои се или взаемно контрадикторни или остро непринципиелни во однос на претходно искажаните ставови. Доминантниот тон на домашните реакции, пак, се сведува на мислењето дека политиката на САД, вклучително и онаа на ЕУ, во регионот е сведена на тврда поддршка за интересите на силните и безгрижно дрско отфрлање на мислењата на послабите. Колку и да се отфрлаат како неосновани, факт е дека изјавите на Габриел Ескобар и Кристофер Хил се драматично пожестоки во однос на Приштина, Подгорица, Сараево, а далеку поблаги, дури умилни, во однос на Белград, Загреб, Тирана, Бања Лука. Таквиот диспаритет се објаснува како последица на интересот на САД да ја приволи Србија кон Западот и да ја отргне од мечкината прегратка на Русија, или пак како желба преку Хрватска да влијае на создавање на барем привид на нормалност во Босна и Херцеговина. Добар дел од домашните прозападни сили во наведените земји беа свесни и подготвени да замижат и дадат предност на таквите приоритети на САД, во име на стабилноста и мирот во регионот. Проблемот е што проруските сили во Србија и просрпските сили во Црна гора, Босна и на Косово на дијаметрално спротивен и деструктивен начин ја читаат и употребуваат таквата „добронамерност” на САД и на ЕУ.
Погрешна стратегија
САД се длабоко убедени дека вината за кризата во Босна е кај партиите кои се три децении на власт, но таквиот став не го споделуваат и во Македонија, Србија или Албанија. САД инсистираат дека Сојуз на Српски Општини во Косово ја зацврстува тамошната мултиетничност, но не сакаат ни да слушнат истиот рецепт да го искористат и во Србија, Македонија, Црна гора. САД не штедат зборови и дела во саботирање на Албин Курти како „еден човек, една партија”, отворено плукајќи врз волјата на граѓаните кои го имаат изгласано за премиер. Но затоа се речиси расплакано, цмиздрулаво полни со разбирање за маките на Александар Вучиќ кој, ете, штотуку пред десет години ја презеде власта и никако да го остават на мир да ги спроведе реформите и да ја приведе Србија кон Западот. САД и нивните амбасадори во регионот Габриел Ескобар, Кристофер Хил, Ховениер се со широко отворени очи, уши, усти за секој и најмал пропуст на властите во Приштина и опозициите во Сараево, Тирана, Подгорица, а воедно бесрамно се држат за очи, уши и усти за која било дневна подлост на омилените им автократи во Белград, Тирана, Подгорица и Сараево. Во нивни очи, некогашната стратегија очигледно има еволуирано во дрскост, поддршката прифатена како кукавичлук, прозападноста како наивност на слабите.
Капката која ја наполни чашата на разочараност од кредибилитетот на американската дипломатија капна неделава со веста за приведувањето на висок функционер на ФБИ во Њујорк под обвинение за примање поткуп и веќе извесното замешателство на Еди Рама во давање поткуп. Балканот можеби не е помеѓу приоритетите на САД, но затоа балканските врски низ Вашингтон никогаш не биле поактуелни и поприсутни во тамошните внатрешно-политички битки. Прво беше оставката на обвинителот Џек Смит од Специјалниот Суд за Косово (по чиј налог беше уапсен Хашим Тачи) и неговото експресно именување како обвинител во истрагите против Доналд Трамп. Сега пак, агентот МекГонагли надлежен за истражување на врските на Доналд Трамп со руските олигарси на крај самиот завршува под истрага како осомничен за примање поткуп од премиерот на Албанија. А притоа, штипнете се за да потврдите дека не сонувате, истата денешна администрација на Бајден и на Блинкен со години го шиканираат, понижуваат и на црни листи го лепат Сали Бериша и сето неговото семејство. А притоа нивната „амбасадорка” во Тирана отворено и вулгарно им се заканува на гласачите дека оние кои нема да гласаат за омилениот уметник Рама, на крај ќе „пасат трева”!
„Црни листи“
Притоа, според првичните вести, во скандалот со агентот на ФБИ кој датира од пред 4-5 години се инкриминирани и „еден политичар и еден бизнисмен од Косово”, токму во времето кога САД се обидуваат да го исцртаат и истиснат Албин Курти од власта преку ангажирање на „алтернативни решенија” смислени од дипломатите Ескобар, Хил и Ховениер. И на крај, веста доаѓа токму среде медениот месец на Анџела Агелер во Македонија во која некаде со пастрмајлии, некаде со тулумби ја држи цела Македонија во надежно исчекување на „ете им на” некаква црна листа. Која, по ваквите вести од Тирана, сетики може да заврши како ништо повеќе од дипломатско префинето - со нож и вилушка - јадење бурек пред гладната публика отаде излогот.
Има ли некој во Вашингтон, во Фоги ботом кој е свесен што прават нивните дипломати во регионот? Одговорот треба да се бара во Конгресот и во Белата куќа. Бидејќи, гледано од оваа жабја перспектива, репутацијата на американската дипломатија во регионот како никогаш досега не била на пониски гранки и на тенок конец надвисната над отворена клоака. Притоа, колку и да звучи парадоксално, токму акциите на ФБИ или ДЕА се последната нишка на доверба на овдешните општества во зачувување на статусот и рејтингот на САД како моќ која знае да пресече, ем брутално ем правично. За разлика од маглите на Стејт департмент- дипломатијата која по толку дриблања, егзибиции, бравури и размени на дресови веќе ни самата не знае во чиј гол уфрлува топки – оној на Русија или сопствениот.
Каква и да е цената, колку и да е непријатно прашањето, веста од Тирана ја наметнува дилемата која како црв ќе се пробие кон површината. Се мислам, доколку еден премиер, омилен кај амбасадата во Тирана, поддржуван и фален од Стејт департаментот, имал храброст и дрскост да му понуди поткуп на еден високо рангиран службеник на институција со такво беспрекорно педигре како ФБИ, колку е далеку од паметта можноста и веројатноста дека истото можел да го стори – и биде услужен – од некој амбасадор или дипломат? Дали скандалот е во можноста, во прашањето или пак во догмата дека „срамно е и да се помисли на такво нешто”. Зарем?
Повеќе од авторот: Некои народи влегуваат во ЕУ, некои бегаат во ЕУ
Прашањето е семантичко. Ова се нови времиња, со нови релници, вокабулари, смисла на зборови. Кражбата не е лоповлук, туку е отуѓување. Банкротот не цркна фирма, туку е некаков дефолт. Корупцијата не е мито, туку е графт. Подмитувањето не е рушвет туку е место во управен одбор. Па така, низ овој регион тешко, никако, нема да најдете амбасадор или дипломат обвинет (не дај боже, отпуштен) поради корупција, но ќе најдете сместени во управни одбори на градежни компании, или како партнери на домашни политичари во безбедносни приватни агенции. Да повторам, дали е срамно да се помисли дека дипломатите се подложни на корупција. Или барем се инсинуира за, што знам, блискост со некоја лоби-агенција во Тексас, не така далеку од местото во кој се има родено и живеено овој или оној дипломат низ Балканите. Па уште во таквата агенција да работи некој со идентично, мошне популарно, исто презиме како и дипломатот. Зарем?
Кредибилитет
Сепак, најтревожната последица од ваквите поведенија не е кредибилитетот на личностите туку кредибилитетит на евроинтегративните процеси на сите земји кандидати. Едно е кога дипломатскиот притисок на моќните се врши низ канцеларии и институции, но кога таквите притисоци се прават без ракавици, отворено, јавно и дури со нескриена доза на ароганција, се поставува прашање дали методите ја уништуваат целта? Дали изговорот „за добро на евроинтеграциите” всушност станува причина за одбивање на членството во ЕУ поради недостаток на државен суверенитет и национален интегритет? Се плашам дека се погласниот молк од Брисел карши се погласните аргументи на американските дипломати веќе укажуваат на која фреквенција е расположението во Унијата кон регионот и примањето во членство на земји кандидати со протоколарно избрани водства и лидершип од американските амбасади.
Не е на нас да укажуваме до Конгресот на САД или до Белата куќа за веќе видливата неопходност за освежување на нивниот дипломатски кор во регионот со нови, свежи, од младешки јаранства, цивилизациски предрасуди или лични сентименти неоптеретени кадри. Впрочем, и онака веќе има доволноАмериканци во Вашингтон кои ја имаат согледано и гласно и недвосмислено идентификувано и објавено таа Ахилова пета на американската дипломатија на Балканите.
Ниту САД ниту ЕУ немаат веќе комотност или изговор за потпирање врз корумпирани политичари, медиуми, НВО-а како фактори на одржување на нивната популарност во балканските општества. Оние општества кои самите западни дипломати ги именуваат како „џунгли” а жителите како „мајмуни”. Напротив, токму акциите на ФБИ и оние во Евр-парламентот против корупцијата во сопствените редови имаат повеќе придонесено кон зачувување на нивните престижи отколку сите скапо платени несмислени семинари и конференции во последната декада. Вашингтон и Брисел час поскоро треба да ја увидат таа реалност и да го следат примерот на прочистување на сопствените редови. Бидејќи, по триесет години дружење, колку што тие од Западот не запознаа како жолта политичка паричка каква што реално сме, толку и ние од „џунглата” си дознавме колку евтино и неказниво чини поткусурувањето со западната дипломатија во спрега со домашната олигархија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.