Традиционално, крајот на политички мртвата празнична сезона започнува со бурни ранојануарски настани. Отпрвин најавени како експлозивни, за до крајот на зимскиот распуст да се препознаат како петарди. Секој се обидува да наметне свој ритам, да го дигне расположението на следбениците и да ги депримира ривалите, да ја возбуди јавноста и да го диктира темпото за следната зимско-пролетна сезона. Таа традиција продолжи и годинава. Елем, кои се клучните впечатоци кои засегнатите сакаат низ сопствените „јавности” да ги наметнат над граѓаните?
Да почнеме од највлијателниот фактор - меѓународната заедница. Предновогодишната треска на очекување на објавување нацрни антикорупциски листи спласна со најавата – дадена превентивно ден пред доаѓањето на Шоле – за формирање на некаков Глобален координатор за Антикорупција. Преведено на обичен јазик, смислата на таквата Глобална координација лежи во свеста дека антикорупциската етикета е поефикасна како закана на рати, отколку нечие еднократно спружување на насловна страна. На која и онака сите имаме стекнато имунитет на стадото. Притоа, фактот што Шоле дојде, се виде со Ковачевски и замина без да се поздрави со опозицијата, невладините и медиумите, е прилично јасна назнака за должината на листата на оцрнети и на дистанца држани домашни фактори. До толку, што се чини дека дури ни на Крис Хил не му успеало да протурне некој од Пешевите или Азески за барем едно пусто селфи со Шолета.
Да проложиме со посетата на Али Ахмети и приколките му на Тирана кај блазираниот Еди Рама. Сумирана пост фестум оценка на сета парада е како од вицот за „не дај боже што ти мисли мајка, дај боже што ти мисли сопруга”. Севкупните очекувања кај Албанците беа сведени на „дај боже да се остварат стравовите на македонските медиуми и партии”; кај Македонците на „дај боже да се остварат стравовите за да докажеме дека не измислуваме”. На крај, едни заминаа преку Приштина, други преку Елбасан, оставајќи зад себе внатрешно раскарани партии поделени на „огнени и мисионери” во ДУИ, на „ердоганисти и давутоглисти” во Алтернатива, на „ковачевисти и оливеристи” во Алијанса и Мендух Тачи, кој веќе и нема со кого да се дели во оваа двајца-без-тројца ДПА.
Ковачевски е зависен од Ахмети, но и Ахмети зависи од Ковачевски
Да се надополниме со последната линија на надежта во ВМРО-ДПМНЕ, кампањата наречена „Ковачевски е слуга на ДУИ” стокмена за ублажување на наводното пактирање на Христијан Мицкоски со доскорешниот „предавник” Зоран Заев. Доколку ве гризе љубопитноста и се загледате троа подлабоко од медиумските лакировки на ВМРО-ДПМНЕ, ќе увидите една индикативна нота која ја побива доскора реалната критика кон Ковачевски како „слугинче на Али”. Имено, и како што во ВМРО-ДПМНЕ добро знаат, таа понизна поставеност на Таче беше веродостојна сѐ до појавата на фракциите во ДУИ и особено по доминацијата на фракцијата „огнени” на Меџитинад фракцијата „мисионери” на Груби (докажано со одбивањето на нови средби на претседателството во Речица поради изгубеното мнозинство). Во оваа нова реалност, Ковачевски е зависен од Ахмети квантитативно во Собранието поради бројките, но Ахмети е подеднакво зависен од Ковачевски квалитативно во Владата, во која Ковачевски има легитимно право да ги (раз)реши Груби и Османи и предизвика раскол во Речица. Дотолку повеќе што по отстранувањето на реформската опортунистка Шеќеринска, на циничниот албанофоб Димитров, компромитираниот Филипче, маргиналниот Шилегов и самиот безмалку „црно-олистен“ Зоран Заев, токму интегристите Груби и Османи носат петно на сомнително поведение, во дружба со Оливер Спасовски.
Особено доколку се вистинити шпекулациите за Груби како корисник на „снимките” дадени од Заев за уцена на сопартијците и Ахмети лично, со што се дава повод за дилема за природата на односите меѓу Заев и конфидантот на Али. Воедно, низ кулоарите веќе нашироко се поставува прашањето зошто амбасадорското именување на Виктор Димовски предизвика таква контроверза, за разлика од поранешното именување на Љубомир Данаилов Фрчковски со не помалку петна од оние на Димовски? И двете именувања го тангираат Бујар Османи пред сѐ, следено од Стево Пендаровски, и на крај самиот Али Ахмети како кротко согласен со замислите на Заев. Нивниот молк не става крај на шпекулациите, кои може и да добијат на сила во месеците пред нас. Едноставно, везењето флоскули на интегристите за евро-вредности, за НАТО, за прозападство одамна веќе не кореспондираат со делата на ДУИ во бизнис зделките со лица од Република Српска, или форсирање ликови со сомнителни српски и руски бекграунди.
Мицкоски не е сигурен во кого да се надева
За разлика од двоецот СДСМ-ДУИ, кои наликуваат на слепиот и глувиот од комедијата „Не гледам зло, не слушам зло” и си ја разбираат маката и упатеноста еден на друг, статичниот Мицкоски има уште сосема малку време пред граѓаните да разберат дека ни тој самиот не е во толку поволна ситуација. Бидејќи доколку Ковачевски и Ахмети барем знаат од кого зависат, водачот на ВМРО-ДПМНЕ не може да даде гаранции ниту за тоа од кого може – гарантирано – да очекува помош или поддршка. Напуштен од Таравари, во кого се надеваше, напуштен од Гаши, во кој премиерски вложуваше, напуштен од Данела Арсовска, во која самоуверено се колнеше, развлечен како јо-јо од Апасиев, со кого калкулираше, на Мицковски му успеа да ја стави под сомнеж неговата стратешка визија и способност на испорачување на што било – подолго од неколку месеци. А се плашам дека наскоро го чека невесел ишарет и од Тетово. Имено, треба повнимателно да ја разгледа храброста на Касами да му даде иш-карта на Ахмети, но не и да одбие средба со Еди Рама. Досегашното патешествие на Христијан Мицкоски низ политичката сцена укажува дека нема сосема јасна претстава за последиците на исклучивоста во соработката, како предворје на зависноста, независноста, изолацијата и забеганоста. Во сновиденија.
- повеќе од авторот: Некои народи влегуваат во ЕУ, некои бегаат во ЕУ
И сето тоа, и сето ова на почеток на оваа година на зајакот според кинескиот хороскоп. За која велат дека ќе биде добра кон оние кои пожртвувано се труделе во последните години, како и за оние кои биле спремни да преземат рискантни потези. Значи, ретко кој кај нас може да очекува успешна година.
- повеќе од авторот: Така зборуваше Џоу Енлај за 2023 година
Она што е поизвесно дека нѐ очекува е продолжување на рушењето на нашите – и меѓународните – политички Понзиеви шеми (финансови пирамиди, н.з.), кои мината година и годината пред тоа се покажаа како шупливи. Меѓународната заедница, особено САД, веќе се има соочено со последиците на нејзината Понзиева шема приредена кај нас преку Зоран Заев, Катица Јанева и декласираната псевдо-либерална мрежа инсталирана од Сорос во невладиниот сектор и медиумите. Кавгите и прелевањата од СДСМ кон ВМРО и од ВМРО кон СДСМ, шизмите низ сите албански политички партии се потврда дека Понзиевите шеми на лажниот реформизам, на фингираните идеолошки патрдии, на изглумените националистички или мулти-дисциплинарни пози полека се уриваат во себе, тресејќи ги фотелјите и на оние на највисоките позиции.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.