Во психологијата, терминот „Интервенција“ подразбира здружена акција на семејството, пријателите и психотерапевтите во освестување на одредена личноста за неговите/нејзините несоодветни постапки, поведенија, чувства или ментални растројства предизвикани од зависност, начин на живот или заболување. Во будистичка Јапонија терминот „Шакубуку“ (折伏 - кршење и потчинување, превод) подразбира процес на прочистување на личноста од лажни и негативни учења, мисли, поведенија кои не се во согласност со будистичките правила. Во Македонија, соодветниот термин за таквите поведенија, во дадениот случај оние вперени кон Али Ахмети, се нарекуваат - „Свестетесе“.
Како што е најавено, викендов во Мала Речица треба да се одржи своевидно комбинирана Шакубуку-интервенција за освестување на лидерот на Демократската унија за интеграција по иницијатива на неговите најблиски, најверни и најдолговечни сопартијци и конфиданти. Номиналниот повод е вештачки оркестрираната доминација на Артан Груби во партиските и владините кругови на интегративците. Поткрепено со процутот на непретставителност и изненадувачкиот подем на сопартијците кои погласно или подискретно ги споделуваат ставовите на групацијата која Ахмети лично ја етикетира како „огнена“. За очекување е дека површниот фокус на дебатата ќе биде врз „кумчето“ на Али, но супстанцијалноста ќе биде концентрирана врз политичкиот курс на партијата и застранувањата предизвикани од самиот водач.
Капката која ја прели чашата
Колку и пулените и опонентите на Ахмети да се трудат да нѐ убедат во популарноста на првиот од ДУИ, реалноста е дека неговиот имиџ веќе подолго време бледнее не само во очите на албанскиот електорат, туку и во самата партија. Доколку ДУИ претходно ги добиваше изборите главно на сметка на популарноста на Ахмети, последните изборни циклуси укажуваат на спротивното - дека Ахмети опстојува благодарение на партијата. Но доколку јавно демонстрираната патолошка потреба на првиот интегративец за самофалење можеше да му се прости по изборната победа од 2020 година, она што следеше во месеците потоа беше трагична патрдија во која Али не сакаше да ги согледа сожаливо-збунетите погледи кон него од неговите сопартијци.
Капката која ја прели чашата на трпение и ги скрши Доријан Греј портретите на Артан, Бујар, Крешник и самиот Ахмети, загледан во нив како во свој автопортрет, не се случи со последното обраќање на ветераните Меџити, Беџети, Џафери. Вистинскиот повод е настанот од пред точно една година. Во пресудниот час за судбината на Владата, предизвикан од „левица и десница“, опозициската дружба во Собранието, Ахмети, Груби, Ковачевски веќе беа подготвени да преминат во опозиција. За нивната судбина, а со тоа и онаа на евроинтеграциите и стабилноста, да биде спасена од интервенцијата на Изет Меџити во обезбедување спасоносен златен глас од неговиот пријател Кастриот Реџепи. Она што уследи беше колективната хистерија против Кастриот, молк на Меџити и адолесцентска парада на Ахмети во фалбаџиско-мангупско сликање со цигари в уста, пеење по лимузини и рекламирање по телевизиски екрани. Но во очите на сопартијците, кои ја знаеја вистината за неговата „несоборливост“ и туѓи заслуги за неговата победа, ѕвездата на Ахмети сѐ повеќе венееше и предизвикуваше гнев.
Упатените во историите на ДУИ знаат дека ова не е првпат „победливоста“ на Ахмети да е обезбедена од умешноста на сопартијците (дел од нив од огнената група), спремни за атер на лидерот и партијата да чинат нешта кои би предизвикале гадливост кај Ахмети, но не по цена на одрекување од власта или самобендисаноста. Така беше и при (не)славниот премин од седлото на Груевски во она на Заев, за која јавните заслуги се припишуваат на Ахмети, иако во реалноста тој не беше ништо повеќе од статист во преговорите водени од дел од сегашните бунтовници со СДСМ и без никакво учество на Груби, Османи, Бектеши. Сегашните блуткави позерски самофалења на мисионерите Ахмети, Османи, Груби се условени од една неизбежна реалност: да не беше интервенцијата Меџити-Реџепи, ќе ги немаше во министерства, ќе немавме евро-преговори, ќе имавме проруска влада. А некои ќе висеа по судови.
Изгубена самоконтрола
Добар дел од вината за отуѓеноста на Ахмети од партијата, соборците, Албанците и пред сѐ реалноста сепак лежи кај оние кои денес му опонираат, т.е. огнените. Кои во залет на одржување на митот на Ахмети, на галење на неговата препотентна накострешеност, на одржување на сопственото влијание, создадоа иреален свет на лаги во кои самиот Ахмети почна да верува и соодветно да се однесува. Како што Ахмети ги голташе плацебо-пилулите за неговата „ново-скендербеговска мисија“, така растеше и гадливоста од „простите“. Со секоја победа, лидерот од Зајаз имаше потреба за еден чекор подалеку од „сељаците“, од војната, од себе. Бегајќи подалеку, таму, во скутот на дипломатијата, фразеологијата на „ceshtje madhore“ (историски големи прашања), во магливоста на умот. И на тацна на оние кои навреме ја препознаа психолошката зависност на Ахмети од фалби и спремни да му понудат уште посилни опијати на грандоманска делузија.
Симптомите на изгубената самоконтрола стануваа сѐ повидливи за Албанците и попогубни за опиениот Ахмети. Неговиот револт од срамните бладања на Заев за „петпарачки Албанци“ секна побрзо отколку што еруптираше. Неговите видео записи за споделеното анти-Албанство на СДСМ и ВМРО го ставаа во контрадикторност со поведенијата при дружбите со истите претставници на анти-Албанството. Неговото инсистирање за истражување и осуда на геноците врз Албанците траеја до првиот свиреж упатен кон него од Еди Рама и Александар Вучиќ да им се најде како комичен декор околу бунарот во Охрид. Неговите интригашења во триаголникот Приштина-Тирана-Скопје колабираа со падот на илегалните структури и подемот на современите политичари во Косово, раслојувањето на политиката во Албанија и кловновизацијата на неговото претставништво во Владата на Ковачевски. Обидите за пробивање на изолацијата предизвикана на него лично и неговите пулени стануваа сѐ попроѕирни и трагикомични, било да се дружбите со Сорос или обидите низ Фрчковски да обезбеди какво-такво информирање за Косово. Притоа, низ кулоарите сѐ позасилено се дебатираше отсуството на Груби и Османи од Тирана и Приштина.
Соочување на „огнените“ и „мисионерите“
Средбата во Мала Речица е помалку битна за судбината на и онака презрениот Груби или загрижениот Османи, дури и самиот мисионерски позер Ахмети. Минатогодишната епизода укажува дека во прашање не е само водството на интеграциите, туку и судбината на евроинтеграциите и прозападниот курс на земјата за кој одработуваа и обезбедуваа „огнените“, а се фалеа и профитираа „мисионеритe“. На сцена ќе се одвива соочување меѓу тврдата теренска реал-политика на „огнените“ и медиумски и клиентелистички лажен идеализам на „мисионерите“. Во таа поделба, предноста е на страна на огнените кои ја имаат реалната изборна поддршка на теренот, дури и без парадерството на салонските „мисионери“ на ДУИ кои добро знаат колку реално тежат на изборните места.
- повеќе од авторот: Огнена група на огнената линија
Непретставителноста предизвикана од Ахмети и Груби сериозно ја поткопува поддршката за ДУИ. Иако најгласните протести доаѓаат од Скопје, состојбата е уште потензична во Тетово поради заситеноста од доминацијата на „скопските тетовчани“ како Фатмир Бесими или Теута Арифи, кои од ДУИ добија сѐ, а за Тетово не обезбедија ништо. Колку реално тежат Ахмети, Груби, Бесими се докажа на последните избори, на кои ниту голите старлети ниту фабриките на Дестани не беа доволи за ублажување на желбата на тетовчани да ги казнат и понижат умислените интегративци. Или како што ќе укаже познат тетовски новинар од старата генерација: „Али не сакаше да разбере дека Груби во Тетово е нон-грата како Бериша во Америка. Оној кој не го љубат во Скопје, не може да помине ни во Тетово.“
Најболниот момент за Ахмети е сепак двоумењето во меѓународната заедница, заситеноста од бесплодните парадерства на Груби, Османи, Бесими и свеста за битноста на обезбедување реална поддршка на теренот - како за евроинтеграциите, така и за обезбедување на прозападниот курс во албанскиот кампус владата. Мисионерите можат да го манифестираат, рекламираат, монетаризираат, но никако не и да го гарантираат таквиот курс. Ахмети, сосема извесно, не е свесен дека од аспект на меѓународната поддршка тој е во слична ситуација како Груевски претходно. Дека опстојувањето на партијата и интересите на државата се далеку побитни од опстојувањето на лидерот и неговата клика.
- повеќе од авторот: Денот потоа
Успешноста на „огнените“ е определена од спремноста не само да ги елиминираат непретставителните фигуринки на Ахмети, туку и да се самоцензурираат од добивањето владини функции и позиции. Во опонирањето на Ахмети тие го докажаа „јунаштвото“. Но само низ одрекување од личните бенефити тие ќе можат да ја потврдат „чојноста“ (чесност, карактерност, н.з.) на своите мотиви. Во секој случај, периодот на наметнување на провизорно насадени ликови како потенцијално идни раководители на ДУИ е завршен. Отстапувајќи место за реа-политиката во која функцијата тежи зависно од поддршката на членството и гласачите, а не сезонските ќефови на лидерот. Ерата на „огнените“ заврши пред четири години. Следи простувањето од „мисионерите“. Се разбира, доколку ДУИ сака да продолжи да биде партија со гласачка моќ и политичка визија. Но каков и да е епилогот од средбата во Мала Речица, едно е веќе евидентно - отсега натаму, Али Ахмети е само претседател на ДУИ. За лидер на партијата, допрва ќе се решава. На теренот и според заслугите.