1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огнена група на огнената линија

29 септември 2022

Принципот на судир помеѓу ептен трулото и тековно трулото мириса од Речица до Бихаќка и Бела палата со иста арома на расипаност во ноздрвите на огромното мнозинство гласачи. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4HVaL
Седиштето на ДУИ во Мала Речица
Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

„Тукушто помислив дека излегов, тие ме вратија внатре” – Мајк Корлеоне.

Многу дим околу објавата на Огнената група дадена во земјата лоцирана на Огнената линија. Причините, мотивите, побудите и очекувањата на засегнатите страни пренесени низ стандардните новинарски прашања: кој, што, кога, каде, зошто и како се случи тектонскиот земјотрес и цунами во утринското кафе на Али Ахмети.

Кој: Грото политички активни актери на т.н. Огнена група се од скопскиот регион. Засилени со екс-функционери како Муса Џафери (Кичево), Невзат Бејта и Башким Хасани (Гостивар). Помалку како куриозитет и повеќе како индикативен податок е дека водечките ликови против Артан Груби денес се всушност истите ликови (плус Ермира Мехмети и Мухамед Зеќири) кои пред десетина година даваа се од себе да го препорачаат и вклучат Груби во ДУИ. Целта, според нивната замисла, беше преку „припростиот полтрон” Груби да се имитира модернизација на партијата и спречи автентичната модернизација во која тие би останале со кратки ракави. Таа наивна пресметка на поддржувачите на Груби како „предвидлив невладин актер” се совпаѓаше со пресметките на одредени западни дипломатии и делумно од македонскиот естаблишмент за подривање на силната кохезија во скопскиот огранок. Предводен од Беќир Асани, кој ужива(ше) поддршка на членството и еден од ретките (поточно: единствен) кој не се стеснуваше мошне гласно, дрско и отворено на Али Ахмети да му ја исцрта пред нос линијата до која може да наметнува самоволие според моделот практикуван во Кичево, Тетово, Куманово итн.

-Други колумни од авторот: Кукавичките снајпери над Приштина и Белград

Првичните преиспитувања околу Груби ќе настапат по именувањето на Груби за шеф на кабинетот на Ахмети и отворените дружби со тогашните политички и полициски првенци на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со нескриената присност со Радмила Шеќеринска од СДСМ. Она што наскоро ќе уследи ќе биде увертира во динамиките кои ќе донесат до појавата на Огнената група. Следува чистка на ветерани од првите позиции на партијата кои панично предоцна ја разбраа фаталноста на нивната поддршка на „хулиганот”, како што го именуваа. Помош, или соучесништво, во таа операција даде самиот Зоран Заев со неговата отсекогаш сомнителна селекција на „бомби” во кои печатот беше ставен врз Беќир Асани, Муса Џафери, Ермира Мехмети, т.е. фактичката ударна тупаница која обезбедуваше победи на ДУИ. Селективноста на тој пристап на СДСМ, ВМРО кон бомбите е јасна кога ќе се спореди со целосното отсуство од бомбите на Теута Арифи или Фатмир Бесими, и покрај нивното учество во нив. По бомбите следуваа изборите и губењето на моќта на ДУИ. Прашањето кое остана ем недебатирано, ем неодговорено е дали тогашниот подем на Мухамед Зеќири, Артан Груби, Бујар Османи би бил така лесен или воопшто можен да не беа претходните сурови елиминирања на Асани, Мехмети, Џафери. Луѓето од ДУИ ќе кажат – не. Онака како што некогаш Меџити обезбедуваше гласови благодарение на исламистичките кружоци и националистот Асани, така и Груби се шверцуваше на бранот на осовремување, блискоста до Ахмети и прозападен имиџ. Како што се литеше демагогијата на Меџити некогаш, така сега се кине и паѓа маската на Груби.

Артан Груби, Арбер Ахмети, Бујар Османи и Али Ахмети од ДУИ
Артан Груби, Арбер Ахмети, Бујар Османи и Али Ахмети од ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Во што е суштината на спорот во ДУИ? 

Што: Доколку ги запрашате засегнатите околу што се води спорот во ДУИ, ќе добиете одговор согласно со нивните амбиции. Околу баналноста на функцијата. Бидејќи по секое друго прашање постои темелна согласност на двете засегнати и навидум конфронтирани групации. Двојазичноста? И двете групи се согласни дека ја има ама дека треба уште едно 3-4 мандати за нив за да ја завршат  историската мисија на Али Ахмети.  Економијата? Како што велеше Изет пред седум години и Груби пред неколку месеци, постигнато е многу, но не и целосно. И за тоа се потребни уште 3-4 мандати за да се заврши работата до крај. За Отворен Балкан? И двете групации се согласни со Али Ахмети дека „Александар Вучиќ рече дека ќе видат тие за година дена што се ќе направи”. Наредете ги тука евроинтеграциите, борбата против корупција, иселувањето и ќе добиете така усогласени одговори на Меџитлии и Грубијани на кои би им позавиделе и дечињата од Виенскиот хор. Единственото разногласие е во привилегијата на владеење и формулата „стани ти, седнав јас”. Ерго, баналноста на кавгата е факторот кој ги ништи и двете групации, разголувајќи ги во нивната себичност, егоизам, подметнувања, ситничарење, корупционерство и аморал.

-Други колумни од авторот: Македонија е во НАТО, Скопје сѐуште не

Кога: Не клучен, но секако поучен детал од последната rumble in the jungle пресметка во ДУИ е дека „филмот на пироманите им пукна” единствено по именувањето на блискиот роднина на Изет Меџити за амбасадор во Норвешка. Без противење од Груби и Османи. Се случи и по објавата на уште една од редица други проруски игранки на најблиските соработници на Али Ахмети, т.е. договорите околу изградбата на автопатиштата и неименувањето на педесетина директори предложени од ДУИ и блокирани од функционери на ДУИ. Очекувано, Огнената група не се огласи ниту по прашањето на Дака во Тетово, Фрчковски во Њујорк, руските набљудувачи над Енкел-Бехта стратешките проеките. Но тоа не е сѐ, би рекле од маркетинг агенциите.

Јавното раслојување во ДУИ се случува непосредно по и во тек со случувањата на севкупната политичка сцена. Од која замина Зијадин Села, сметан како единствена каква-таква реална закана по имиџот на лидерот на ДУИ. Се случува паралелно со кадровските пресипувања од шупливо во празно помеѓу СДСМ и ВМРО во кои веќе не се знае кој кому припаѓа, кој кому вода носи а кој прави ситни акшам пазари пред крупни кванташки пресметки. Раслојувањата во (о)позицијата подразбираат нови пазарења за предизборни договори. Кои Ахмети навреме ги пресретнува преку истурени играчи кон сите постоечки и идни политички субјекти.

Каде: Поврзано со тоа е и прашањето за начинот на кој се одвива пресметката. Низ портали. Низ социјални мрежи. Низ кафулиња. Но не во директни тв-соочувања. Не во Претседателството на партијата. Не во Собранието, каде Изет плус една пратеничка (и еден пратеник плус) можат на сосема лесен начин  да го донесат и Али Ахмети и Димитар Ковачевски пред свршен чин,  во крајно невралгичен момент. Изборот на начинот на комуницирање е битен за Огнените и болен за Ахмети пред сѐ, но и за Груби и Османи подеднакво.

Она што помина не толку забележано е дека вечерта на прокламацијата на Огнената група се објави вест (од медиуми блиски до ДУИ) дека е дадена понуда  Бујар Османи да биде жртвуван  за спас на Груби. Премолчаното во тоа е прашањето: кој би го наследил Османи?

Веста тврди дека изборот би бил даден од Огнените. Но со оглед на тоа дека таа групација нема соодветен кадар, поупатно е дека идејата е Груби да биде префрлен во МНР, а Османи (секогаш полојален кон премиерите отколку кон лидерот или сопартијците) биде ставен на листа на амабасадори. Мотивот за таа рокада е во претстојното претседавање со ОБСЕ и сите погодности кои тоа ги нуди за меѓународно кариерно профилирање и бег од домашната изборна непопуларност. Нешто што секако би му одговарало на Груби, патриотските линии на македонскиот естаблишмент и самата Огнена група. Но прашање е дали таквата рокада би била по вкус на меѓународната заедница? Вистина, почетниот ентузијазам на ЕУ од ликот на Османи видно спласна во последните месеци, но тој сепак останува поприфатлив од Груби поради неговиот севкупен имиџ и сомнежи дополнително засилени со последната автопатна афера. Но, како што љуби да каже Ахмети, ништо не чини доколку се проба. Впрочем, тоа го разбра и самиот Османи, кој по долго мирување, одеднаш се сети на мотивот дека да го љубиш Ахмети јавно е побитно отколку да го милуваш Таќе тајно.

Паралели со другите партии

Зошто: Во основа, самата приказна и огромното внимание околу спорот Огнена Група контра Груби е илустративна за тековните односи во сите политички партии во Македонија. По што и во што се Изет и Муса поразлични од Максим и Бранко во СДСМ или Оливер и Никола во ВМРО? Настрана нијансите, принципот на судир помеѓу ептен трулото и тековно трулото мириса од Речица до Бихачка и Бела палата со иста арома на расипаност во ноздрвите на огромното мнозинство гласачи кои упорно и упорно и тврдоглаво и нападно и аман-бре-луѓе! повторно упорно укажуваат низ анкети дека најпопуларниот лидер во земјата не добива повеќе од 7-10% поддршка. За сите актери во ДУИ, идентично на оние во сличните кавги во СДСМ и ВМРО, најбитниот мотив е ривалствата да се држат во строг однос помеѓу слични по карактер и споделен скриен, но жесток судир со новото кое нема никаква допирна точка со било која од скараните фракции. Во судирот помеѓу Изет-Муса со Бујар-Артан победници се обете страни, истото се однесува на судирот Бранко-Максим со Заев-Ковачевски или Оливер-Даниела со Мицкоски-Груевски. Во судир на допелгангери жртви се секогаш оние кои не умеат да ги распознаат двете лица на истото зло.

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Доколку не верувате, послушајте го самиот Али Ахмети. Кој низ пораката дека не е политичар, туку мисионер им ја стави под нос минливоста и потрошноста на двете групи, а преку нив упати предупредувачка порака и до Ковачевски, Мицковски, Црвенковски. Втората порака, дека ДУИ може и без него, Муса или Изет, дека ќе мора да го носат на врат уште четири-пет години беше паралено смирување на страстите на Огнените и свилен гајтан за Груби и Османи да не се надеваат на превземање на водството над партијата.

Како понатаму: Онака како што налагаат новите реалности на Северна Македонија и кои подразбираат поинакви кадри и ликови од оние на Изет или Артан, Муса или Бујар. Чистката на политичката сцена која започна минатата година со отстранување на Заев, Димитров, Шеќеринска, Шилегов не ја одмина ДУИ, а нема да ја поштеди ни ВМРО. Времето на малигниот нарцизам и популистичкиот паразитизам налепен кон дневно-политичкиот тренд кој ја труе политиката ѝ е гарантиран од олигархијата и полицијата, е на замирање. Водејќи ја политичката и партиската сцена кон хаотични сценарија низ кои ќе се врши прочистување и одделување на партиското од административното. Непријатен и мачен, но секако неопходен процес.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач