1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е во НАТО, Скопје сѐуште не

8 септември 2022

Македонија е членка на НАТО. Секој наш пријател и непријател е свесен за тоа. Само политичко-партиско Скопје сака да истрча уште еден, два круга околу НАТО. Како пилиња пред супа. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4GZI0
Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Досега беше лесно. Бавењето со политика. Сѐ што требаше е да се приклоните кон една од двете селекторски школи на политиканство. Спротивно на вкоренетите убедувања дека нашите политичари се избираат од Американците, во реалноста таа дејност повеќе се поврзува со Германија и нејзините скаут-извидници во потрага по таленти. Што е сосема логично, со обзир на искуствата, контактите и традиционалните интереси на германската политика, економија и дипломатија за цементирање на влијанието во регионот.

Благодарноста на домашните политичари за таквата поддршка додека се во опозициони клупи цутеше до првото соочување со реал-политиката штом ќе седнеа во  владејачки кабинети.  И испораката на zahlen bitte цех-потсетувањето дека во политиката нема бесплатни ручеци. Исплатата и наплатата од прва се одвива со насмевка, понекогаш со чкрипење заби, полесно подносливо со фенси посети во Берлин и Брисел. Сѐ додека цената ќе стане превисока за домашниот рејтинг, клиентелата и заборавот за поддршката дадена во тешките опозициски времиња. Во тој час на сцена стапува американската коњаница.

За разлика од домашната поп-политичка претстава дека Америка ни ги бира политичарите, реалноста е троа подруга. Америка не промовира политичари, туку само спречува политики (и нејзини експоненти) кои се спротивни на нејзините –и наши - интереси во земјата и регионот. Германската политика е промотивна, американската политика е превентивна, распределба на улогите, поточно впечатоците, кои не се базираат толку врз германско-американско ривалство, колку што е плод на симплифицираниот мајндсет на нашите провинциални разбирања на светот. Поради што и пријателството со САД трае до часот на носење тешки одлуки, со помалку германска галама и повеќе американски свилен гајтан. По кој следи третиот чин во оваа претстава. Бегството од „диктаторскиот демократски” Запад и вртењето кон „народно слободарска” Турција, Русија, Кина виа Белград.

Оваа оперета во три чина толку често се има репризирано на нашиот домашен и регионален репертоар што конечно доведе до раритетна спонтана едногласност на домашните општества и главните градови на наведените центри на моќ. Дека секоја политичка ориентација на овдешните политичари трае сѐ додека на маса не им се испорачаат тешки одлуки за исполнување. Во тој распоред на замисли и очекувања се крие и логиката на амплитудите од вознес до разочарување на Берлин и глаголиво љубезната дистанца на Анкара, Москва, Пекинг. И константната доминација на Вашингтон во домашната политика, благодарение на неемотивниот однос лишен од персонални плеткања, минимумот на инвестиции и очекувања и инсистирањето на институционалната соработка надвор од партиски, етнички или идеолошки компликации. Таквиот фокус врз превенцијата и инстиуционализацијата е и причината зошто скраја сите емотивни турбуленции, односите помеѓу САД и нас и регионот остануваат журналистички досадни, но ефективно благопријатно продуктивни.

Други колумни од авторот: Религиозен секстремизам

Дисекцијата на овие надворешно-политички односи кон нас е предуслов за дисекцијата за тековните внатрешно-политички односи кај нас предизвикана од новата реалност на бивање земја членка на западниот воено-политички сојуз. Таа дискрепанца е причината за двете тековни карактеристики кои паралелно се одвиваат пред нас: институционалната смиреност и полит-партиската хистерија. И што повеќе ќе се цементира институционалната смиреност низ чистење на администрацијата согласно сојузничките стандарди, толку погласна и поодбивна ќе биде полит-партиската и медиумска галама.

Почеток на вистинското раслојување

Површните набљудувачи на политичките собитија ќе утврдат дека ова раслојување започна со падот на Груевски. И тоа е сосема погрешна претстава. Бидејќи во реалноста, самиот Груевски и неговата камарила се само последната гарнитура политичари од веќе наведениот опис за подемот, владеењето и падот на политичкиот провинцијализам кај нас. Согласно истата реалност, вистинското раслојување започна со нашето  зачленување во НАТО  и институционалната чистка на групациите Заев-Шеќеринска. Тоа е иницијалната каписла за тековните раслојувања на политичката сцена која се одвива последите десетина месеци, во финалена фаза пред нејзината очекувана егзекуција на следните избори.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Да почнеме од врвот.  Димитар Ковачевски  во првите шест месеци на неговото владеење успеа да изгради имиџ на медиумски непопуларен и општествено прифатлив лик налик на Борис Трајковски, благодарение на спремноста за дистанцирање од и санкционирање на сопствената политичка опција. Неговата непопуларност се должи на одбивањето да ја продолжи пародијата на Заев и Мицковски во глумење ривалство, како и купувањето на медиумска популарност преку наемни медиуми и уценувачки уреднички Бард-овци. Неговата прифатливост се должи на внимателното дистанцирање од запалливи вокабулари, популистички паради и карактерни гафови. Ковачевски секако не е натпартиски лик, но е секако надидеолошки премиер, повеќе ориентиран кон прагмата и помалку кон догмата. Неговиот најголем ривал и предизвик во следните кризни периоди е тој самиот и неговата умешност и спремност да одолее на предизвиците на заевистички гафови и себепреценувачки потези. Изјавите за бришење граници во регионот, дадени во час на промилска еуфорија крај Вучиќ и Рама, се евидентен доказ дека во него има доволно камиказа-капацитет за пукање во сопствени нозе.

Што се однесува на СДСМ, ВМРО, ДУИ,  Алијанса, Беса, најлесниот начин за објаснување и разбирање на нивниот меѓусебен однос и позиции е доколку истите ги споредиме со политичката сцена во Србија, минус Вучиќ. Однос кој најпрецизно може да се опише како копија на фотографирано пресликана реплика на Белград во Скопје. Владејачка партија расчеречена од внатрешни криминални судири, поделена на проруски и прозападни експоненти, гангрозно загноена од сикофантија и во бегство од сопствената убиствена инертност преку претопување во нови политички коалициони творби (Српски Блок или СДУИ). Тоа е СНС во Србија и СДСМ во Македонија.

Последниот талог на популистичкиот наратив

Опозиција која на крај се докажа дека во ништо не се разликува од владејачката партија, освен во желбата да биде калиф наместо калиф. Неспособноста за предводење се компензира преку кукавичко следење на последниот талог на популистичкиот наратив на плебсот дефиниран и цементиран од минатите експерименти на владејачката партија. Наследството на подземно канализациско шурување со идеолошкиот ривал сега е прелеан низ улиците на главниот град преку квичење и гризење меѓу старите и младите стаорци од безбројните идеолошки, локалистички, клановски дувла на службите. Тоа е опозицијата во Србија и опозицијата во Македонија.

Во тој процес на раслојување, реминисценцијата на традиционалната СДСМ и ВМРО денес нема да ја најдете ниту во Бихаќка ниту во Белата палата, туку во ДУИ и албанската опозиција. Традиционалниот албански политички мајндсет денес е сосема истиснат од албанските партии и субституиран со албанофонска псеудо социјалдемократија и вмровштина. Отсликана низ демек про-патриотските или про-модернистичките крила во ДУИ, Алтернатива, Беса а всушност диктирани од традиционалните бизнис-ориентид албански коруптократски спреги со македонските партии. Изборите во Тетово го докажаа токму тој тренд на демисија на Села (благодарение на шурувањата на Таравари), на ерозија на влијанието на Ахмети (благодарение на конфликтот помеѓу мало-речанските сдсмовци и вмровци) и сервилната зависност на Касами од Мицкоски (благодарение на скопските тетовци на Црвенковски).

Овие внатрешни преслојувања и драми низ домашните политички партии допрва ќе ескалираат, паралелно со регионалните случувања и трендови. Во македонскиот кампус на СДСМ и ВМРО, тој процес е диктиран од белградскиот процес на расчистување помеѓу југословенизмот и србијанството, т.е. колонијалниот и националниот дискурс. Вократко, враќањето на Србија кон себе и надвор од југословенската удбашка матрица како предусловен зачеток во тегобниот процес на приклучување кон Западот. Хендикепот на Македонија е што засега барем (во македонскиот политички кампус) нема ниту лик, ниту структура капацитетно спремна за дефинирање на современиот автономен етно-македонски наратив лишен од колонијалното себепоимање наследено од минатата.

Други колумни од авторот: Запишано во Куранот: Светот ќе биде Запад

Во албанскиот кампус состојбите не се поразлични. Целосносто напуштање на албанскиот реформски концепт дури и во најбенигна форма ги има сведено албанските партии и лидерите во парадни фигуринки без суштина. Целосната пацифизација на албанската политичка формација во Македонија во име на борба против Голема Албанија и албанскиот национализам ја умртви и албанската бунтовност и несогласност со наследството на југословенската паралага на соживот, реформи, прогрес денес манифестирана од ДУИ, Беса и Алијанса. Токму затоа, слично на состојбите во македонските партии, вистинското ривалство во албанскиот кампус не е помеѓу номиналните албански партии, туку помеѓу патриоти-бранителите Ахмети, Села, Таравари, Касами од една и внатрешно-реформните модели на Димитар Ковачевски или Албин Курти од друга страна.

Меѓупартиските и внатрешнопартиските кавги се со сѐ понамален капацитет за посериозно пренесување на внатрешните тензии врз сеопштите состојби. Капацитет кој засилено ќе се намалува низ тивкиот ветинг во процес на одвојување на безбедносните и финансовите институции надвор од влијанието на олигархијата и клановите. Македонија е земја членка на НАТО. Секој наш пријател и непријател е свесен за тоа. Свесни се и Виница и Дебар. Само политичко-партиско Скопје сака да истрча уште еден, два круга околу НАТО. Како пилиња пред супа, маратонци пред „читуља” и употребливи идиоти во служба на банализирање на ионака излитеното политиканство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач