Велат дека Шкендије има речиси еден милион следбеници на социјалните мрежи. А, сепакО е непозната надвор од нејзиниот круг следбеници. Доскоро позната како волуптозна (сладострастна, н.з.) старлета со нагласени природни или ботоксирани физички атрибути, младата Шкендије неодамна донесе одлука да се „покрие“, т.е. да носи шамија и да се врати кон патот божји. Запрашана за нејзината одлука околу шамијата, екс-старлетата покорно ќе изјави дека „тоа е бизнис помеѓу мене и Господ“. Некаде понасевер, Емир ли е, Немања ли е, или Кустурица, поборник на семејни вредности, противник на геј-паради и следбеник на Путиновиот хуманизам, ќе биде запрашан за скандалите поврзани со извесни српски владици и смирено ќе одговори „Па, што ако владиката Качавенда е п*дер?” Ваму долу, на тажниот југ, веќе се навикнавме на феноменот низ медиумите да ги читаме пасус-до-пасус предупредувањата дека „денес е благословена Св. Петка, не го правете ова” и најновите известувања за „Карлеуша во жешки танги кои едвај го покриваат меѓуножјето”. На глобално ниво го имаме Трамп, кој и по сите негови „грабнати мачиња” останува земски светец на евангелистите и конзервативната десница со усти полни со семејни вредности.
Што се случува со попаленоста, сексуалната опседнатост до перверзија на конзервативната десница? Па, ништо посебно. Колку за илустрација, некаде во средината на осумдесеттите, во СФРЈ течеше дебата за напливот на „скандалозни зборови и рефрени” во рокенролот и забавната музика. Не се сеќавам точно кој, но ги паметам зборовите на еден од тогашните рокери, кој укажа дека вистинската скаредност, сексуална опсесија и вулгарност нема да ја најдете во рокот, туку во народната „наша“ музика, полна со едвај скриени алузии за „бујни гради и камен машкости, оросени билбили и црвени банови”. Во основа, таа дебата беше епилог на сексуалната револуција во 1970-тите години на минатиот век, во кој урбаниот „љубовен” либерален однос кон половите односи се дистанцираше од конзервативниот „срамен“ рурален светоглед на брачна ексклузива. Следствено и спротивно на наметната политички коректна претстава, сексот во либерализмот отсекогаш бил еротски инспиративен, за разлика од десницата, во која сексот е расплодно порнографски разулавен. Кревка Емануела за студенти и бујна Лепа Брена за камионџии, зависно од големината на раката.
Либерален и конзервативен секстремизам
Новите форми на масовна комуникација, консумеризам, демократизација на криминалот и порнографијата, институционализацијата на доскоро „скандалозните“ појави (хомосексуалноста), ерозијата на институцијата брак/семејство, доведоа до радикални преиспитувања на половите односи и половата идентификација како од страна на либералите, така и од конзервативците. Радикалниот феминизам на Фемен ќе биде подлога на либералниот секстремизам, во чекор со радикалниот конзервативизам како подлога за асексуалниот секстремизам на десницата. Разликата во овие секс-културни војни не е толку во пристапот, колку што е во ефектот кој што го имаат врз општествата, политиката, луѓето.
Либералниот пристап кон секстремизмот е пред сѐ диктиран од мејнстрим медиумите, но со не толку масовен одек во општествата кои остануваат резервирани кон секој вид на преувеличување. Поточно, општеството разбра и ја уважи логиката дека хомосексуалците мора да имаат права како и секој друг, дека слободите на жените не можат да бидат диктирани од мажите, дека сексуалното образование не е за поттикнување кон секс, туку за хуманизација на партнерите и нивниот меѓусебен однос. Што не може да се каже и за екстремните појави на наметнување на нови полови идентитети како закон и диктат, како ексцес на екстремно мала група која треба да се наметне како норма врз сите. Слично на религиозната десница, која не сака да ги согледа сопствените парадокси, либералниот екстремизам одбива да увиди дека таквиот пристап кон прогресивноста е всушност несакана, но неизбежна реставрација на едноумието и унисекс морализмот.
Сепак, нештата се далеку поинтересни во т.н. конзервативен камп на традиционални вредности. Нешта кои тешко дека можат посоодветно да се илустрираат од неодамнешната изјава на една воспалено попалена републиканска кандидатка во Аризона. Која во момент на вознес пред конзервативно-религиозната публика ќе изјави дека Доналд Трамп и (гувернерот на Флорида) се „мажи кои имаат BDE“. Додавајќи, за оние кои не знаат што значи кратенката, дека истата е популарна кај младите и значи „Big Dick Energy“. Пред не повеќе од десетина години, таквата изјава ќе предизвикаше протести и револт на публиката и крај на кариерата. Но не и денес, како што можеше да се заклучи од гласното смеење и поддршка на присутните републикански конзервативци. На што се должи таквиот пресврт?
Препознавање на сексплоатацијата
На прв поглед, прифатливоста на BDE-идеологијата на секстремизмот во десничарскиот камп е одговор на #MeTooкампањата на либералниот естаблишмент, не само во САД. Навидум различни, и двете кампањи се сексистички набиени популистички движења, сепаратно спремни за препознавање на сексплоатацијата кај другата страна, но идентично неволни да ја препознаат во сопствените редови. Првично #MeToo кампањата на разобличување на машкиот сексизам ја донесе до раб на хистеричен лов на вештери-мажи, за #BDE да се надоврзе на ретро-носталгијата на МАГА-републиканците за враќање кон времињата во кои „мажите беа мажи, а жените домаќинки”. Но тоа е сепак само финалниот ефект на подлабок процес започнат пред многу децении, низ реформите во образованието предизвикани од расните судири и подемот на феминизмот во 1960-тите години на минатиот век. Низ нив се поставија темелите на урбано-либералната доминација во образовниот естаблишмент и подемот на рурално-религиозните здружувања во традиционалните средини. Поделба така елегантно прикажана низ сведоштвото за инфамозното Мајмунско Судење во Тенеси од 1925 година, но екранизирано во 1960 во славниот филм „Наследство на ветерот”.
Спротивно на воспоставеното објаснување дека подемот на секстремизмот во јавниот дискурс се должи на медиумите, генезата всушноста започнува во образовнието како лулка од која се создаваат идеологиите, кои прераснуваат во екстремни аксиоми на исклучивост и – како што сведочиме – завршуваат во вербален простотилак, духовна баналност и скаредно вулгаризирана идеологија. Колеџите и универзитетите, како некогашни бастиони на слободниот збор, провокацијата и полемиката, полека прераснаа во тврдини на исклучивоста, на апсолутистичкиот либерализам во негирање на какво било мислење надвор од сѐ потесните рамки на политичката коректност. Од другата страна, религиозната десница, оптоварена од имиџот на примитивизам, екстремизам и заостанатост, се отвори кон новите навидум либерални трендови за зајакнување на сопствените рејтинзи. Во тој судир на двете секстремистички баналности, добивката одеше на сметка на радикалните експоненти во партиите на естаблишментот и на штета на умерениот дискурс на умерените застапници на либерализмот и конзервативизмот.
Љубовта кон домашните кучиња
Затоа, ставот за бизнисот со Господ, релативизацијата на гревовите на педофилијата на црковните лица, медиумскиот баланс меѓу црковни светици и разголени пејачки, се скандалозни, но веродостојни изјави кои ја разоткриваат испразнетоста на идеологијата на конзервативизмот. На ист начин како што мултипликацијата на полови идентитети и забраната родителите да ги именуваат своите чеда како син и ќерка се дегенерација на автентичната смисла на либералното. Духовната борба на соочување со аргументи низ дијалог е заменета со маркетиншко пумпање на рејтинзи.
- повеќе од авторот: Војната во Украина и револтот во Европа
Сексуализацијата на религијата е новата индулгенција, во која паствата и рајата се спремни да ги простат сите гревови доколку изгубениот брат-сестра се согласат сликата со голи гради да ја заменат со библија-коран-талмуд во рацете. Сексуализацијата на либерализмот овозможува приватната сексуална определба да биде морално побитна од расниот, социјалниот, идеолошкиот екстремизам на ЛГБТ-групацијата. Во таа квази идеолошка надградба на некогашните прогресивни идео-политички движења, родени и споени низ прифаќањето на демократијата, за очекување е душевната верба во светите книги да се замени со идолатрија на дневнополитичката баналност и скаредност.
- повеќе од авторот: Запишано во Куранот: Светот ќе биде Запад
Но колку и да се взаемно спротивставени, либералниот и конзервативниот секстремизам имаат еден споделен непријател кој ги потсетува дека колку и да се вревливи, сепак „нештата се распаѓаат ,а (нивниот) центар не може да се одржи“ (Јејтс). Тој непријател е љубовта. Не бре, бљак!, не станува збор за лигавата, романтична, сензуална, цимолива, патетично цмоклеста претстава за љубовта. Туку за љубовта како аватар и смисла на природата, перпетуално незаменливиот центар, бит и судија за сите нешта. Либералниот и конзервативниот секстремизам е суштински, старлетски егзибиционистички нарцизам во барање внимание за себе, за себе и исклучиво за себе. Карши духовната инвалидност и хендикепирана осакатена неспособност во нудење внимание кон други, кон несовршените, кон човештвото, кон љуби-го-блискиот-свој и природата. Секстремизмот, либерален или конзервативен, феминистички или мачоистички, е само манифестација на современата осаменост, отуѓеност, желба за прифаќање и враќање на недадената или невозвратената љубов. Странично потврдена и манифестирана низ еден друг, паралелно современ глобален подем и феномен - љубовта кон домашните кучиња.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.