1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната во Украина и револтот во Европа

25 август 2022

Војната во Украина стави крај на вековната традиција на западно-европските центри, источна Европа да ја сметаат како простор во кој живеат некакви примитивни народи без национална или државна свест и совест.

https://p.dw.com/p/4G0H3
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Шест месеци по почетокот на воената агресија на Руската Федерација против независна Украина, можеме да заклучиме дека од историски, политички, економски и социален аспект, оваа војна е за Европа со поголема тежина и важност од крајот на Студената Војна, распаѓањето на СССР, па дури и ширењето на самата ЕУ. Причините за оваа оценка треба да ги побараме во коренитите промени кои војната во Украина ги има произнесено, обелоденето и цементирано во свеста на народите колективно и луѓето индивидуално. Токму преку начинот на кој нациите се имаат однесувано, помогнато и придонесено кон борбата на украинскиот народ.

Доколку се осврнеме повнимателно кон тоа кој и како се има поставено кон војната во Украина, ќе увидиме еден чуден феномен. Предводници во нудење, давање и обезбедување морална, материјална, воена помош на Украина се земјите со поранешно колонијално искуство, но и храброст да побараат прочка за своите поведенија низ историјата кон поранешните колонии.  Таков е случајот со Белгија и извинувањето  за убиството на Патрис Лумумба и колонијалното насилство во Конго. Или Германија за Намибија и Хереро геноцидот. Австралија за третманот на абориџинските деца. Канада за односот на школскиот систем кон индијанците, Италија за односот кон Либија во 1911-1943. Британија за политичките злосторства во Кенија. Јапонија за сопственото империјално минато и односот кон жените во Кореа. Холандија за насилствата за време на колонијалното управување со Индонезија. На крај, во таа листа се вклучува и САД со признавањето на одговорноста за Трансатланстката трговија со робови, вклучително и не толку познатиот факт дека претседателот Обама ја има потпишано Резолуцијата за извинување кон автохтоните Американци. 

Ова е само дел од усилбите на овие земји да се соочат со барем дел сопственото минато и одговорност. Иако остануваат отворени уште многу други прашања, побарувања, историски сеќавања кои допрва треба да бидат уважени, ваквите примери укажуваат на тренд кој е во зачеток и покрај не малиот број спротиставувања на домашните општества и спротиставени државни интереси.

Europatag in Guben
Фотографија: Andreas Franke/picture alliance

Позитивната тежина на овој интересен феномен добива на значение кога ќе се спореди сo уште поинтересниот аспект дека најслабата подршка за борбата на Украинa во овие шест месеци доаѓа од земјите со силно колонијално минато и отсаство на спремност за соочување со последиците на нивното владеење. Почнувајќи, логично, од самата Русија која никогаш не нашла за сходно да се извини за колонизацијата на Сибир, Балтикот, Унгарија, Источна Германија, Полска, Чекословакија, Централна Азија, Грузија. Истото се однесува и на односот на Кина кон Виетнам, Тибет, или пак за Турција кон Балканот и арапските земји. Додајте ги на тоа и Шпанија и нејзиното одбивање да се произнесе околу барањата на Мексико поврзано со угнетувањето на домашното автохтоно население. Светата Столица побара прочка за судбината на младите Индијанци во канадските училишта, но одбива да се произнесе кон сличните барања од Мексико. Тука е и Франција која смогна сили да ја прифати одговорноста за улогата во Руанда, но не и во северна Африка. На крај, денешна Србија сеуште не само што одбива да се извини за злосторствата низ регионот, туку дава силни усилби да истите ги релативизира и исчисти од било каква колонијално крвава конотација. Коинцидетално, односот на овие земји кон сопствените колонии и историски мината денес се одраз на колонијалниот мајндсет во односот кон Украина, Косово, Босна, Црна Гора, Македонија. 

Повеќе од авторот: Дали ќе се распадне Русија? Никако, доколку се праша Западот

Силата и вербата на Украина во финална победа над колонијална Русија денес се црпи од помошта на постколонијалните сили (САД, Канад, Британија, Холандија) и подрива од архи-колонијалниот солидарен мајндсет на Шпанија, Франција, Србија.  Архи-колонијални центри кои во Русија ја препознаваат носталгичноста за сопственото колонијално минато и гневот и солзите на угнетените кои ја расипуваат сликата која сакаат да ја наметнат за себе. Тоа е динамиката која ја диктира масовната промена која се одвива како последица на војната и се чувствува ширум Европа. Првичните очекувања за ефективна блиц-криг победа на Русија и изненадувањето од жестоката и херојска реакција на „корумпираните Украинци и лесни Украинки” беше првиот удар кон воспоставената култура низ западно-европските центри на предрасудата и архи-колонијалниот мајндсет. Војната во Украина, поточно Украинците ја разголија сета мимикрија за тоа како Меркел и Макрон ја замислуваа „обединета Европа”, ја демаскира циничната улога на Шпанија, колаборационистичкото слуганство на Србија и потврди дека во очите на народите на Источна Европа,  Америка и Британија уште долго ќе останат тоа што за Москва и Белград се бизнисмените и корумпираните политичари од Западна Европа. За првите, единствена надеж за слобода, за вторите калкулантски колонијален бизнис на утопистички квази-европејски паралаги од 19 век.

Војната во Украина стави крај на вековната традиција на западно-европските центри источна Европа да ја сметаат како простор во кој живеат некакви аисториски, примитивни народи на водоинсталатери, чистачи, келнери, проститутки и криминалци без национална или државна свест и совест. Но уште побитно од тоа, оваа војна ја принуди западна Европа да се соочи со традицијата на мешетарско, трговско преговарање со Русија преку главите на централно-европските словени,. На ист начин како што се однесува на Балканот преку колонијално воздигање на Србија низ брутално понижување на Албанците, Црногорците, Босанците, Хрватите, Македонците.

Повеќе од авторот: Косово и Босна, а не Македонија и Албанија се вистинскиот срам на ЕУ и на САД

Со војната во Украина и секоја загинат украински херој гине и западно-европската верзија на Европа во која квалификатите како „достоинство, гордост, интегритет” се ексклузивно резервирани за Германци, Французи, Шпанци, Данци, Холанѓани. Донакаде уважени за Португалци, Балтијци, Романци, Срби, Грци и апсолутно неприфатливи за Албанци, Црногорци, Босанци, Бугари, Македонци. Историјата ќе укаже дека скраја несомнено автентично национал-социјалистичките побуди на Путин и Кремљ, дел од неговите пресметки за Украина (како и оние на Вучиќ за регионот) се базирани врз впечатоци, амбвивалентни коментари и поведенија, сугестивни прашања, потсмешливи пацки и ултра-благи прекори од страна на западно-европските дипломати. Особено кога станува збор за источна Европа, за југоисточна Европа, за Балканот и сите тие суб-хумани групации на тнр. народи карши ubermensch-тината на соговорниците закована во деветнаесетиот век на колонијални дворови. 

Солидарност со Украина ширум светот

Комотнота самобендисаност и самоувереност на западна-Европа во нејзината архаична супремацистичка ubermensch-тина денес опстојува единствено во нејзината табула раза симплифицирана верзија на реалноста, во приемчливо солидарните уши на пара-историскиот силеџиски колонијализам во Москва и Белград и бесрамноста на балканските коруптократи со ЕУ-САД значки на ревери. Таа комотна самобендисаност на западна Европа е факторот на револт ширум источна Европа, фактор за доминантниот про-американски и про-британски тренд од Балтикот до Балканот и фактор на бескрајната алчност како системска грешка низ кој пенетрира Русија и Кина.

Повеќе од авторот:  Од Брегзит до Брисоут: Европа среде Сцилите и Харибдите на Макрон

Раздорот во Европа не е предизвикан од војната во Украина, но е секако потпомогнат и од мајндсетот на Западна Европа за која рамноправноста помеѓу западна и источна Европа е речиси рамен на пораз и губење на интересот за било каква реална Унија. Овој континентален модел е систематски регионално реплициран низ толерирање и хранење на супремацистичкиот, колонијален однос на Србија кон Косово, Босна, Црна гора, како од западните дипломати така и балканските соговорници од светот на политичкиот криминал Деновите пред години кога Доналд Рамсфелд ја изнесе забелешката за "стара Европа (запад) и нова Европа (исток)”, еден од коментаторите забележа дека не станува збор за желба или обид на САД за предизвикување раздор ширум континентот, туку за проценка и предвидување за тоа како ќе се одвиваат нештата во односите помеѓу двата блока на Европа. Некаде попат, низ миопичните пресметки на Меркел за Русија, умилкувањата на Саркози и Макрон кон Путин, логиката на Борел "да и дадеме нешто на Србија” и фрустрирачката незадоволноста на Крис Хил од превисоката образованост и интегритет на Курти (за еден Албанец, де), младата генерација политичари и граѓани од источна Европа полека се буди од хипнозата на понизна послушност и беспоговорна верба во проценките и оценките на Берлин, Париз, Мадрид, Виена, Рим. Секоја масивна војна ја има таа малтусовска политичка консеквенца на бришење на старото и раѓање на новото. Така беше со бејби-бумерите во САД по втората светска војна. Така беше со хипи-генерацијата по војната во Виетнам, нео-конзервативизмот по војните во заливот. Така е и со војната во Украина. Во сенка на која источна Европа веќе бара да си го најде, уцврсти и цементира нејзиното национално и индивидуално достоинство, еднаквост и интегритет. Ваквата Европска Унија која нема сила да расчисти со сопствените земји членки во премолчана солидарност со Москва и Белград поради споделениот колонијален светоназор, нема да биде ниту привлечна ниту прифатлива ниту доволна за аспирациите на оваа нова генерација.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач