Низ зрелите децении на мојот живот имам прочитано десетици, ако не стотици, дефиниции за тоа што се подразбира под Запад и кои се причините за неговиот подем и опстојување. Дефиниции од западни и источни научници, мислења од јужни поплаки и северни самопофалби, кудења за сите зла, благодарници за сите добра стигнати од тој Запад. За на крај, сосема случајно, најдобрата и најпрецизна дефиниција за Западот да ја пронајдам во најчудното од сите можни места – во Куранот, светата книга на исламот. И тоа не само како дефиниција, туку и пророштво, кое ќе го цитирам во целост.
„Ал-Мустави извести: Тој рече во присуство на Амр ибн ал-Аас дека го има слушнато Пратеникот на Алах (Мухамед), мирот и благословот да го следи, како вели: ’Часот (на Судниот ден) ќе се определи кога мнозинството на луѓето ќе бидат Римјани.’ Амр предупреди: ’Внимавај што збориш.’ Тој одговори: ’Го кажав тоа што го слушнав од Пратеникот на Алах.’ Амр рече: ’Ако Пророкот така кажал, навистина, кај нив има четири доблести: кога се соочени со искушенија, тие се најприбрани од сите луѓе; тие се најбрзите во опоравување по несреќи; тие се најспособни за возвраќање по повлекување; тие се најдобрите кон сиромашните, сираците и ранливите. Нивната петта доблест е доброто и убавото: тие се најдобри во спречување на зулумот направен од сопствените кралеви.“
Овој тн.н. Хадит (цитат) од Куранот, искажан од современиците на Мухамед а.с. од шестиот век н.е., е речиси непознат кај обичните следбеници на Исламот, подеднакво криен од источните исламисти и западните исламофоби. Како поради некомпатибилноста со дневнополитичкиот наратив и предрасуди, така и поради несомнената пророчка моќ на искажаното од Мухамед а.с. Дотолку повеќе што самото пророштво се истакнува во прецизното лоцирање на доблестите на Римјаните (и нивните денешни потомци на Западот)џ, а не на самото христијанство, кое сепак се јавува долго по крахот на Римското Царство и како современие на Пророкот. Следствено, зборовите на Пророкот се однесуваат на тогашен Рим/денешна Западна Европа и нејзините политички, економски, културни реплики, раштркани ширум светот преку системот на демократија и концептот на „глобален запад”, кон кој се имам осврнато претходно.
Западот е далеку од совршен
Секој елемент од искажаното пророштво за Римјаните некогаш, може да се илустрира низ конкретни примери за Западот денес. Способноста за трезвено расудување, умерено промислување и решително делување по секоја несреќа, предизвикана од човекот или природата. Умешноста за колективно справување со последиците и враќање кон нормалата во најкус можен рок. Дисциплината во превенција на ескалацијата и решителноста во враќање на изгубените позиции. Неспорни предводници во навремено и обилно хуманитарно помагање при секоја несреќа ширум светот или социјална грижа за ранливите категории. И пред сё, желбата за слобода, почит кон човечкото достоинство и спремноста за справување со секој кој цели да ги загрози нивните лични и колективни стекнати права и слободи. Тоа е, вистина, карактеристиката која Запад го прави исклучок од правилото, потврдено и докажано низ безброј примери во историјата и денешницата.
Западот е далеку од совршен. Повеќе е оаза отколку рај. Западот е неконзистен, но во таа неконзистентност лежи шансата секој еден ден да го добие посакуваното. Самиот Запад нема да знае или да се согласи околу тоа што се подразбира под „западен стил на живот”, во кој Шпанците слават убивање биволи, за што пак Скандинавците едногласно ќе вреснат дека е „морбиден примитивизам”. Всушност, Западот не е ништо повеќе од „проект во перпетуална изведба“, во која клучниот цемент на врзување е согласноста дека промените се добри сѐ додека секој во нив препознава сопствено доброволно учество и шанса за подобрување на сопственото и општото.
Тоа е и причината за навидум неспоивото пророштво за Римјаните и предвидувањето за Судниот Ден, кој ќе уследи кога тие ќе бидат мнозинство на Земјината топка. Такват нелогичност и контрадикција е лесно разбирлива доколку се стави во контекст на религиозноста (христијанството и исламот) и нејзиното толкување на Кијаметот или Армагедонот како Суден Ден за религијата, но не и човештвото. Двосмисленоста на таквиот став е укажување дека кога луѓето, човештвото, ќе почне да верува во сопствените (од Бога, нели, дадени) можности и способности, тоа неминовно ќе биде часот во кој човекот нема да има потреба за верба во надземно, натчовечко, натприродно, религиско.
Доколку поблиску се осврнеме кон ова пророштво, ќе увидиме дека таа е подеднакво претскажување за иднината колку што е и осврт кон причините, собитијата, настаните, искуствата низ кои се градела таквата конструкција на Римјаните пред да станат Запад. А искуствата воопшто не биле ниту лесни, ниту брзи, ниту спокојни. Туку крвави, болни и стекнати низ ужасни искуства од вековни војни, судири, нетрпенија, премрежија од паганството и монотеизмот. Накусо, Западот се формирал низ најтешката дисциплина во стекнување ука и поука од сопствените грешки и ползување од туѓите искуства и знаења.
Со убав збор, никогаш со меч
Доколку на ова реагирате со потсетувања за злата направени од Западот – на секој ваш пример ќе додадам уште два примера за потврда. На секоја грешка – ќе потсетам на уште три. За секој пропуст на Западот, ќе укажам на дузина слични. За на крај да потсетам дека, слично на пророштвото, квалификацијата за Западот е контекстуална и споредбена „од сите луѓе”, ставајќи ја во рамка на споредба со останатите народи, региони, луѓе, искуства и искушенија низ историјата до денешницата. Вистина е дека и физиката и астрономијата, литературата и медицината цутеле и низ Месопотамија и Персија, до далечниот исток и блиската Антика. Но токму Римјаните се истакнале по способноста таквите знаења да ги стават во служба на општо добро преку одрекување на привилегијата на власта за нивна експлоатација.
Денес, наследствата на Римјаните ги согледуваме низ третманот и односот кон омразениот и посакуван Запад како омилена дестинација на радикалните исламисти и сатрапските безбожни мачители, на верујушчи и атеисти, на западно колонизирани и колонизатори на незападни колонии. Западот денес е епитом на Периклеовата дефиниција на градот како „средиште во кое се слеваат сите добра на Земјината топка”. Желбата за освојување на Западот е глобална феноменологија, подеднакво индивидуална и колективна, за некого со имиграциско-туристички, за други со воинствено-поробувачки мотиви и побуди. Љубен низ идеали, омразен од љубомора, Рим и Западот знаат дека сите патишта водат кон Сенатот во кој се влегува со убав збор, но никогаш со меч.
Западот се адаптира и усовршува
Доколку ги следиме настаните денес, првата мисла и заклучок е дека Западот е во длабока егзистенцијална криза. Но доколку ги следиме процесите, ќе увидиме дека Западот минува низ само една од многуте трансформации на адаптирање кон надвор и усовршување во себеси. Настаните како економските, енергетските кризи се секако алармантни, загрижувачки за Западот и светот. Сепак, процесите се далеку побитни. А нишката на тие процеси повторно се крие во пораката на Пророкот. И изборот на неговите зборови. Кои навидум не одат во прилог на од него зачната религија во повој. И уште помалку во изборот луѓето да ги именува како Римјани, а не христијани.
- повеќе од авторот: Дали ќе се распадне Русија? Никако, доколку се праша Западот
Со тој пристап, смислено или не, тој се чини дека ги уважува земските специфичности и преку пофалба на постигнатото укажува за моделот кој треба да биде следен (од не-Римјаните) и опасностите кои демнеат од сопствените пазуви (екстремното толкување на религијата). Векови подоцна, и по децении поминати во верски, сектаријански војувања, добар дел од не-Римјаните се чини дека ги прифаќаат поучните доблести на Римјаните. Исто како што наследниците Римјани се соочуват со внатрешните ризици од „екстремната десница, христијанскиот фундаментализам и белата супремација” по сопствената благосостојба.
- повеќе од авторот: Навраќање кон Ругова за почеток на процесот
Сето наведено не е со цел да се глорифицира Пророкот или идолатризира Римот/Западот. Тоа, едноставно, би било самопоразителна контрадикција. Целта е да се укаже на нужноста за промена на нашиот дискурс и рекалибрација на нашата цел, дух и припадност кога зборуваме за Западот или западниот модел на однесување. Фразеологијата од типот „припаѓаме кон Западот, сме прозападно ориентирани, определени кон Западот, нашето сонце изгрева на Западот” се негација, а не потврда на западниот дух на кој припаѓаме сите, свесно доброволно или протестно негаторски. Такиот пристап нѐ сведува на телесно робовласништво, лишено од дух, на кираџиско, патетично преживување благодарение на Западот, а не на живеење со полни гради во сопствениот дом. И тоа подеднакво важи за оние кои гордо ја манифестираат сопствената прозападност, подеднакво и за оние кои жестоко ја декларираат антизападноста, благодарение на западно гарантирана слобода.
Да се биде ЕУ, да се биде НАТО воопшто не подразбира бивање Запад. Сѐ додека во таквите институционални градби не го вградиме нашиот каков-таков, некогаш блескав, често смрдлив, троа смешен, троа трагичен, напати со молчалива мудрост, напати со галамџиска глупавост, индивидуален и колективен дух – како и сите други Европејци. Славете со гордост или потсмевајте се со злоба, сеедно, и двата пристапа го потврдуваат истото. Ние не сме робови. Ние сме Римјани. Ние не сме про-Западни. Ние сме Запад.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.