1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Така зборуваше Џоу Енлај за 2023 година

29 декември 2022

Денешната поставеност на Кина кон војната во Украина јасно ја исцртува желбата да биде на пристојна дистанца од бламажата за подржување губитник и комотна блискост до евентуалниот победник. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4LW5j
Поранешниот кинески премиер Џоу Енлај
Поранешниот кинески премиер Џоу ЕнлајФотографија: picture-alliance/dpa/Xinhua

Годината е 1973. Mестото е Пекинг. Поводот е средбата на група западно-европски дипломати предводени од Италијанскиот Министер за Надворешни Работи Ѓузепе Медичи со тогашниот кинески премиер Џоу Енлај. Чии тогашни излагања, размисли и укажувања, гледано од денешна перспектива, се фрапатно визионерски, безмалку пророчки и со зачудувачки прецизно лоцирани параметри. Дебатата е за заканата од СССР, поведенијата на Москва кон Европа и убеденоста на Енлај дека „Советите нема да ве нападнат на германските рамници. Тие ќе ви го хипнотизираат умот и душата со таа закана. Тогаш тие ќе бидат слободни да ја спроведат стратегијата на последователно сеопфатно опкrужување на Европа. Прво, преку Ангола и Мозамбик ќе се заканат кон вашата линија на снабдување со Источната Хемисфера. Вториот прстен ќе се воспостави затварајќи го Западот од Етиопската висока рамница, Аден и Авганистан, можно и Иран и Персискиот залив. Вашето влијание врз Индија ќе биде намалено речиси на нула; Пакистан ќе се најде во тешка состојба. Додека ја уновчуваат таа стостојба, советските лидери ќе почнат да го градат третиот опколувачки прстен. Овој пат нивната цел ќе биде ставањето под контрола на Балканскиот полуостров и Источниот Медитеран. Доколку се случи тоа, ќе биде свршено со Западот каков што го познаваме. Накусо пред тоа да се случи, ќе сведочите на подобрување на Советско – Кинеските односи, низ спор но неоддолив начин. Ќе се потсетите дека ние никогаш не го сакавме Стаљин, но не се ни спортиставувавме на неговиот пакт со Хитлер. Преживувањето на сопствениот народ е првата одговорност на секој лидер. Подоцна борбата може да продолжи под подобри услови”.

Предвидувањата на Енлај отсликани низ денешните обиди на Русија за опкружување на Европа се видливи по најкусо можно прелистување на дневните вести за активностите на Москва од Азија до Африка, нејзините агресивни постапки во Сахел, улогата во Сирија и обидите за дестабилизација на Балканот. Вклучително и односите со Кина пресликани преку невообичаено искрените согледувања на кинескиот премиер од времето на Мао Цетунг и времето кога „Никсон ја отвараше Кина”. Упатно е да се забележи дека описот за циркуларните дејствија на Русија кон Западот се искажани децении по Мекиндеровата тероија за „земјината-срцевина” и децении пред славната анализа на Збигнев Бжежински за „големата шаховска табла”, потврдувајќи ја така мултилатералната константа на геостратешките глобални движења низ вековите. Истовремено, неговото сведоштво укажува на потребата за темелна рекалибрација на нашата идеолошки оптеретена литература, познавања и однос кон исгоријата. 

Повеќе од авторот: Дали ќе се распадне Русија? Никако, доколку се праша Западот

Гледано од денешната, пост-фестум перспектива, исказот на Енлај може да се прифати со блазирана рамнодушност на веќе-видено. Но најбитниот аспект на неговите предвидувања е контекстуалноста на часот во кој е кажано и настаните кои ќе уследат во следните децении. Низ таа контекстуалност, имено, се руши долго воспоставената перцепција за лошиот Запад, агресивната САД и лицемерната Европа како поттикунвач на војните, за разлика од мирољубивиот Советски Сојуз како бранител на незаштитетните народи од колонијално настрвениот Запад. Исказот на кинескиот лидер Енлај, стратешки ривал и идеолошки сојузник на СССР, фрла нова перспектива за акциите и реакциите, агресиите и превенциите, војните и ослободувањата помеѓу комунистичкиот Исток и капиталистичкиот Запад кои ќе ги одбележат последните две децении на студената глобална војна.

Почнувајќи од граѓанската војна во Ангола и Мозамбик по стекнувањето на независноста од западните колонизатори и изложувањето на советското влијание, интервенцијата на СССР во Авганистан, паралелното снабдување на Иран и Ирак со оружје и тензии во Персискиот залив се речиси заборавени епизоди за првичното вмешателство на СССР во регионалните кризи кои допрва ќе бидат пропратени од интервенциите на САД. Спротивно на воспоставениот впечаток за провокативните агресивни дејства на западот, исказот на Енлај потсетува дека всушност стратегијата на прстени вперени против Европа и САД се иницијалните casus beli за судирите кои ќе уследат. Тесната соработка на СССР и Индија на сметка на Пакистан, особено по агресијата врз Афганистан, се исто така фактори кои потврдуваат дека интервенцијата на САД во помош на муџахедините или на Исламабад не е родена од вакум или замисла, туку како последица на агресивните дејанија на Москва во Југо-источна Азија. На крај, на таа стратегија „фрли камен – сокриј рака” на Москва се надоврзува и политиката кон Балканот преку фаворизирање на про-Руските елементи во СФРЈ (особено раководството на ЈНА), раскинот со Албанија, стратегијата на тензии во Италија и Грција, вклучително и воената соработка со земјите од Источен Медитеран, особено Сирија, Либија, Либан итн. Во секој пример, речиси пресликана ситуација на советски предизвикана криза како повод и принуда за западна дефанзивна интервенција.   

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Интересен е начинот на кој Кинескиот Премиер ја опишува траекторијата на ставовите на Пекинг кон Русија, како од аспект на Пактот Рибентроп – Молотов, така и од аспект на двосмисленоста понатамошните „неодминливи” односи. Ставот на Енлај не е интересен единствено од академско-ретроспективна научна дисциплина, туку и од сосема конкретна, реална, денешна тековна и идна поставеност на Пекинг кон војната во Украина. Доколку давањето легитимитет за Пактот Стаљин – Хитлер бил детерминиран од „природниот предуслов за спас” на Русија од Германската агресијата, се поставува дилемата дали таквиот принцип на Кина е прифатлив и низ денешната призма за агресорот Русија против Украина во светло на „„преживување на нацијата” како приоритетен предуслов на Зеленски? Судејќи според досегашната поставеност на службен Пекинг кон војната во Украина, искажана преку дипломатски солидарен но воено-безбедносно пасивен и политички се покритичен однос кон Москва, одговорот упатува на заклучок дека станува збор за непринципиелен став на Кина. Од друга страна, не треба да се заборави дека ставот на Енлај е даден во контекст на односите со СССР, во време кога Кина беше комунистичка земја во развој, оптеретена од војната со Индија и војната во Виетнам, Украина во склоп на СССР додека пак Западна Европа во блажена аутистичност под беневолента хегемонија на САД.

Повеќе од авторот: Војната во Украина и револтот во Европа

Педесет години по визионерските совети на Џоу Енлај, нештата се слични токму онолку колку што се потребни да ве залажат. Падот на СССР ја отвори Централна Азија и овозможи да Кина ги превземе природните ресурси, комуникацииски канали, срца и умови без еден испукан куршум и со претпазливо но сепак срдечно добредојде од пост-советски, русо-скептични автократии. Некогашната маоистичка Кина на културната револуција карши култур-либералната Москва на Брежњев денеска е израсната во пазарно отворена, технолошки супериорна, култур-либерална и политички илиберална еднопартиска Кина карши диктаторската едноумна Русија на Путин сведена на експлоатација на ресурси без технолошко производство. Своевремената деголистичка прагма за „Франција и Кина како објективни сојузници” во политиката (Алан Пејрефит) денес е надградена со „Германија и Кина како објективно синхрони економски мотори” на Европа и Азија. Единствената константа која опстојува е онаа на американско-кинескиот детант, диктиран од взаемната зависност и предострожната свест дека во логиката на Überpower нема место за две сили.

За разлика од вкоренетата фасцинација на Западот кон Русија како „загатка завиткана во мистерија среде енигма” (Черчил), описот на Енлај докажува дека Кина ја познава Русија како дланка на рака и ја чита како отворен буквар. Но воедно, исказот јасно дава до знаење дека Кина уште подобро и поподробно го познава Западот, со се предностите и слабостите во нивните внатрешни и надворешни политики, превртливи приоритети и растегливи стандарди. Самата закачка за "хипнотизираниот дух и душа” е индиректно укажување и дискретно потсмевање со вековната предиспозиција на Западна Европа и САД за третирање на Русија со ракавици и стравопочит, често неразбирлива за народите од екс-СССР или соседи на руската империја.  

Повеќе од авторот:Нашиот сосед Кина

Она што е евидентно е дека Западот мудро ги прифатил мудрите препораки на Енлај и истите ги има впрегнато како во победата против СССР некогаш. За да потоа прелесно и самозадоволно се предаде на наивниот "крај на историјата и трумф на демократијата” во која Кина никогаш нема поверувано. Подеднакво како што се нема потресено од желбите на Путин за реставрација на Советскиот Сојуз, кој е можен единствено кон Европските предели (благодарение на алчноста на Европа и превртливоста на САД), но не и кон Азија. Природата на пасивниот империјализам како доктрина на Пекинг е само половично детерминирана од нејзината надворешна политика. Другата, можеби и поефикасна, половина е детерминирана од самодеструктивноста на Русија и непостојаноста на политиките на САД и ЕУ во почитување на партнерските односи. 

Денешната поставеност на Кина кон војната во Украина јасно ја исцртува желбата да биде на пристојна дистанца од бламажата за подржување губитник и комотна блискост до евентуалниот победник. Доколку можело среде Студената Војна, сетики е извесно дека и во денешна Кина има лежерни функционери кои со смирен глас и рационален ум ја дешифрираат глобалната реалност пред нивните Американски и Европски собеседници. Секако прерогатив и луксуз на земја која -  за разлика од претенциозно изградената западна мистика за Русија - навистина однавек била и сеуште е мистерија за западниот свет. Претпоставувам, претенциозно секако, дека денешниот наследник на Премиерот Џоу би укажал дека во Пекинг „никогаш не го сакале Путин”. Но зошто да се руши човек кој ионака доброволно одработува се во корист на сопствена штета и во полза на вашата веќе извесна победа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач