Вучиќ и Курти го прифатиле европскиот план за нормализација
27 февруари 2023Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 18 март во Северна Македонија ќе ги продолжат разговорите за нормализација на односите меѓу двете држави.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, по средбата во Брисел во понеделникот, изјави дека се потребни дополнителни разговори меѓу двете земји за деталите околу имплементацијата, иако двајцата лидери начелно се согласиле да го прифатат европскиот план. ЕУ во наредниот период ќе го објави планот за нормализација на односите, рече Борел, но призна дека останува многу работа околу начинот за неговата имплементација.
Вучиќ го оцени состанокот како „тежок“ и најави натамошни разговори.
Главната точка околу која не била постигната согласност во Брисел останува формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО). Вучиќ го обвини Курти дека тој не бил подготвен да го прифати тој дел од планот.
„Би требало да се видиме на 18 март во Северна Македонија, тогаш Борел ќе биде во посета на регионот, а дотогаш ќе разговараме со (специјалниот претставник на ЕУ) Мирослав Лајчак за имплементацијата. Во соопштението на ЕУ ќе стане збор за неопходноста од спроведување на сите претходни договори, јас инсистирав на Заедницата на српски општини. Курти не беше подготвен тоа сега да го прифати, а дали ќе биде подготвен во иднина ќе видиме“, рече Вучиќ.