1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин ја поддржува употребата на германско оружје во Русија

Кристоф Хаселбах
14 август 2024

И владата и опозициската ЦДУ во Германија ја поддржуваат употребата на германското оружје доставено до Украина во Русија. Законски, употребата не е проблем. Политички тоа изгледа поинаку.

https://p.dw.com/p/4jR56
Украинска офанзива во Курск, Русија
Украинска офанзива во Курск, РусијаФотографија: Acting Governor of Kursk region Alexei Smirnov telegram channel/AP/dpa/picture alliance

За Министерството за одбрана, работата е едноставна: „Ова е украинско оружје“, вели портпаролот Волфганг Бухнер. Тоа значи дека, според нивното толкување, сојузната влада веќе нема никаква врска со тоа откако го испорача оружјето на Украина. Украина сега е одговорна за операцијата.

Освен тоа, офанзивата во регионот Курск е „операција подготвена во голема тајност и без повратни информации“, и затоа очигледно се одвиваше без координација, рече Бухнер. Портпаролот нагласи дека за сојузната влада е важно само Киев да се придржува до меѓународното право.

Украина ја уверила сојузната влада во тоа. „Нема дополнителни барања околу употреба на оружјето“, а Украина е „слободна да ги избере своите опции“.

Сојузната влада сѐ уште не објави дали германското оружје навистина ќе се користи во украинската офанзива во Русија.  Воено технички, предвид доаѓаат испорачаните  борбени тенкови Леопард 1 и 2 или оклопниот транспортер Мардер и ракетните фрлачи.

Германски тенк Леопард 2
Германската влада испорача германски тенкови Леопард 2 на Украина, дали тие се користат во офанзивата во Курск? Фотографија: Csaba Krizsan/dpa/picture alliance

Руските медиуми дистрибуираа фотографии на кои, наводно, се гледаат оклопни транспортери Мардер од Германија во областа Курск. Ако фотографиите се точни, тогаш „правно гледано, Германија очигледно не е вклучена во оваа воена операција на украинските вооружени сили на руска територија“, изјави за ДВ Рафаел Лос од Европскиот совет за надворешни односи во Берлин.

 Сè додека Украина се придржува до хуманитарните правни барања, ѝ е дозволено да врши такви воени операции. На пример, не треба да се напаѓаат цивилни цели и воените заробеници мора да се третираат праведно. Украина досега го сфаќаше ова многу сериозно - за разлика од Русија.

Лидерот на СПД се откажува од воздржаноста

И политичарите од различни партии во власта и опозицијата јасно ставија до знаење дека од правен аспект ваквата операција нема да биде проблем.

„Се разбира, државата која е нападната има право да се брани. Ова го вклучува и правото на инвазија на руска територија според меѓународното право, сѐ додека се придржува до сите правила“, изјави Ларс Клингбајл, шеф на СПД, партијата на канцеларот Олаф Шолц, во летното интервју на јавниот сервис АРД.

Ваквиот став од претседателот на СПД, која себеси се гледа како мировна партија, е релативно нов. Политичарите од двата коалициони партнери, Зелените и ФДП, се осмелија многу повеќе и порано по ова прашање. На пример, пратеничката на Зелените Сара Нани за ДВ ја бранеше употребата на  германско оружје во Русија,  но пред офанзивата во Курск.

Родерих Кизеветер, безбедносен политичар на најголемата опозициска партија,  конзервативната ЦДУ, напиша за ДВ на почетокот на годината: „Нападите на Украина против воени цели на руска територија не само што се дозволени според меѓународното право, тие се и воено-стратешки и апсолутно. разумни“. Тоа не ја прави Германија активен учесник во војната.

Во согласност со меѓународното право

Политичарите најмногу се повикуваа на член 51 од Повелбата на ОН. Во неа се зборува за „природното право на индивидуална или колективна самоодбрана“ на секоја држава.

Волф Хајнтшел фон Хајнег, експерт за меѓународно право на Европскиот универзитет Виадрина во Франкфурт на Одра, за ДВ ја потврди правната ситуација во врска со  употребата на германско оружје во Русија.  Во меѓународните вооружени конфликти „ниту една страна во конфликтот не е обврзана да ги ограничи непријателствата на сопствената територија."

„Напротив, легитимна цел е да се ослабат противничките сили со тоа што ќе се нападнат овие и други легитимни воени цели“, изјави експертот по меѓународно право пред неколку месеци.

И Рафаел Лос има слично мислење: „Не постојат услови според меѓународното право што го спречуваат лицето кое е нападнато да го нападне агресорот на сопствената територија“.

Канцеларот молчи

Правната ситуација е една работа. Политичкиот аспект е сосема друга работа.  Канцеларот Олаф Шолц долго време се двоумеше  околу испораката на дополнително оружје за Украина. На пример, долго време не беа испорачани борбени тенкови. Дури по интензивните домашни политички дискусии и меѓународниот притисок врз сојузната влада, конечно беа одобрени ваквите системи за оружје.

Олаф Шолц и Володимир Зеленски во јуни во Берлин
Досега владееше воздржаност при испораката на германско оружје - германскиот канцелар Олаф Шолц со украинскиот претседател Володимир Зеленски во јуни во Берлин Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Причината за двоумењето беше стравот од ескалација на војната и особено дека Германија може да биде вовлечена во војната. До денес,  Шолц одбива да испорача крстосувачки ракети Таурус на Киев.

Овие наведувани проектили со долг дострел би можеле од Украина да се користат дури и за напад на цели во Москва. Канцеларот досега молчи за можна употреба на германско оружје во украинската офанзива кај Курск.

Покраинскиот изборен фактор

Ова веројатно има голема врска со претстојните покраински избори во Саксонија, Тирингија и Бранденбург. Во сите три сојузни покраини во источна Германија, десничарската АфД и левичарската алијанса Сара Вагенкнехт уживаат висок рејтинг.

Двете партии генерално ги отфрлаат испораките на оружје за Украина и сакаат да ги подобрат односите со Русија. Сара Вагенкнехт за радио Дојчландфунк објасни: „Источните избори се исто така гласање за војна и мир“. Таа дури можните коалиции со нејзината партија ги направи зависни од ставот на партнерите за војната во Украина.

Премиерите - од многу различни партии - на Саксонија, Тирингија и Бранденбург, исто така се изјаснуваат, иако надворешната политика не е одговорност на покраините. Саксонскиот премиер Михаел Кречмер од ЦДУ е за намалување на помошта во оружје, исто така од финансиски причини - децидно против линијата на сојузната партија.

Шефот на владата на СПД во Бранденбург, Дитмар Воидке, ја повикува сојузната влада да игра  посредничка улога меѓу Русија и Украина.  И премиерот на Тирингија Бодо Рамелов од Левичарската партија повика на европски мировен поредок што ја вклучува Русија и „пакт за ненапаѓање“ за сите земји-учеснички.

Во јули, 36 отсто од Германците анкетирани во испитувањето на јавното мислење АРД Дојчландтренд изјавија дека испораките на оружје за Украина според нив отишле предалеку; во Источна Германија со таков став бил дури секој втор анкетиран. Доколку се потврди дека Украина користи германско оружје во Русија, расположението кај делови од германското население би можело уште повеќе да се сврти против воената поддршка.