1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕгипет

Газа: Дали Египет ќе ја отвори границата за Палестинците?

Катрин Шаер
17 февруари 2024

Додека израелската воена операција предизвикува се’ повеќе жртви во претрупаниот град Рафах, во близина на египетската граница, Египет е под засилен притисок да ги прифати раселените Палестинци.

https://p.dw.com/p/4cSfU
Високи претставници за хуманитарни прашања на ОН, предупредуваат дека израелски напад врз Рафах „може да доведе до масакр“
Високи претставници за хуманитарни прашања на ОН, предупредуваат дека израелски напад врз Рафах „може да доведе до масакр“Фотографија: Ahmad Hasaballah/Getty Images

За многу луѓе во Египет, тајмингот е премногу сомнителен. 

Минатата недела, израелската војска соопшти дека ќе изврши копнена офанзива во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, во близина на египетската граница, каде што се засолнети повеќе од 1 милион раселени Палестинци.  Постои загриженост оти, додека сѐ повеќе луѓе се притиснати кон границата кон Египет, плановите формулирани од израелските тинк-тенкови и протечени во медиумите претходно во тековниот конфликт се сѐ поблиску да станат реалност. Институтот за национална безбедност и ционистичка стратегија Мисгав објави документ во кој се вели дека конфликтот е „уникатна и ретка можност за евакуација на целиот Појас Газа“.

Овој план, за кој известуваа медиумите, е нешто што египетската влада решително го отфрли , плашејќи се дека на Палестинците што ќе заминат никогаш нема да им биде дозволено да се вратат. Организациите за човекови права го означија таквиот можен „присилен трансфер“  на население како воено злосторство.

Во исто време, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) наскоро ќе донесе одлука дали Египет ќе добие продолжен заем - некаде меѓу 6 милијарди долари (5,6 милијарди евра) и 12 милијарди долари - за да ја поддржи својата лошо задолжена економија и сопствената валута.

Голем број од 1,5 милиони Палестинци кои сега се во Рафах беа раселени повеќепати за време на војната
Голем број од 1,5 милиони Палестинци кои сега се во Рафах беа раселени повеќепати за време на војнатаФотографија: Mohammed Salem/REUTERS

„Дали е ова уцена? беше прашано во неодамнешната приказна во онлајн весникот Ал Модон, во либанска сопственост, во која уште се шпекулира дека на Египет би можело да му бидат простени меѓународните долгови од клучните акционери на ММФ во САД и Европа, доколку би  ги прифатил раселените Палестинци.

Теории на заговор

Тајмингот и другите претходни извештаи - вклучувајќи го и оној од британскиот весник Фајненшл тајмс, во кој се вели дека израелските политичари побарале од европските колеги да извршат притисок врз Египет да ги отвори границите - се чини дека ги оправдуваат овие сомнежи. Има дури и преседан: во 1991 година, САД му простија на Египет околу 10 милијарди долари долг бидејќи се согласи да ја поддржи коалицијата предводена од САД што се бореше против Ирак.

Но, во овој случај, тоа не се случува, изјави за ДВ Рикардо Фабијани, директор на проектот за Северна Африка за невладината организација Меѓународна кризна група. „За жал, ова е гласина која кружи некое време“, рече Фабијани. „Се појави на социјалните мрежи и на улиците, а луѓето велат дека Западот му нуди пари на Египет во замена за прифаќање на бегалците“.

Но, додава Фабијани, „тука има сериозно недоразбирање“. ММФ, ЕУ и, генерално, Западот, се подготвени да му дадат пари на Египет бидејќи се многу загрижени од можна дестабилизацијата на земјата поради конфликтот во Газа .

Покрај инфлацијата и прекумерниот национален долг, Египет е тешко погоден од намалувањето на туризмот во регионот и несигурноста на Црвеното Море , вели Фабијани.

„Во основа, со 120 милиони луѓе, Египет е премногу голем за да пропадне“, вели Ашраф Хасан, политички соработник во американскиот тинк-тенк Сенчури Интернешнал.

Блокадата на Црвеното Море поради нападите на јеменските Хути предизвика Египет да изгуби приходите од Суецкиот канал
Блокадата на Црвеното Море поради нападите на јеменските Хути предизвика Египет да изгуби приходите од Суецкиот каналФотографија: Amr Nabil/AP Photo/picture alliance

И за Египет, таков договор не одговара, додава Хасан. „Мислам дека режимот признава дека нема економски стимулации што може да ја неутрализираат безбедносната и политичката опасност што може да настане со прифаќањето на Палестинците“, вели Хасан. Тоа вклучува потенцијални безбедносни ризици од палестинските милитанти на египетската страна на границата, како и опасноста на Египет дека се гледа како не држава која му помага на Израел во трајното раселување на жителите на Газа.

Египет под притисок

Засега, авторитарната влада на Египет оди по тенката линија меѓу народното расположение - јавноста нашироко ја поддржува палестинската кауза - и долготрајните безбедносни аранжмани со Израел.

Минатата недела, новинската агенција Асошиетед прес објави изјави од анонимни извори кои велат дека Египет може да се откаже од историскиот мировен договор од Кемп Дејвид, кој го потпиша со Израел кон крајот на 1970-тите, доколку израелската војска изврши воена кампања во Рафах. Египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, потоа го  демантираше ова.

„Сосема е јасно дека суспендирањето или отфрлањето на мировниот договор би било чекор предалеку поради геополитичките и економските импликации“, вели Фабијани, истакнувајќи дека мировниот договор не вклучува само безбедносна соработка со Израел, туку ја гарантира и американската воена помош. „Во моментов, Египет исто така преговара за многу деликатен договор со ММФ и ЕУ за повеќе пари.

Симболичните опции за Египет да изврши притисок врз Израел се поверојатни, вели тој. На пример, прекинување на дипломатските односи или повлекување на египетскиот амбасадор од Израел.

„Пукање во очајни жени и деца“

Сите експерти со кои разговараше ДВ се согласни дека она што ќе се случува натаму на границата Египет-Газа најмногу зависи од Израел.

„Египетските дипломати... продолжуваат да се сомневаат дека скриената цел на Израел е да ги притиска Палестинците кон египетската граница“, беше речено на брифингот на Меѓународната кризна група кон крајот на јануари. „Палестинците би можеле дури и да се обидат сами да влезат на Синај доколку воените операции на Израел ја направат Газа непогодна за живеење“ .

Ретки моменти на радост за децата во Газа

Ова би било најлошото сценарио „затоа што нема да биде решение постигнато со преговори, туку ќе му биде натемнато на Египет“, вели аналитичарот Хасан од Сенчури Интернешнал.

„Но, во таа фаза, навистина нема толку многу избори“, истакнува Мирет Мабрук, основачка директорка на програмата за Египет на Институтот за Блискиот Исток со седиште во Вашингтон. „Ако Палестинците навистина ја преминат границата, Египет ќе ги прифати. Тие нема да почнат да пукаат во очајните жени и деца“.

Всушност, локалните власти во Северен Синај се подготвуваат за тоа со месеци, обезбедувајќи итно сместување и медицинска помош во случај да бидат потребни, вели таа за ДВ. Американскиот весник Волстрит журнал претходно објави дека Египет потенцијално би можел да прими до 100.000 луѓе во пограничните области доколку е потребно.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема