1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Газа: Израел подготвува голема копнена офанзива во Рафах

Бен Рестле
13 февруари 2024

Четири месеци од почетокот на војната против Хамас, Израел се подготвува да испрати копнени трупи во Рафах. Градот на југот на Појасот Газа е дом на 1,5 милиони Палестинци, повеќето од нив внатрешно раселени бегалци.

https://p.dw.com/p/4cLMu
Појас Газа Рафах
Повеќе од половина од населението на Појасот Газа сега е „стиснато“ во градот РафахФотографија: AFP/Getty Images

Во неделата вечер (11 февруари, 2024), под закрила на воздушните напади со широк опсег, Израел започна рација во градот Рафах во опколениот Појас Газа. За време на рацијата, Израел соопшти дека ослободил двајца израелско-аргентински заложници киднапирани од Израел за време на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, минатата година. 

Локалните здравствени власти известија дека во воздушните напади загинале најмалку 67 палестински цивили и биле срамнети со земја неколку станбени згради и најмалку една џамија. На социјалните мрежи, аргентинскиот претседател, Хавиер Милеи, му се заблагодари на Израел за спасувањето на двајцата заложници, кои имаат двојна националност.

Во интервју за американската телевизиска мрежа Еј-Би-Си Њус, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека има намера „да ги добие преостанатите терористички баталјони во Рафах, кој е последниот бастион“, што укажува на тоа дека копнена офанзива е неизбежна. Израелските планови за копнена инвазија предизвикаа меѓународна критика, а хуманитарните агенции и клучните сојузници повикаа на воздржаност.

Што би значела копнената операција за населението на Рафах?

Од 7 октомври, односно од почетокот на војната против Хамас, Израел постојано ги проширува копнените операции во Газа кон југот, оставајќи го Рафах како едно од последните засолништа за повеќе од половината од 2,3 милиони жители на енклавата кои бегаат од насилство. Населението во градот, кое изнесуваше речиси 300.000 пред војната, се искачи на околу 1,5 милиони. Многу бегалци живеат во импровизирани кампови и засолништа на ОН.

Останува нејасно каде би можеле да се евакуираат жителите на Рафах доколку Израел изврши копнен напад
Останува нејасно каде би можеле да се евакуираат жителите на Рафах доколку Израел изврши копнен нападФотографија: Rizek Abdeljawad/Xinhua/picture alliance

Рафах се наоѓа по должината на египетската граница и е во непосредна близина на единствениот преостанат граничен премин во затворената Газа, кој сè уште е делумно достапен. Египет неодамна ја зајакна својата гранична безбедност поради загриженоста дека израелската операција би можела да предизвика масовна миграција на Газанците на негова територија.

Во неделата, египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, предупреди дека натамошната ескалација во Рафах ќе има „погубни последици“ бидејќи неговата влада се закани дека ќе се повлече од деценискиот мировен договор со Израел доколку продолжи копнената офанзива.

Дали има безбедни зони на северот на Газа?

Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху најави дека Палестинците во Газа кои сакаат да се евакуираат од Рафах ќе добијат „безбеден премин“ до „областите што ги исчистивме северно од Рафах“. „Разработуваме детален план“, додаде тој.

Деталите за таков план засега не се објавени во јавноста. Останува нејасно каде би можеле да бидат лоцирани таквите безбедни зони, колку би било гарантирано безбедно поминување, дали овие области би биле погодни за сместување на стотици илјади бегалци.

Сателитскиот центар на Обединетите нации, УНОСАТ проценува дека 30 отсто од сите градби во Газа се оштетени откако Израел ја започна војната против Хамас, со „најзначајно зголемување на штетите“ во северната централна управа на Газа и во јужната област Кан Јунис.

Над еден милион палестински бегалци побараа засолниште во Рафах
Над еден милион палестински бегалци побараа засолниште во РафахФотографија: Yasser Qudih/Xinhua/picture alliance

Друго истражување спроведено од Кори Шер од Сити Универзитетот во Њујорк и Џејмон Ван Ден Хоек од Државниот универзитет во Орегон проценува дека повеќе од половина од зградите во Газа се уништени.

Што велат САД за планираната офанзива во Рафах?

Во неделата, американскиот претседател Џо Бајден му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „воената операција во Рафах не треба да продолжи без веродостоен и изведлив план за обезбедување безбедност и поддршка за повеќе од еден милион луѓе кои се засолнети таму“.

Додека САД го поддржуваа Израел во неговата кампања за уништување на Хамас, претседателот Бајден упати повеќекратни повици за воздржаност во изминатите недели. Во декември, Бајден предупреди дека Израел ризикува да ја изгуби поддршката „со неселективното бомбардирање“ во Газа. Овој месец, американскиот лидер им рече на новинарите дека „воениот одговорот на Израел во Појасот Газа бил претеран“. 

Како реагира ЕУ?

Во саботата, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја сподели својата загриженост на платформата X, поранешен Твитер, дека израелската копнена офанзива насочена кон Рафах „ќе доведе до неискажлива хуманитарна катастрофа и тешки тензии со Египет“. Тој додаде дека „обновувањето на преговорите за ослободување на заложниците и прекин на непријателствата е единствениот начин да се спречи крвопролевање“. 

На прес-конференцијата во понеделникот, Борел изрази неверување во повиците на Нетанјаху за евакуација на цивилите од Рафах, прашувајќи: „Ќе се евакуираат - каде? На Месечината? Каде ќе ги евакуираат овие луѓе?“.

Дали офанзивата во Рафах ќе ги поткопа разговорите за заложниците?

На викендот, висок претставник на Хамас рече дека израелската копнена офанзива во Рафах ќе ги „разнесе“ тековните преговори за ослободување на заложниците.

Од киднапираните заложници во нападот на 7 октомври, сега се ослободени вкупно 112. Околу 130 сѐ уште се водат како исчезнати. Од нив, според израелските власти, се смета дека околу 30 се мртви.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема