1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Бербок го критикува Израел: Офанзива во Рафах е неоправдана

ЖА
3 февруари 2024

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го предупреди Израел од најавената воена офанзива во јужниот дел од Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/4c0Xm
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок Фотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

„За да се интервенира сега во Рафах, во последното и преполно место, како што најави израелскиот министер за одбрана, навистина нема никакво оправдување. Голем дел од жртвите би биле жени и деца. Претставете си – како би било да се тоа наши деца““, изјави министерката за Редакциската мрежа на Германија.

Бербок бара меѓународни безбедносни гаранции за реализирање на решението со постоење две држави на Блискиот Исток.  Траен мир за Израел е можен само доколку Палестинците можат да живеат безбедно и достоинствено во сопствена држава, истакнува Бербок.

Весникот „Тајмс оф Израел“ објави дека израелската армија планира да ги прошири борбите против бригадите на Хамас се` до Рафах, разбивајќи ги на истиот начин на кој досега тоа го правеше во областа околу градот Кан Јунис. Весникот притоа го цитира израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Германската министерка за надворешни работи  истакнува дека оваа најава ја примила со страв: „На израелската влада се обидувам да и` предочам веќе одредено време, заедно со нашите американски партнери, дека луѓето во Газа едноставно не можат да исчезнат“.

Барајќи засолниште, во бегство од борбите, во Рафах и во околината во меѓувреме се наоѓаат повеќе од 1,3 милиони луѓе, повеќе од половината од вкупно 2,3 милиони жители на Појасот Газа.

Речиси четири месеци по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година во јужниот дел од Израел со 1200 мртви, израелските воени трупи се длабоко навлезени во  Појасот Газа  со намера да го уништат исламистичкиот Хамас. Досега тие не продреа до крајниот југ на опколениот Појас Газа, кој со градот Рафах и истоимениот граничен премин граничи со Египет.