1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Блиски Исток: германската дипломатија во ќорсокак

Кристоф Хаселбах
1 февруари 2024

Израелскиот премиер Нетанјаху го отфрла решението за две држави со Палестинците кое го поддржува Германија. Обвинувањата за палестинската хуманитарна организација УНРВА исто така го доведоа Берлин во незавидна положба.

https://p.dw.com/p/4bvHE
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок (прва од лево) за време на посетата на граничниот премин Рафах
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок (прва од лево) за време на посетата на граничниот премин РафахФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги иритираше своите најблиски сојузници. Одлучно го отфрли решението за две држави – идејата за независна, демократска палестинска држава која би постоела покрај израелската држава. „Нема да правам компромиси кога се работи за потполна израелска безбедносна контрола над целто подрачје западно од Јордан – а тоа е спротивно на палестинска држава", пиша Нетанјаху на платформата Х. Тоа му го рекол и на американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор. Меѓутоа решението кое подразбира две држави е токму тоа на кое САД, Германија и ЕУ ги засноваат своите мировни напори на Блискиот Исток. Германската министерска за надворешни работи Аналена Бербок решението за две држави го нарече „единствено решение“. Израел може да живее безбедно само ако Палестинците исто така може да живеат сигурно и достоинствено. 

Германија единствено може постојано да укажува на таквата поврзаност, вели за ДВ Ханс Јакоб Шиндлер, експерт за Блискиот Исток од меѓународната организација „Проект анти-екстремизам“. Израелските планови за населувањена еврејски доселеници во Појасот Газа кои ги изнесоа два члена на владата, би биле „најдобар рецепт за исламистичкиот екстремизам цврсто да се укотви меѓу Палестинците во Газа, а веројатно и пошироко", вели тој.

Исто така, „Палестинците може да живеат достоинствено, сигурно и во слобода само ако Израел живи во сигурност“, рече министерката Бербок. Палестинските власти под Махмуд Абас го поддржуваа ова решение, а Хамас до сега го одбиваше, вклучувајќи и отфрлање на признавањето на Израел. Според зборовите на поранешниот претседател на Хамас, Халед Машал, масакрот од 7 октомври со околу 1200 мртви е само увертира и тој ден покажал колку е реален „сонот“ за сопствена држава „од реката до морето“. Се мисли на појасот од реката Јордан до Медитеранот, или со други зборови Израел би требало да исчезне како држава.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху децидно го отфрла решението за две држави
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху децидно го отфрла решението за две државиФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Колку е реално решение со две држави?

Тоа ја компликува и отежнува германската блискоисточна дипломатија, која големо значење и внимание обрнува на избалансираност. Германија го поддржува Израел во неговата борба против Хамас во Појасот Газа.  Министерката Бербок го предупреди Израел и во однос на заштитата на палестински цивили. Според податоци на министерството за здравство под контрола на Хамас, до сега се загинати повече од 25 илјади лица во воената операција на Израел.

Историчарот Михаел Волфсон во интервју за германскиот јавен сервис СВР решението за две држави го нарече „глупост“ и праша „како мислите да имплементирате такво решение?" А, потоа додаде дека „тоа е во суштина само муабет, нешто што не е спроведливо". За него алтернатива би била сојуз на држави, односно конфедерација меѓу Западниот брег, Појасот Газа и Јордан. Но, ниту една држава актуелно не е посветена на разгледување таков вид на решение. Египетскиот дипломат Мохамед Ел Барадеј, поранешен шеф на Меѓународната атомска агенција, го обвинува Западот за лицемерие. Накрајот на јануари за „Журналот за меѓународна политика и општество“ тој пиша дека „истите политичари кои сега заговараат решение за две држави во тишина гледаа како Израел го зазема поголемиот дел од територијата предвидена за палестинската држава (со анексија и градење населби). Периодот по окончување на насилството веројатно е последна шанса за праведен и траен мир пред целиот регион да заврши во пламен", оценува Ел Барадеј. 

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

Обвинувања против УНРВА

За германската блискоисточна политика нештата се комплицираа по неодамнешните обвинувања против агенцијата на ООН за помош на палестинските бегалци – УНРВА. За да помогне за цивилното население кое страда во Појасот Газа, Германија веќе долго ја финансира оваа организација. Но, по наводите дека некои од вработените биле инволвирани во масакрот од 7 октомври Геерманија заедно со неколку други држави привремено ја стопираше помошта. Критичарите велат дека владата во Берлин со години не контролирала прецизно што се случува со парите. Шиндлер УНРВА ја опишува како „компликувана организација”, но и како „во основа единствена хуманитарна инфраструктура која постои во Газа”. Таа, и тоа е голем предизвик за УНРВА, „секојдневно мора да се носи со Хамас во Појасот Газа, па јасно е од таму дека вакви нешта може да се случат".

Но, ниту една друга организација нема персонал, ресурси, ниту искуство кака неа. „Всушност нема алтернатива за УНРВА", вели Шиндлер. Дури ни Израел уште не објаснува кој би можел да ја врши работата во Појасот Газа наместо нив. Поддршката на Германија за Израел исто така станува се потешка. Јужна Африка дури и поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата против Израел. Уште се чека конечна пресуда, но Хашкиот суд со привремена одлука го повика Израел да стори се во воените акции на војската во Појасот Газа да не дојде до геноцид. Германија изричито застана на страната на Израел како „трета страна“ во процесот, како што неодамна објасни портпаролот на владата Штефан Хебештрајт. „Поради нашето минато, поради Холокаустот, се чувствуваме должни внимателно да го разгледуваме ова прашање. Не сум уверен дека изнесените аргументи го оправдуваат обвинението”, рече тој. 

Кој би можел да врши хуманитарна работа во Газа покрај организацијата на ОН за помош на Палестинците УНРВА?
Кој би можел да врши хуманитарна работа во Газа покрај организацијата на ОН за помош на Палестинците УНРВА?Фотографија: Gehad Hamdy/dpa/picture alliance

Запоставената блискоисточна политика

Фронтовите се зацврстуваат и заоструваат, а просторот за дипломатија се чини се намалува. Волфсон смета дека Западот тешко може да изврши притисок на Израел по прашањето за решение со две држави.  Тоа не можат дури ни САД. „Блискиот Исток е многу важен, како гео-политички, така и гео-економски за САД и други држави. Единствен сигурен партнер за САД таму е Израел”, вели историчарот за СВР. И ЕУ има „ограничени можности. Израел и треба прво во борбата против тероризмот, а и во поглед на воена технологија", објаснува тој.

Германската блискоисточна политика долго време не играла важна улога. Тоа не е заради поддршката на Израел, туку заради тоа што Германија била „премногу воздржана" во улогата на посредник, оценува Шиндлер и потсетува на работата на Германија вио блискоисточниот квартет составен од САД, Русија, ЕУ и ООН кој со години се обидува да посредува во кризата. „Квартетот никогаш не престана со работата, туку полека умираше", жали Шиндлер. „Палестинското прашање едноставно беше паркирано и оставено", вели тој."

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема