1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Што ќе се случи со Појасот Газа по војната?

АРД | СН
23 јануари 2024

Додека на меѓународно ниво за решението за две држави речиси и да постои консензус, тоа е отфрлено од Хамас и од актуелната влада на Израел. Но, САД веќе разработуваат планови за периодот по премиерот Нетанјаху.

https://p.dw.com/p/4bZeX
Додека тешките борби и натаму трајат во Појасот Газа, меѓународната заедница размислува за периодот по војната
Додека тешките борби и натаму трајат во Појасот Газа, меѓународната заедница размислува за периодот по војнатаФотографија: Maya Alleruzzo/AP Photo/picture alliance

Тешките борби продолжуваат во Појасот Газа. Не само на југот, туку и на северот. Тие покажуваат дека војната, која започна на 7 октомври со нападот на Хамас и другите терористички организации, нема да заврши наскоро. Има информации дека 20 до 30 отсто од вооружените борци во Појасот Газа се убиени откако започна војната. Според извештајот на американскиот весник, Волстрит журнал, САД проценуваат дека Хамас има доволно муниција да ја продолжи војната со месеци. Политичкото и военото раководство на Израел никогаш не се заморува да нагласи дека војната ќе продолжи додека не се постигнат целите - безбедност за граѓаните на Израел, уништување на Хамас и ослободување на заложниците. А, и началникот на Генералштабот, Херзи Халви, очекува подолга војна. Тој неодамна рече дека „нема кратенка“ во уништувањето на Хамас.

Демонстрантите бараат прекин на борбите

Но, има и такви во Израел кои сакаат борбите во Појасот Газа да престанат. Речиси секој ден има протести во Тел Авив, Ерусалим и во други градови, дури и пред куќата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Демонстрантите не размислуваат толку за иднината на Појасот Газа и за луѓето таму, тие не мислат многу за страдањето на цивилното население со многу загинати и повредени од избувнувањето на војната, тие сакаат конечно да бидат ослободени заложниците кои сѐ уште се во Појасот Газа - повеќе од 100 дена. 

Роднините на израелските заложници во Појасот Газа и нивни поддржувачи протестираат пред резиденцијата на израелскиот премиер Нетанјаху
Роднините на израелските заложници во Појасот Газа и нивни поддржувачи протестираат пред резиденцијата на израелскиот премиер Нетанјаху на 21 јануари, 2024 годинаФотографија: Ohad Zwigenberg/AP Photo/picture alliance

„Никој не сака да размислува за мировни решенија“

Израел е трауматизирана земја од 7 октомври. Ова никаде не е толку јасно како на протестите на роднините на заложниците и на загинатите. Имајќи ги предвид луѓето кои во моментов излегуваат на улиците во Израел, Исак Херцог, претседателот на Израел, најде јасни зборови на Светскиот економски форум во Давос кога го опиша расположението кое, според него, моментално преовладува во Израел. „Ако се праша просечниот Израелец како се чувствува, никој нема да каже дека размислува за мировни решенија“, рече Херцог. „Бидејќи сите сакаат да знаат дали може да ни се вети вистинска безбедност во иднина. Секој Израелец сака да биде сигурен дека нема да биде нападнат на ист начин од север, југ или од исток. Но, вистината е дека ние водиме војна за целиот универзум, за слободниот свет.“

Но, „слободниот свет“, особено САД, но и Германија и другите европски земји, се залагаат за перспектива за времето по војната. И со оглед на овие размислувања, темата за решението за две држави во моментов повторно добива на интензитет. Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, го кажа она што тој верува дека е предуслов за тоа: правото на Палестинците да градат сопствена држава мора да биде признаено од сите. Сè друго би го продолжило конфликтот на Блискиот Исток и би претставувало закана за мирот и безбедноста ширум светот. САД бараат перспектива за палестинска држава, а за тоа зборува и германската влада. Исто така, има луѓе во Израел и на палестинските територии кои токму сега сакаат да размислуваат за тоа како би можел да изгледа соживотот во регионот по војната. Но, тие се малцинство.

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

Хамас и израелската влада против решение за две држави

И така, онаму каде што всушност треба да се спроведе решение за две држави, доминира целосно отфрлање. За Хамас, кој досега го контролираше Појасот Газа, ова е поврзано со отфрлањето на државата Израел. Калид Машал, еден од политичките водачи на терористичката организација кој живее во странство, штотуку во подкаст повторно го негираше правото на Израел да постои. Тој се заложи за Палестина од Медитеранот до реката Јордан. Согласно тоа тој отфрла решение за две држави. Тоа му е заедничко нешто со Нетанјаху, кој, меѓутоа, на сето гледа обратно: за него, како што постојано нагласуваше во изминатите неколку дена, нема место за палестинска држава на Блискиот Исток - дури ни во Појасот Газа. Десничарските екстремистички коалициски партнери на Нетанјаху не само што сакаат да спречат палестинска држава, туку имаат и конкретни планови за Појасот Газа по војната. Министерот за финансии Безалел Смотрич се изјасни за нови еврејски населби таму. Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност, дури сака да форисира иселување на палестинското население. Тој тоа го нарекува „доброволна миграција“.

Понуда од Саудиска Арабија

Додека во Израел и на палестинските територии преовладува отфрлање или барем голем скептицизам кон решението за две држави, се чини дека тоа речиси стана еден вид консензус на меѓународно ниво. Ова може да се види и во изјавите од арапскиот свет: Фајсал бин Фархан Ал Сауд, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, на Светскиот економски форум во Давос се изјасни во полза на процес кој ќе ја зајакне палестинската власт, која некогаш требаше да биде почеток на палестинска држава. Ако работите продолжат вака, рече тој, ќе продолжат страдањата во Појасот Газа и циклусот на ескалација. Сега има понуда на маса.  Таа вклучува крај на борбите во Појасот Газа и ослободување на заложниците и палестинските затвореници во израелските затвори. Станува збор за договори за нормализација на односите на Израел со држави како Саудиска Арабија - сето тоа во замена за решението за две држави. Бидејќи владата на Израел го отфрла ова, во американската влада во Вашингтон очигледно веќе има планови за времето по Нетанјаху, во случај неговата влада да се распадне поради војната.

Израелските војници ја продолжуваат операцијата за уништување на Хамас во Појасот Газа
Израелските војници ја продолжуваат операцијата за уништување на Хамас во Појасот ГазаФотографија: Israeli Army Handout/REUTERS

Речиси никаква доверба во палестинските автономни власти

Но, прашањето е и кој би можел да ги води можните преговори од палестинската страна: автономната власт под раководство на 88-годишниот претседател Махмуд Абас има очаен рејтинг  кај сопственото население и се смета за толку корумпирана што американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна изјави дека треба целосно да се реновира. А сепак, во Давос тој се изјасни за големото решение на Блискиот Исток за периодот по војната: без палестинска држава нема да има вистинска интеграција на Израел на Блискиот Исток и нема да има безбедност, рече американскиот државен секретар. Но, како ќе дојде до ова со оглед на големиот отпор таму каде што би требало да се спроведе решението за две држави, останува нејасно. И американскиот претседател Џо Бајден, исто така, остана загадочен по ова прашање. Тој само рече дека има „неколку предлози за решение за две држави“. Што и да значи тоа.