Блиски Исток: Блинкен предупредува од ширење на конфликтот
8 јануари 2024„Ова е момент на длабока тензија во регионот. Овој конфликт лесно може да ескалира и да предизвика уште поголема неизвесност и страдање“, изјави Блинкен на прес-конференција во Доха. Без заеднички мировни напори, војната може да се прошири на целиот регион, предупреди Американскиот државен секретар. Тој истакна дека јасно ќе им стави до знаење на израелските власти дека мора да направат повеќе за да избегнат цивилни жртви во Појасот Газа и дека палестинските цивили треба да имаат можност да се вратат дома и да не бидат принудени да го напуштат Појасот Газа.
САД е најважниот сојузник на Израел. Ентони Блинкен се наоѓа во регионот од петокот и се обидува да ја деескалира ситуацијата. За оваа недела е планирана негова посета на Западниот Брег и на Египет.
СЗО: Испораката на помош во северна Газа е невозможна веќе дванаесет дена
Според сопствените информации, Светската здравствена организација (СЗО) дванаесет дена не може да влезе во северниот дел на Појасот Газа поради тековната војна меѓу Израел и милитантниот исламистички Хамас. Планираната мисија во болницата Ал-Авда беше откажана по четврти пат, бидејќи безбедноста не беше загарантирана, објави СЗО вечерта на платформата Х.
Силните бомбардирања, ограничените можности за движење и прекинатата комуникација ја направија „речиси невозможна“ испораката на медицински материјали до изолираниот крајбрежен појас и особено на неговиот север. Болниците имаат загрижувачки недоволно персонал, бидејќи медицинскиот персонал побегна по повиците за евакуација, соопшти агенцијата на ОН. „Натамошните пролонгирања во доставата на помош ќе значат повеќе мртви и зголемени страдања за многу луѓе“, истакна шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус на платформата Х.
По крвавиот напад на Хамас на 7 октомври на населени места во Израел, во кој беа убиени околу 1200 Израелци, израелската армија започна со копнена офанзива против терористите во Појасот Газа, при што има преку 20 илјади загинати, според Министерството за здравство на Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас.