1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел открил голема подземна фабрика за оружје во Газа

ЖА
9 јануари 2024

Израелската армија соопшти дека открила „досега најголема фабрика за оружје“ на Хамас од почетокот на војната против исламистичката палестинска организација.

https://p.dw.com/p/4b0YR
Тунелски систем на Хамас во Појасот Газа
Тунелски систем на Хамас во Појасот ГазаФотографија: IDF/Xinhua/picture alliance

Дел од тунелските коридори во кои биле најдени складирани ракети и гранати во Буриџ, во центарот на Појасот Газа, биле на длабочина од 30 метри, соопшти израелската армија. Тунелот бил дел од  тунелска мрежа која се простира низ целиот Појас Газа и го користат борците на Хамас.

Армиски претставници претходно на новинарите им презентираа бројни фабрики за оружје и тунели во палестинските области кои Хамас очигледно ги користел за воени вели. Објекти кои навидум се фабрики за цемент и други индустриски постројки всушност биле користени за производство на ракети и гранати, кои потоа биле складирани во длабоки шахти, објасни претставник на израелската армија при обиколката на објекти организирана за новинари.

Во една од бараките во Буриџ портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во понеделникот покажал детонатори за ракети кои со нивниот голем досег од околу сто километри можат да погодат цели во јужниот и централниот дел од Израел. Фабриката, како што истакнал Хагари, е изградена на патот Салах-ал-Дин, важна поврзница меѓу јужниот и северниот дел, по која се одвива и транспортот на хуманитарна помош во Појасот Газа.

Во саботата, на својата вечерна прес конференција Хагари изјави дека „уништувањето на воената структура на Хамас во северниот дел е завршено“, војската сега ќе се концентрира на уништување на исламистичката радикална организација во центарот и јужниот дел од Појасот Газа. Кан Јунис во јужниот дел располага со  „подземен град од широко разгранети тунели“,  „бегалските логори во центарот на Појасот Газа се преполни и полни со терористи“, истакна Хагари.

Стотици припадници на радикално исламистичкиот Хамас на 7 октомври брутално го нападнаа Израел и убија околу 1140 луѓе, а зедоа и околу 250 заложници. Како реакција, Израел му објави војна на Хамас и оттогаш врши масивни напади врз Појасот Газа. Според независно непроверени информации, во меѓувреме таму се убиени повеќе од 23.000 луѓе.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата ја потврди својата цел и  наредбата која и` ја дал на армијата –  елиминација на Хамас,  ослободување на сите заложници и Појасот Газа никогаш повеќе да не биде закана за Израел.