1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Петмина заложници пронајдени мртви во тунели во Појасот Газа

Тагесшау | ЕМФ
25 декември 2023

Израелската армија јави дека во тунелите во Појасот Газа се пронајдени тела на петмина киднапирани заложници. Терористичкиот Хамас го обвинува Израел дека при напад на бегалски камп убил 70 цивили.

https://p.dw.com/p/4aYrf
Подземен тунел на терористичкиот Хамас во Појасот Газа
Подземен тунел на терористичкиот Хамас во Појасот Газа (фотографија објавена од израелската армија)Фотографија: IDF/Xinhua/picture alliance

Израелската армија соопшти дека извлекла тела на пет заложници од мрежата на тунели во северниот дел на Појасот Газа. Армијата соопшти дека посмртните останки на тројца војници и двајца цивили, кои беа киднапирани во Израел на 7 октомври, биле пронајдени во многу обемен и длабок тунелски систем во областа на бегалскиот кварт Џабалија. Тунелите, кои биле изградени на две нивоа, како што се вели, служеле како команден центар на терористичката организацијаХамас. Во своето соопштение израелската армија не наведува како загинале заложниците. Воениот портпарол Даниел Хагари истакна дека сѐ уште се чека на обдукција. Исламистичката милитантна група Хамас неодамна соопшти дека некои заложници биле убиени во израелските напади врз цели во Појасот Газа. Сепак, имаше и закани за егзекуција на заложници.

Весникот „Ерусалим пост“ објави дека две од телата биле пронајдени уште пред две недели, а другите три неколку дена подоцна. Во врска со најавата за откривањето на телата, армијата објави фотографии од бања со бели плочки со едноставен туш, тоалет и мијалник, како и работна просторија со аголна маса и клупа. Двете простории се поврзани со темни ходници. Претходната недела Хамас објави видео на кое се гледаат тројца од заложниците живи, во тесна спална соба без прозорци со бели плочки. Собите прикажани во двете видеа не се поклопуваат.

Извештај: Хамас сега дејствува со герилски ќелии

Според Израел, голем број терористи на Хамас се кријат во тунели како оној што е прикажан на снимките и таму држат и други заложници. Во исто време, тие ги користат подземните патишта за да се појават од никаде и да напаѓаат. Хамас сега напаѓа со ќелии составени од само два до пет борци пред тие да се вратат назад во тунелите, објави во меѓувреме „Волстрит журнал“, повикувајќи се на висок израелски офицер. Терористите, како што се вели, оперираат и од цивилни засолништа и користат жени и деца за собирање информации и транспорт на оружје. Хамас складирал оружје и во стотици празни куќи. Ова, како што се наведува, им овозможува на нивните борци слободно да се движат, да се претставуваат како цивили и да се фатат за оружје во последен момент пред некој напад.

Појас Газа | тунел на Хамас
Според Израел, голем број терористи на Хамас се кријат во тунели (фото: израелски војник во тунел во градот Газа)Фотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Хамас зборува за 70 загинати во бегалските кампови

Во меѓувреме, израелската армија и за време на Божик продолжи со нападите врз цели во Појасот Газа. Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на милитантно исламистичкиот Хамас, соопшти дека дванаесет лица загинале ноќеска (24/25.12) во напад врз селото Ал Саваида, во центарот на палестинската територија. Најмалку 18 лица загинале во напад на градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа. Информациите не може да се проверат независно.

Министерството за здравство уште во вечерните часови објави дека најмалку 70 лица се убиени во израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Ал-Магаси, во центарот на Појасот Газа. Во нападот, како што се вели, биле уништени неколку куќи во кампот во кои живееле голем број семејства. Хамас зборува за „страшен масакр“ и „понатамошни воени злосторства“ од страна на Израел.

Израелската армија соопшти дека го проверува извештајот за инцидентот во Магаси и дека се обидува да ја минимизира штетата врз цивилите. Службата за итни случаи на палестинската Црвена полумесечина објави слики од повредени лица кои се префрлени во болници. Израел постојано тврди дека цели само на Хамас, а не на цивили.

Израел: Досега се убиени 7.860 терористи

Израелската војска проценува дека убила околу 7.860 терористи од почетокот на војната. Портпаролот на армијата вчера ги потврди ваквите извештаите на медиумите. Ако проценката е точна, бројот на убиени терористи би одговарал на речиси 40 отсто од бројот на повеќе од 20.400 жртви што претходно ги наведе Министерството за здравство во Појасот Газа. Информациите обезбедени од двете страни не можат да бидат независно проверени.