Бербок: Израел да ги почитува привремените наредби од судот
27 јануари 2024Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок на маргините на своето повеќедневно патување во Источна Африка, изрази поддршка за привремено наложените мерки од Меѓународниот суд на правдата против Израел. Тие се меѓународноправно обврзувачки и Израел мора да се придржува до нив за време на својата воена операција во Појасот Газа, соопшти Бербок.
Судот вчера (26.01) оцени дека постои ризик од геноцид во Појасот Газа, но не го обврза Израел да ја прекине воената операција против исламистичкиот Хамас. Највисокиот суд на Обединетите нации во Хаг му нареди на Израел да обезбеди поголема заштита за Палестинците за да спречи геноцид.
Шефицата на германската дипломатија Бербок во своето соопштение објаснува: „Судот, исто така, јасно стави до знаење дека акциите на Израел во Газа следат по варварскиот терор од 7-ми октомврии потсети дека Хамас исто така е обврзан со меѓународното хуманитарно право и мора конечно да ги ослободи сите заложници. Тоа ќе го поддржиме со сета сила, исто како и мерките за Израел итно да се дозволи поголема хуманитарна помош во Газа“.
Судиите во Хаг само делумно го одобрија итното барање од Јужноафриканската Република, која побара итен прекин на воените дејствија од страна на Израел поради кршење на Конвенцијата за заштита од геноцид и казнување за геноцид. Ова е прва одлука во постапката за геноцид. Главната постапка во судот може да трае со години.