1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

Судот во Хаг ќе изрече пресуда во процесот против Израел

Тагесшау | ЕМФ
26 јануари 2024

Јужноафриканската Република го обвинува Израел за геноцид во Газа - долго судење е во тек пред Меѓународниот суд на правдата. Но, судот веќе денеска одлучува во врска со барањето за итно прекинување на воената операција.

https://p.dw.com/p/4bh54
Меѓународниот суд на правдата во Хаг за кофликото на Блиски Исток
Правниот советник на израелското Министерство за надворешни работи, Тал Бекер, во Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: REMKO DE WAAL/ANP/AFP/Getty Images

Додека во Појасот Газа во тек се тешки борби, Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг денеска треба да ја објави првата одлука во процесот за геноцид против Израел. Притоа, не станува збор за главното обвинение за геноцид, туку за итно барање за мерки за заштита на палестинското население. Јужноафриканската Република (ЈАР) бара судот на ОН итно да му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената операција во Појасот Газа поради кршење на Конвенцијата за заштита од геноцид и казнување за геноцид.

Одлуката може да го зголеми притисокот врз Израел

Веројатно ќе поминат уште години пред да се донесе конечна пресуда во главната постапка. Одлуките на Судот се обврзувачки. Сепак, тој нема средства да ги спроведе. Но, укор од највисокиот суд на ОН би го зголемил политичкиот притисок врз Израел. Судиите, исто така, можат да наредат Израел да поднесе извештај за преземените мерки за заштита на Палестинците. Тоа исто така би имало значително влијание.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг
Првата одлука во процесот против Израел треба да биде соопштена во 13 часотФотографија: Thilo Schmuelgen/REUTERS

Израел ги отфрла обвинувањата

Јужноафриканската Република поднесе тужба против Израел на крајот на декември, обвинувајќи ја земјата за кршење на Конвенцијата за геноцид. Тоа е првпат Израел да се соочи со обвиненија за геноцид пред судот на ОН. Израел, САД и германската влада сметаат дека тужбата е неоснована. На сослушувањето во Палатата на мирот во Хаг пред околу две недели, претставниците на Израел категорично ги отфрлија наводите. „Израел е во војна со Хамас, но не и со палестинскиот народ“, рече правниот советник на израелското Министерство за надворешни работи, Тал Бекер. Израел, исто така, ги отфрли повиците за прекин на воената операција. Како причина беше наведено дека тоа ќе ѝ го одземе правото на самоодбрана на земјата.