1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

Тужба за геноцид - Израел пред суд на ОН

Лусиа Шултен
11 јануари 2024

Јужноафриканската Република го тужи Израел пред Меѓународниот суд на правдата за наводен геноцид во Појасот Газа. Израел енергично ги отфрла обвинувањата. Прелиминарната постапка почнува денеска во Хаг.

https://p.dw.com/p/4b6cs
Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија
Меѓународниот суд на правдата во Хаг, ХоландијаФотографија: Peter Dejong/AP/picture alliance

Јужноафриканската Република го тужи Израел за наводен геноцид. Во барањето за отпочнување процес, Јужна Африка тврди дека „дејствијата и пропустите на Израел... имаат карактер на геноцид бидејќи се сторени со потребната специјална намера...да се уништат Палестинците во Газа како дел од пошироката палестинска национална, расна и етничка група“.

И Јужноафриканската Република и Израел се членки на Конвенцијата за геноцид од 1948 година. Овој меѓународен договор ги обврзува потписничките да го превенираат и да го казнат злосторството геноцид. Геноцид во договорот е дефиниран како одредени дејствија кои се наменети да уништат, целосно или делумно, една национална, етничка, расна или верска група.

Според тужбата, причина за  иницијативата на Јужноафриканската Република  се дејствијата на Израел и заканите против палестинскиот народ по 7 октомври 2023 година. Израел и` објави војна на милитантната група Хамас по убивањето на околу 1.200 лица и земањето на повеќе од 200 други како заложници. Хамас од страна на САД, ЕУ, Израел и други е категоризирана како терористичка организација.

По настаните од 7 октомври, повеќе од 20 илјади Палестинци се убиени во израелското бомбардирање на Газа. Хуманитарната ситуација во Појасот Газа  се влошува уште повеќе по почетокот на конфликтот.

Израел тврди дека воените дејствија во Газа се  со цел да се уништи Хамас  за државата Израел да биде безбедна од милитантно-исламистичката група.

Пред кој суд тужи Јужноафриканската Република?

Јоханесбург тужбата ја поднесе пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 29 декември 2023 година. Тоа е врвниот суд на ООН и некогаш го нарекуваат „светскиот суд“.

За разлика од Меѓународниот кривичен суд, тука не се расправа за индивидуална кривична одговорност, туку за спорови меѓу држави. Почнувајќи од денеска, 11 јануари, судот ќе ги слуша исказите на двете држави.

За што ќе се расправа на рочиштата?

Меѓународниот суд на правдата ќе одлучи дали ќе го одобри барањето на Јужноафриканската Република за провизорни мерки. Тие се еден вид итна помош и би биле на сила додека се процесира случајот пред судот, објаснува за ДВ Михаел Бекер, асистент по меѓународни човекови права при „Тринити колеџ“ во Даблин.

Хуманитарна помош во Појасот Газа
Јужноафриканската Република бара поголеми испораки на хуманитарна помош во Појасот ГазаФотографија: Enes Canli/Anadolu/picture alliance

Јужноафриканската Република побара неколку провизорни мерки, меѓу кои Израел „веднаш да ги прекине воените акции во и против Газа“, како и да не прави дејствија на геноцид и да преземе разумни мерки за да го спречи, но и да дозволи пристап за хуманитарна помош. Јужна Африка бара и државата редовно да го известува судот за спроведувањето на овие мерки.

Зошто токму Јужноафриканската Република?

Во тужбата на 84 страници, Јужноафриканската Република споменува „сопствена одговорност како држава членка на Конвенцијата против геноцид, да превенира геноцид“.

Државата е силен критичар на Израел. Со години владејачката партија Африкански национален конгрес, ги споредува политиките на Израел во Газа и на Западниот Брег со апартхејд режимот на сегрегација во минатото во Јужноафриканската Република, компарација искажана од јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоза. Израел ги отфрла таквите обвинувања. Тужбата на Јужна Африка алудира на ова кога се споменува „позадина на апартхејд“ што се однесува до односот на Израел спрема палестинскиот народ.

Што вели Израел?

Израел категорично ги отфрла обвинувањата за геноцид. „Израел со гадење ја отфрла крвавата клевета која Јужноафриканската Република ја шири во својата тужба" пред Меѓународниот суд, реагираше портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лиор Хајат, на Х.  

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, и претседателот на државата Ицак Херцог, исто така ги отфрлија обвинувањата. На X, поранешен Твитер, Херцог пиша дека тој во разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакнал оти Израел пред Меѓународниот суд „гордо и јасно ќе го претстави фундаменталното право на Израел на самоодбрана“.

Израел бомбардира во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа
Израел бомбардира во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот ГазаФотографија: AFP/Getty Images

Израел ќе присуствува на рочиштата и ќе го испрати поранешниот претседател на Врховниот суд, Ахарон Барак, како свој судија претставник.

Одлуката на Израел да учествува е „добро нешто за меѓународната правда," вели експертот за меѓународно право Бекер за ДВ.

Во минатото Израел често одлучуваше да не учествува во меѓународни процеси, посочува Бекер.

Што ќе биде исходот?

Исходот од прелиминарното рочиште е комплетно отворен. Судот би можел да одлучи за или против провизорни мерки, или теориски и да најде дека е ненадлежен за случајот.

Ако Судот се одлучи за провизорни мерки не мора да се држи до барањата на Јужноафриканската Република, туку може да формулира свои, објаснува Бекер. Тој очекува дека судот има силни аргументи да одреди вакви мерки, но не очекува дека ќе бидат толку далекусежни како што делумно ги бара Јужна Африка.

Во однос на барањата на Јужна Африка да не се попречува хуманитарната помош за луѓето во Газа, Бекер смета дека е „релативно очекувано судот на Израел на еден или друг начин да му даде насоки да обезбеди хуманитарната помош да може да стаса до  Појасот Газа  во многу поголеми количини отколку што тоа сега се случува."

Рочиштето почнува денеска со почетни зборови на Јужна Африка. Во петок на ред е израелската делегација која ќе има прилика да ја каже својата страна на приказната. Одлуката за барањето прелиминарни мерки се очекува да биде донесена брзо, можеби и за само неколку недели.

Ако случајот продолжи на друго ниво, одлуката за самата содржина, имено дали Израел ги сторил дејствијата за кои е обвинет, може да биде донесена и по години од сега.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема