1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Обединетите нации – немоќни во криза

АРД
27 декември 2023

2023 не беше добра година за ОН. И во поглед на војната на Блискиот Исток или во Украина, ОН изгледаат немоќно. Мисиите на сините шлемови во Африка завршуваат неуспешно. Како ОН ќе излезат од кризата?

https://p.dw.com/p/4aa8Z
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Генералниот секретар на ОН, Антонио ГутерешФотографија: YUKI IWAMURA/AFP

Борбата беше драматична, а на крајот стигна барем еден сигнал: Советот за безбедност на ОН донесе  заедничка резолуција за блискоисточната војна, иако со многу макотрпно испреговарани компромиси. Најмоќното тело на ОН повика на зголемување на хуманитарната помош за околу два милиони луѓе во Појасот Газа. Но, нема повик за итен прекин на огнот, како што беше планирано. Зашто, само така ослабениот текст овозможи САД, израелскиот главен заштитник, да не  стават вето  и да се воздржат, како и Русија.

Гласањето кое беше одложувано со денови, кавгата околу секоја реченица во текстот на резолуцијата – на крајот на годината се само илустрација на беспомошноста во која се наоѓа Советот за безбедност на ОН. 

По руската агресорска војна во Украина, судирот на Блискиот Исток ги подели ОН како ретко кога, изјави германската амбасадорка во ОН, Антје Лендертсе за њујоршкото студио на АРД по гласањето: „Ако ја погледнете страшната ескалација на Блискиот Исток, на Советот за безбедност навистина му беше потребно мачно долго време за пронаоѓање заедничка позиција“.

Односите меѓу Израел и ОН на најниска точка

Советот за безбедност на ОН уште не пронајде заедничка позиција. Со исклучок на една резолуција за хуманитарен прекин на огнот, сите обиди за донесување резолуции за Газа беа неуспешни. САД се противат на сѐ што би можело да му предизвика непријатности на Израел и инсистираат на неговото право на самоодбрана. Арапските земји одбиваат поименично да го осудат Хамас и неговите терористички акции. Советот за безбедност на ОН е интерно растргнат.

Советот за безбедност на ОН
Советот за безбедност на ОН - дебата за блискоисточната војнаФотографија: DAVID DEE DELGADO/REUTERS

А Израел станува сѐ поизолиран на светската сцена, вели Ричард Гауен од трустот на мозоци „Кризна група":

„Израел многу јасно стави на знаење дека ќе ги отфрли сите резолуции и  ќе ја игнорира секоја критика од страна на ОН.  Израелците веруваат дека целиот систем на ОН е против нив.“

Од 7 октомври и без тоа напнатите односи меѓу Израел и ОН достигнаа најниска точка. Израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан дури го повика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да поднесе оставка зашто го предупреди Израел на одговорноста за почитување на човековите права.

Вознемирен од податоците на Хамас, дека во Појасот Газа има најмалку 20.000 мртви, вклучувајќи и вработени во ОН, кои настрадале повеќе отколку во било кој судир досега, Гутереш во ноември дури го активираше инструментот кој го користеле претходно само неколку негови претходници: се повика на член 99 од Повелбата на ОН и со тоа се вмеша во дневниот ред на Советот за безбедност на ОН. Шефот на ОН на дневен ред стави дискусија за прекин на огнот. Во Советот за безбедност на ОН резолуцијата пропадна поради ветото на САД.

„Глобалната заедница оваа година не ги користи конструктивно институциите и инструментите кои ОН ги имаат на располагање“, вели германската амбасадорка Лендертсе.

Критика на сметка на Гутереш

Многу дипломати на ОН од разни региони се сѐ повеќе фрустрирани: критиките на сметка на шефот на ОН зад затворени врати се сѐ почести. Генералниот секретеријат е неповрзан со органите на ОН. Гутереш на многу работи им пристапува премногу црно и без неопходна дипломатска умешност и сензибилитет.

Факт е и дека организациите на ОН моментално немаат многу други опции, вели експертот за ОН Гауен:

„Генералниот секретар Гутереш и целиот систем на ОН засега се концентрирани на хуманитарна помош, било во Авганистан или во Газа. Тоа е она што го можат ОН, но не можат да ги запрат војните." 

Долгогодишниот Висок комесар на ОН за бегалци со право става силен акцент на хуманитарен ангажман. Но, тој е глув за мисиите на сини шлемови, не промовира доволно конструктивни дебати, на пример за стабилизација и развој на земјите по судири.

Годинава без успех во решавањето на конфликти

Гутереш успешно преговараше за договорот за жито во украинската криза. Но, Москва летоска не го продолжи договорот за извоз на украинското жито. Притоа, токму во многу земји од Африка и Азија, веќе подолго време папсува спремноста да се крвари за војната во источна Европа.

Освен тоа, судири и натаму тлеат во западна и централна Африка. Поради тоа 2023 беше една од најтешките години за ОН по долго време, вели Ричард Гауен:

„Големиот јаз меѓу Русија и западните земји  во Советот за безбедност на ОН се продлабочи. Мислам дека сите се фокусиравме на Украина и Газа.“

Но, исто така е важно да се согледа: „ОН не успеаја да ја запрат војната во Судан. Мировните сили на ОН исто така мораа да го напуштат Мали.“ Оваа година ОН не успеаја да решат ниеден судир на својата агенда.

ОН во криза на доверба

Геополитичките промени, расколот во Советот за безбедност на ОН, дилемата меѓу морал и дипломатски ветувања: маневарскиот простор на ОН е ограничен од длабока криза на доверба, вели Гауен.

ОН - помош за Газа
ОН - помош за ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/picture alliance/dpa

Притоа ОН во 2024 година би морале да преземат крупни задачи, барем во Газа: „Поддршка за обнова, пружање основни услуги на Палестинците“, истакнува Гауен.

Се зборува дека ОН таму ќе воспостават привремена администрација. „Но, се сомневам во тоа“. Меѓутоа, ако некој таму има авторитет за да им помогне на луѓето во Појасот Газа, тогаш тоа се ОН, оценува Гауен. 

Тоа е сила која критичарите на ОН често ја занемаруваат, смета германската амбасадорка Лендертсе. Зашто, ОН ширум светот се присутни на лице место, посебно со свои развојни и хуманитарни инструменти.

„Мислам дека мораме да почнеме со хуманитарен ангажман така што ќе разгледаме дали всушност е оправдано да се критикуваат само ОН или можеби повиновни се државите членки кои ги користат ОН или не ги поддржуваат доволно.“

Германија и ОН

Германија продолжува да ги поддржува ОН и тоа е нејзин приоритет: како втор најголем донатор во целиот систем на ОН и втор најголем билатерален донатор за хуманитарна помош.

Олаф Шолц,  Аналена Бербок
50 години Германија во ОН - канцеларот Олаф Шолц и министерката за надворешни работи Аналена Бербок во Њујорк Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Оваа година беа прославени  50 години од членството на Германија во ОН.  Канцеларот Олаф Шолц и министерката за надворешни работи Аналена Бербок отпатуваа во Њујорк со огромна делегација за да го прослават јубилејот на маргините на заседанието на Генералното собрание. Огромната забава беше и почетен сигнал за следната рунда пријави: Германија сака да стане постојана членка на Советот за безбедност на ОН, но тоа е далечна иднина.

Во идната година почнува официјалната рунда за пријавување за следните ротирачки места во Советот за безбедност на ОН, кои ќе бидат достапни во 2027 година. Ривали се Австрија и Португалија. Планот за 2024 година исто така вклучува подготовка на самит за иднината заедно со Намибија. Главна цел е создавање инструменти и мрежи заради подобро совладување на судири меѓу големите сили и кризи.