1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

САД ја блокираа резолуцијата за прекин на огнот во Газа

СН/агенции
9 декември 2023

Советот за безбедност на ОН засега нема да повика на прекин на огнот во Појасот Газа. САД ја блокираа соодветната резолуција, со образложение дека не сакаат да ги загрозат дипломатските напори на теренот.

https://p.dw.com/p/4ZxhO
Седница на Советот за безбедност на ОН на 8 декември, 2023:  13 членки гласаа за резолуцијата, Велика Британија беше воздржана, а само САД беа против.
Седница на Советот за безбедност на ОН на 8 декември, 2023: 13 членки гласаа за резолуцијата, Велика Британија беше воздржана, а само САД беа против.Фотографија: Yuki Iwamura/AFP/Getty Images

САД синоќа (8 декември, 2023) ставија вето на предлог резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, кој беше поддржан од огромно мнозинство членови на тоа тело, а со кој се бара итен, хуманитарен прекин на огнот во војната во Појасот Газа.
Од 15 членки, 13 гласаа за резолуцијата, Велика Британија беше воздржана, а само САД беа против.
Советот за безбедност има 10 непостојани членки, како и пет постојани членки со право на вето, а тоа се САД, Кина, Велика Британија, Франција и Русија. 

Критики од САД за Советот за безбедност

Заменик амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, го критикуваше Советот за безбедност по гласањето бидејќи, според неговите зборови, пропушти да го осуди нападот врз Израел од страна на палестинското милитантно движење Хамас и да го признае правото на Израел на самоодбрана.
Хамас, кој има политичка контрола врз Појасот Газа, започна ненадеен напад врз јужен Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи околу 240.

Заменик амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд го критикуваше Советот за безбедност на ОН
Заменик амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд го критикуваше Советот за безбедност на ОНФотографија: Charly Triballeau/AFP/Getty Images

Вуд оцени дека со запирањето на воената акција од страна на еврејската држава ќе ги загрози дипломатските напори на теренот и само ќе му овозможи на Хамас да продолжи да владее во Газа и „да го засади семето на следната војна“.

Активирање на членот 99 од Повелбата на ОН

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно презеде необичен чекор барајќи од Советот за безбедност на ОН да се заложи за хуманитарен прекин на огнот. Во соодветното писмо до Советот, тој се повика на член 99 од Повелбата на ОН за првпат од преземањето на функцијата во 2017 година. 

Незамислива хуманитарна катастрофа во Газа

Овој член му овозможува на генералниот секретар да му укаже на Советот за безбедност на „секое прашање што, според него, може да ги загрози меѓународниот мир и безбедност“. Според ОН, членот 99 не е активиран со децении.

Инаку, пред седницата на Советот за безбедност, министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и други водечки арапски земји, како и на Турција, дојдоа во Вашингтон, а целта на нивната многу ретка заедничка мисија беше да ја убедат администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од своето противење на резолуцијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема