1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

50 години членство во ОН: Германија е само во втората лига

Кристоф Хаселбах
18 септември 2023

Германија со години сака реформа на Советот за безбедност на ОН, но никако да влезе во ексклузивниот клуб на постојани членки.

https://p.dw.com/p/4WTOy
Канцелар Олаф Шолц Генерално собрание на ОН во Њујорк
Канцеларот Олаф Шолц држи говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември 2022 годинаФотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Членка на Обединетите нации дури од 1973? Зошто толку доцна? Сојузна Република Германија е основана уште во 1949 година, само четири години по основањето на Обединетите нации. Причината е што тогаш имаше две германски држави, Сојузна Република Германија и Германска Демократска Република (ГДР), а владата на СР Германија долго време го застапуваше ставот дека единствено таа е полноправен застапник на германскиот народ затоа што е демократски легитимирана.

Западните победнички сили во Втората светска војна, САД, Велика Британија и Франција, кои во тоа време уште имаа право на одлучување во врска со Германија, ќе поддржеа членство во ОН само на СР Германија, но не и Советскиот сојуз, кој се разбираше себеси како заштитник на ГДР поради што на крајот членството во Обединетите нации беше фактички блокирано.

На почетокот на 1970-тите години сојузната влада под водство на Вили Брант ги нормализираше односите со ГДР и го отвори патот за членство на двете германски држави. На 18 септември 1973 тие станаа 133-та и 134-та членка на организацијата.

Залудно залагање за постојано место во Советот за безбедност

Двојното членство се заврши со повторното обединување на Германија на 3 октомври 1990 година и оттогаш обединета Германија е членка, а правата на победничките сили истекуваат.

Германија оттогаш значително го има зголемено ангажманот во рамки на ОН и е меѓу земјите кои плаќаат најголем придонес, учествува во бројни мировни мисии. Со седиштата на Меѓународниот поморски суд во Хамбург и на повеќе организации на ОН во Бон, таа е и важна локација за Обединетите нации.

Војници на Бундесверот во мисија на ОН во Мали
Војници на Бундесверот во мисија на ОН во МалиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Врз основа на ваквиот ангажман, како и на политичката и економска тежина на земјата, Берлин со години се бори за постојано место со право на вето во Советот за безбедност, највисоката инстанца за носење одлуки во организацијата. Во него постојани членки се САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција. Аргументите на Германија и на други аспиранти за место во Советот за безбедност, како и на генералниот секретар Антонио Гутереш, се дека составот ја отсликува геополитичката ситуација кратко по Втората светска војна, а не каква што е денес.

Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика и извршен уредник на „Меѓународна политика квартално“, барањето постојано место во Советот за безбедност го гледа како светост за германската надворешна политика, но шансите да го добие ги оценува како „многу мали“ затоа што постоечките членки не сакаат својата привилегирана позиција да ја делат со новодејденци.

Своевремено Берлин премина на тоа да бара постојано членство наЕвропската унија како целина, но тоа ќе значеше дека Велика Британија, која во тоа време уште беше членка на ЕУ, и Франција мора да се откажат од своето членство, поради што иницијативата и пропадна. Хоф во разговор со ДВ објаснува дека сојузната влада е во дилема затоа што „од една страна најважен инструмент на германската надворешна политика, барем концепциски, е да игра на картата на ОН за да воспостави нешто како светска влада, а од друга страна гледа дека структурите на организацијата имаат потреба од реформи, а не постојат изгледи дека тие и ќе се случат“.

Совет за безбедност | Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува преку видео врска во Советот за безбедност на ОН: Русија, како постојана членка, со своето вето може да блокира каква било резолуција против руската инвазија Фотографија: Spencer Platt/Getty Images/AFP

Цел - поправедна светска организација

Коалицискиот договор на актуелната германска влада содржи поглавје „Мултилатерализам“. Во него за целите на ОН се вели: „Се ангажираме политички, финансиски и персонално за зацврстување на ООН како најважна институција на меѓународниот поредок. Наша цел останува реформа на Советот за безбедност, како и поправедна застапеност на сите региони во светот“. Германија заедно со Намибија го подготвува т.н. Самит на ОН за иднината во врска со реформските прашања, кој треба да се одржи следната година. „Се работи за тоа уште еднаш да се направи обид силите кои се во ОН и кои сакаат реформи, а тие не се малку на број, да седнат на една маса“, вели Хоф и додава дека „начинот е европска земја како Германија и Намибија како поранешна колонија и претставник на глобалниот југ, да влечат на иста страна и да се обидат јасно да ја дефинираат и да ѝ дадат поттик на реформската агенда“. Сепак, Хоф е „малку скептичен дали тоа ќе им успее“.

Самит на Г20  Индонезија
Мултилатерален форум надвор од ОН: Самит на Г20 во ноември 2022 година во Индонезија - Џо Бајден (САД), Олаф Шолц (Германија), Педро Санчез (Шпанија), Емануел Макрон (Франција)Фотографија: Steffen Hebestre/Bundesregierung/dpa/picture alliance

БРИКС или Г20 како алтернативи за ОН?

Додека сите досегашни напори за реформа на ОН пропаднаа, се случува сосема поинаков развој. Хоф посочува дека „особено Кина преоѓа кон тоа да создава паралелни структури и потоа се обидува да ги претстави така да се каже како алтернативи за ОН“, без разлика дали станува збор за БРИКС или Г20.

Поранешниот британски премиер Гордон Браун во магазинот „Надворешна политика“ слично однесување ѝ префрла на владата на Џо Бајден и пишува дека „нејзината фиксација на билатерални и регионални договори на сметка на координирано дејствување, ги ограничува можностите на нашите меѓународни институции и истовремено ја поткопува секоја можност за стабилна и уредена глобализација. Без нов мултилатерализам се чини неизбежна деценија на глобален неред“, пишува Браун.

Но, дури и германската политика малку го менува правецот, смета Хоф и вели дека „последниот самит на Г20 е добар пример за тоа дека повеќе се игра на картата на такви формати за да се воспостави нешто како светско владеење, отколку на ОН."

Мултилатерализмот е еден од клучните зборови во германската надворешна политика и тоа со децении, но се чини дека дури и сојузната влада притоа не мисли исклучиво на Обединетите нации.