1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

БРИКС - предизвикот кон Западот ќе мора да почека

1 септември 2023

Развојот на БРИКС, чија критична политичка маса и влијание со време само ќе расте, треба да се следи со внимание. Но, до збогување со доларот и доминацијата на чичко Сем, ќе помине уште многу време. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4VpIW
ЈАР Јоханесбург | самит на БРИКС
Лого на самитот на БРИКС во Јоханесбург (23.08.2023)Фотографија: Sergei Bobylev/TASS/dpa/picture alliance

Минатиот вторник (22.08) започна форумот на БРИКС-земјите, кој според ротационото претседателство оваа година се одржа во Јужноафриканската Република. После години слаба заинтересираност на меѓународно поле за овој форум или самит, оваа година очекувањата и медиумското внимание достигнаа повисоко ниво, можеби слично на она кога БРИКС беа во зародиш и така среќно крстени со актуелниот акроним од економистот Џим О'Нил.

Поддржувачите на БРИКС, каде припаѓаат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, веруваат дека самитот од 2023 година е можност за таканаречениот „Глобален југ“ да испрати предизвик до Западот, кој пак мултилатерално е окарактеризиран преку Г7 и пред сѐ НАТО, односно, хегемонијата и лидершипот на САД.

Созреа ли времето за БРИКС?

Но, дали е навистина созреано времето за БРИКС да ги сметаме за некаква алтернатива на актуелниот светски поредок?

Да тргнеме од геополитичките аспекти. Недискутабилно е дека членките на БРИКС не спаѓаат во некои од најголемите сојузници на САД, почнувајќи од Кина, која е системски ривал и сила во подем со намера да се закани на американската доминација. Повеќето од земјите задржаа неутрална позиција во однос на војната во Украина, со исклучок се разбира на Русија, која е инволвирана страна во конфликтот.

Сепак, реално гледано, тешко е замисливо дека БРИКС се во состојба да создадат обединет и компактен фронт против САД. Почнувајќи од чисто формални аспекти, како фактот дека Путин не можеше да отиде во Јоханесбург (се обрати преку Скајп), каде веднаш би бил уапсен, затоа што Јужноафриканската Република е дел од Меѓународниот кривичен суд кој објави мандат за негово апсење.

ЈАР, Јоханесбург | самит на БРИКС
Владимир Путин не можеше да отиде во Јоханесбург и се обрати преку СкајпФотографија: Sergei Bobylev/dpa/picture alliance

Истото важи и за прашање од многу повисока стратешка важност, како што е учеството на Индија во КВАД - индо-пацифичкиот сојуз од одбранбен карактер, каде членуваат и САД, Јапонија и Австралија и кој е создаден во антикинеско својство. Или пак, поради фактот што Бразил е многу внимателен да не се конфронтира со Западот, затоа што има егзистенцијална потреба од соработка со САД и Европа, пред сѐ од финансиски и инвестициски аспект.

Далеку поинтересно е што БРИКС се обидуваат да направат или што претставуваат на економски план. Нема сомнежи дека на тој план БРИКС се екстремно важен блок, особено после планираното проширување со Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Аргентина, каде заедно би вределе околу 36% од светскиот БДП наспроти актуелните 26%, и особено во однос на 29% колку што тежат земјите-членки на Г7. Но, доволно е да направиме мала деконструкција на овие агрегирани податоци за да видиме дека БДП на Кина вреди повеќе од тој на останатите четири членки или партнери заедно.

Банката на БРИКС

Тоа ни кажува дека не станува збор за урамнотежена група, уште помалку хомогена, туку дека БРИКС се инструмент во рацете на Кина и Ши Џинпинг преку кој ќе се обидат да влијаат во насока на сопствените геополитички и геоекономски интереси. Еден од тие интереси е Кина да создаде алтернативен пол и поредок на оној атлантскиот. Друг интерес за Пекинг е да ја интернационализира сопствената валута (ренмибито) со цел да го ослабне приматот и доминацијата на доларот. Затоа и на масата е предлогот БРИКС да си создадат единствена валута, еден вид на „евро 2.0“, со што би се заменила американската валута и би се ослободиле од зависноста на Вашингтон. Во реалноста, премногу различните економски структури на БРИКС-земјите ваквата опција ја прават крајно нереална и неизводлива, барем во блиска иднина. Секако, логиката е поинаква во билатералните договори кои го регулираат плаќањето од трговска природа и кои сѐ почесто предвидуваат употреба на ренмибито или локалната валута и кои во рок од неколку години би можеле да ја намалат употребата на доларот како меѓународно платежно средство. Но, тоа не би ја променила природата и важноста на доларот како валута од резерва или како гаранција за финансиските асети.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Затоа, Кина како единствен услов за проширувањето на БРИКС го наметна пристапувањето на новите членки кон „New development bank“ или популарно позната како „Банката на БРИКС“. Целта на Кина и во овој случај е да создаде алтернатива на големите мултилатерални институции под водство на Америка, како што е Светската банка. Банката сместена во Шангај главно финансира развојни иницијативи во земјите од исклучителен интерес за Кина, во вредност од преку 30 милијарди долари. Влезот на една економска супер-сила како онаа на Саудијците, па дури и Иран, му дава шанси на Ши Џинпинг да ја постигне целта од капитализација во вредност од 100 милијарди. Проблемот за Кина е што и покрај нејзиното противење банката работи во долари.

Русија не ја сака Кина

Што се однесува до политичките или геополитичките аспекти, ќе видиме дека во рамките на БРИКС не цутат рози ни меѓу самите членки. Како последица на војната во Украина, Русија се доведе во ситуација комплетно да зависи од Кина, земја која не ја сака и која никогаш не ја сакала. Сојузот со Пекинг воопшто не е „без граници“ и Кина - откако ќе исцица од Русија нафта и суровини по багателни цени - ќе мора да се позанимава со својата тешка економска транзиција. Таа транзиција зависи од односите со Западот, а не од односите со Русија, каде рубљата тоне.

Кина ја прочита финансиската криза од 2008 година како дефинитивен знак за американското пропаѓање, додека - по малку апсурдно - денес и самата се наоѓа пред својата криза од 2008. Светската економија, особено со кризата на Кина, е дефинитивно во фаза на фрагментација, но меѓународната економија ќе продолжи да постои и понатаму. Тоа го знаат и членките на БРИКС кои не можат да си дозволат да се откажат од постоечката финансиска инфраструктура на светската економија.

ЈАР, Јоханесбург | БРИКС | Ши Џинпинг
Ши Џинпинг и Кина сакаат да ја искористат БРИКС за да влијаат во насока на сопствените геополитички и геоекономски интересиФотографија: Sergei Bobylev/dpa/picture alliance

Русија, од друга страна, не може да смета на некаква си поддршка од „Глобалниот југ“, од проста причина што таков фронт во реалноста не постои, туку демагошки се употребува како дефиниција за незападниот свет. Во однос на Русија, сите овие регионални сили кои се дел од БРИКС или допрва ќе станат, во најдобра рака нудат една штура неутралност, додека продолжуваат да го бранат принципот на територијален интегритет. Кина секако има најголеми амбиции да доминира во БРИКС, но без поддршка од Индија, која и самата има амбиции и се проектира како глобална сила. Тоа само по себе, како и преголемите различности помеѓу поедините актери, ги поматува плановите за конструкција на еден вистински „меѓународен поредок“ под водство на Кина, наместо Америка.

Оттука, БРИКС веќе наликува на збирштина од регионални сили, некои и со глобални аспирации секако, но амбиции кои сѐ уште не соодејствуваат со актуелната реалност. Постои и уште еден проблем. Ривалството на овој век, судирот помеѓу Кина и САД, за разлика од Студената војна, никого денес премногу не го присилува да се определи за едниот или за другиот од сопарниците. Од тој аспект, единствен вистински меѓународен сојуз кој има причина и интерес за постоење е НАТО, се разбира сѐ додека во Белата куќа седи претседател кој ја разбира важноста на таа реалност.

Фрагментација на актуелниот светски поредок

За сѐ останото, актуелниот биполарен судир Кина-САД, наместо да им ги врзе рацете на сите регионални или средно моќни сили, им дава поголема слобода на дејствување и шанса да играат на повеќе маси. Погледнете го само дејствувањето на Саудиска Арабија или на Турција, или пак Индија на Моди, каде денес сме сведоци дека наместо некакво конституирање на нови Неврзани, сѐ повеќе испливуваат земји кои се плури-Врзани. Односно, регионалните сили од „Глобалниот југ, и не само тие, сѐ повеќе се стремат да имаат одредена специфична, ограничена, но конкретна моќ, отколку да се залагаат кон некаква илузорна агрегирана моќ преку нови мултилатерални платформи. Се разбира, за земји како нашата, таквите опции се илузорни и ние може само да сме среќни што сме дел од единствениот вистински меѓународен сојуз, во класична смисла и со суштинска функција.

Затоа, можеме слободно да кажеме дека повеќе од раѓањето на некаков нов светски поредок, сведоци сме на фрагментација на актуелниот светски поредок.

Сепак, прерано е да се санкционира залезот на Западот.

Тоа не значи дека развојот на БРИКС, чија критична политичка маса и влијание со време само ќе расте, не треба да се следи со внимание. Но, различностите се поголеми од сличностите и прерано е да се зборува за некаква значајна економска и финансиска интеграција. Светот е во една нова фаза, каде дистрибуцијата на моќ сѐ повеќе ќе се фрагментира и ќе станува сѐ поразновидна.

Но, од тоа до збогување со доларот и доминацијата на чичко Сем, ќе помине уште многу време.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема