1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Државите на БРИКС против Г7

Астрид Пранге
11 април 2023

Стари сојузништва, нова моќ - посетата на бразилскиот претседател Лула на Кина е во знакот на претворање на државите на БРИКС во контрамодел на Г7.

https://p.dw.com/p/4PtC5
Знамињата на земјите-членки на БРИКС - Кина, Јужна Африка, Индија, Бразил и Русија
Знамињата на земјите-членки на БРИКС - Кина, Јужна Африка, Индија, Бразил и Русија (од десно кон лево)Фотографија: Wu Hong/AP Images/picture alliance

„Основачката легенда на економии во забрзан подем избледе, земјите од БРИКС моментално го доживуваат својот геополитички момент“, вели за ДВ Гинтер Мајхолд, заменик директор на фондацијата Наука и политика (СВП). Според него, овие држави се обидуваат да се позиционираат како гласноговорници на глобалниот југ, „како контрамодел на Г7“.

Кратенката „БРИК“ се должи на поранешниот главен економист во големата банка Голдман Сакс, Џим О'Нил. Таа ги опфаќа четирите земји - Бразил, Русија, Индија и Кина, кои покажуваа високи стапки на економски раст во подолг временски период во раните 2000-ти. Кратенката требаше да им обезбеди на земјите во забрзан подем поголемо внимание во сферата на странски инвестиции.

Од тогашната финансиско политичка маркетинг мерка настана платформа за меѓудржавна соработка. Во 2009 година, во Екатеринбург, се одржа првиот самит на четирите земји во забрзан подем. Во 2010 година покана да се приклучи во групата доби Јужноафриканската Република.

Конкуренција за Светска банка

Во 2014 година, земјите од БРИКС ја основаа „Новата развојна банка“ (НДБ) со основен капитал од 50 милијарди американски долари како алтернатива на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Дополнително, беше создаден механизам за ликвидност, Contingent Reserve Arrangement, за поддршка на членките во случај на проблеми со плаќање.

Овие понуди се атрактивни не само за самите земји на БРИКС, туку и за многу земји во развој и нови земји кои имале болни искуства со структурното прилагодување и програмите за штедење на ММФ. Затоа што на тој начин, во време на криза, тие веќе не се исклучиво зависни од Светска банка и ММФ. Затоа, многу земји сигнализираа интерес за приклучување кон групата БРИКС.

БРИКС-банката НДБ веќе се отвори за нови членови. Во 2021 година, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Уругвај и Бангладеш зедоа акции во институцијата. Сепак, тие се далеку под депозитите од десет милијарди американски долари на основачките членови.

Новата развојна банка на земјите од БРИКС во Шангај
Поранешната бразилска претседателка Дилма Русеф од април е на чело на Новата развојна банка на земјите од БРИКС во ШангајФотографија: Wang Gang/Costfoto/picture alliance

На курс на експанзија

Министерот за надворешни работи на Јужноафриканската Република, Наледи Пандор, тврди дека има „огромен глобален интерес“ за клубот БРИКС. „На мојата работна маса имам барања од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Алжир, Аргентина, Мексико и Нигерија“, објасни таа во едно ТВ-интервју.

Земјите од БРИКС се подготвени да зборуваат за проширување на групата, но претходно треба да се дискутира за критериумите за прием. Темата ќе биде на дневен ред на следниот самит, во август во Јужноафриканската Република. 

Економскиот развој на земјите од БРИКС сега нема многу врска со основачкиот мит за земји во забрзан подем. Зашто, од петте земји основачи, само Кина покажува континуиран и експанзивен раст.

Додека Кина во периодот помеѓу 2010 и 2021 година го зголеми својот брутодомашен производ (БДП) од шест трилиони на речиси 18 трилиони американски долари, економиите на Бразил, Јужноафриканската Република и Русија стагнираа. На Индија ѝ успеа речиси да го удвои своето економско постигнување од 1,7 на 3,1 трилиони американски долари.

Удел на државите на БРИКС во глобалниот БДП (2020, во проценти)
Удел на државите на БРИКС во глобалниот БДП (2020, во проценти)

Нема санкции против Русија

Поради војната во Украина, дистанцата меѓу земјите на БРИКС и Западот се зголеми. Затоа што во санкциите против Москва не учествуваат ниту  Индија,ниту Бразил, Јужноафриканската Република или Кина. Ова се рефлектира во делумно историските трговски односи меѓу Индија и Русија, или во зависноста на Бразил од ѓубрива од Русија.

„Војната во Украина создаде дипломатска поделба меѓу Западот и земјите кои ја поддржуваат Русија“, пишува британскиот политиколог Метју Бишоп од Универзитетот Шефилд во списанието „Економски опсерватор“. Меѓутоа, според Шефилд, тоа го прикрива соучесништвото на западните финансиски институции и елити со Путин долги години.

Експертот Мајхолд не го гледа БРИКС како антизападна констелација, туку како платформа за спроведување на сопствените национални интереси. „Јужноафриканската Република, Индија и Бразил сакаат да се движат 'меѓу различните светови'“, објаснува тој. „Тие сакаат од ситуација на дистанца да ги реализираат најдобрите опции за својот национален развој.“

Станува збор за извлекување на најдоброто од „битката на гигантите, а овие земји велат дека не е погрешно да се ангажирате и во БРИКС, тогаш не зависите само од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд кога сте во финансиска криза.“

Кина, од друга страна, според Мајхолд, ја користи платформата за своите глобални политички амбиции. Понудите за посредување во војната во Украина и заедничките воени маневри на Русија и Кина во Јужноафриканската Република се вклопуваат во оваа слика.

Западот ја препозна промената во стратегијата и се обидува да се спротивстави на неа, вели Мајхолд. „Тоа се набљудува многу внимателно“, вели тој. „На самитот на Г7во Германија, во 2022 година, Јужноафриканската Република и Индија беа експлицитно поканети за да се спречи перспективата „Г7 наспроти БРИКС“ во светската политика.