Нова банка како противтежа на западниот финансиски систем
16 јули 2014Банката, чија цел ќе биде финансирање на инфраструктурни проекти во земјите во развој ќе има седиште во Шангај, а Индија ќе претседава со нејзините операции во првите пет години, по што ќе следат Бразил и Русија. Договорот падна на самитот на земјите во забрзан развој БРИКС, каде е решено и да се формира валутен резервен фонд од околу 100 милијарди долари со кој ќе им се помага на земјите да се справуваат со краткорочните проблеми со ликвидност. Новата банка ќе се вика Нова Банка за развој.
Ова е прво големо постигнување на БРИКС земјите- Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка- откако се обединија во групата во 2009 година во обид да си обезбедат поголема улога во глобалниот финансиски поредок креиран од западните земји по Втората светска војна, а центриран околу Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Новата банка го рефлектира зголеменото влијание на БРИКС, земји во кои живее околу половината од светското население и произведуваат околу една петина од вкупниот глобален производ.
Банката ќе почне со давање позајмици во 2016 година и ќе биде отворена за членство и за други земји, но капиталниот удел на БРИКС не смее да падне под 55 проценти.
„Ова е сигнал за промени, кој бара и реформи од ММФ“, изјави претседателката на Бразил Дилма Русеф.
Кинеската агенција Синхуа цитира неименуван кинески функционер кој вели дека новата банка ќе им овозможи на земјите во развој поголемо влијание врз меѓународниот финансиски систем.