БРИКС се стреми кон нов светски поредок
10 јули 2015Земјите во забрзан подем од групата БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, на самитот што се одржа во рускиот индустриски град Уфа искажаа голема критика на сметка на Западот и договорија поблиска меѓусебна соработка. Цел на нивната нова стратегија 2020, како што рече на крајот од самитот неговиот домаќин, рускиот претседател Владимир Путин, е да се зголеми стопанскиот пораст и конкурентноста на БРИКС во светската економија.
Во завршната декларација од самитот петте држави ја критикуваат „неолибералната глобализација“, оти таа уништува работни места и еколошки системи ширум светот. БРИКС-државите си поставија за цел да градат нов „мултиполарен светски поредок“, без да се веднат под диктат на Западот и на „дискриминирачките економски санкции“. Во документот кој содржи 18 точки се вели дека овие земји се стремат кон поправеден поредок во меѓународните односи и се гледаат себе си како „структура на едно ново глобално управување“. Претседателот на Кина Ши Џинпинг го нарече овој процес „неповратен“.
Развојна банка на БРИКС - противтежа на ММФ
Во декларацијата се нагласени и новата развојна банка на БРИКС, како и фондот со валутни резерви. Тие заеднички треба да достигнат волумен од 200 милијарди американски долари и да претставуваат противтежа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е под доминација на Западот. Со тоа овие земји го зголемуваат притисокот за реформа на ММФ и на Светската банка.
Освен тоа, БРИКС-државите, според зборовите на Путин, договориле и поблиска соработка кај инвестициите, трговијата, енергетиката, но и во културата, како и кај хуманитарните проблеми.
Земјите-учеснички на самитот во Уфа ги критикуваа САД и ЕУ поради нивната политика во економски кризни времиња. „Не можеме да се согласиме дека тврдите мерки за водење на стопанството, кои доведоа до неуспех во Европа и во САД, се излез од некоја криза“, се вели во декларацијата. БРИКС-државите имаат намера во иднина повеќе отколку досега да се занимаваат со политички прашања, рече рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Шангајската организација за соработка ќе се шири
На овој самит во Уфа веднаш се надоврзува средбата на Шангајската организација за соработка (СЦО). На сите разговори во Уфа теми се поблиска економска соработка, алтернативен светски поредок без доминација на САД и на доларот, како и борбата против кризите во светот. Во обата формата - БРИКС и СЦО - предводници се Русија и Кина, односно Путин и Ши Џинпинг. За самитот на СЦО допатуваа и претседателите на четирите други постојани земји-членки: Таџикистан, Узбекистан, Киргизија, и Казахстан. Работите одат кон проширување - Индија и Пакистан наскоро би требало да станат нови членки.
Русија се’ повеќе се врти кон Азија
Но, второстепено е кој дошол на кој самит; за домаќинот Путин е битно првенствено дека тој се покажа како поврзувач на светската политика. Во Уфа дојдоа повеќе претседатели на држави отколку што би морале како челници на земји-членки на БРИКС или СЦО - тука се и претседателите на Белорусија, Ерменија, Иран, Авганистан и Монголија. На неформална средба се состанаа и членовите на Евроазиската економска унија, иницирана од Русија. Путин и неговиот најважен гостин Ши Џинпинг ја користат можноста за да го унапредат економското поврзување на постсоветскиот простор и Азија. Откако и’ е разнишан односот со Западот поради кризата во Украина, Русија се’ посилно се врти кон Азија. Префрлувањата од Вашингтон, токму во време на средбите во Уфа, дека Русија во меѓувреме е најголема закана за САД, Москва ги гледа само како натамошно охрабрување за еден нов курс.