1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел го критикува гласањето во ОН за прекин на огнот

ЕМФ | дпа
13 декември 2023

Израел го критикува барањето на Генералното собрание на ОН за итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/4a60o
Генералното собрание на Обединетите нации
Генералното собрание на Обединетите нации, 12.12.2023Фотографија: ANGELA WEISS/AFP

Израел го критикува гласањето во ОН за итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа. „Хамас изврши ужасни злосторства и оние кои даваат поддршка за прекин на огнот му овозможуваат на Хамас да живее и натаму и да извршува уште злодела“, изјави израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации. Тој побара од присутните да го повикаат шефот на Хамас во Појасот Газа, Џихија Синвар, и од него да побараат да го положи оружјето, да се предаде и да ги ослободи сите заложници. „Тогаш ќе има вистински прекин на огнот, кој ќе важи засекогаш“, рече Ердан, притоа држејќи в рака табла со телефонски број на канцеларијата на Хамас.

ОН вчеравечер (12.12) со резолуција гласаа за итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа. Документот поднесен од Египет доби двотретинско мнозинство гласови - 153 земји гласаа „за“, десет гласаа „против“ - Израел, САД, Австрија, Чешка, Микронезија, Науру, Папуа-Нова Гвинеја, Парагвај, Гватемала и Либерија. 23 држави беа воздржани, меѓу кои и Германија, Велика Британија и Италија. Резолуцијата не го спомнува експлицитно масакрот на Хамас во Израел на 7 октомври. Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, но имаат симболичко значење. Истовремено, тие го отсликуваат расположението на светот.

Генерално собрание на ОН
Резултатот од гласањето за резолуцијата во Генералното собрание на ОНФотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Набил Абу Рудеинех, портпарол на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, им се заблагодари на земјите кои гласаа за резолуцијата. Според него, резултатот покажува дека огромното мнозинство земји стојат со палестинскиот народ и ја отфрлаат „израелската агресија“ и „протерувањето“ на Палестинците од нивната земја. Израел мора да го прифати резултатот и да биде обврзан да го спроведе прекинот на огнот, рече тој.

Милитантно исламистичкиот Хамас исто така го поздрави „повикот на Обединетите нации за итен прекин на огнот“ во Појасот Газа, изјави Исат ал-Ришк, член на Политбирото на Хамас. Хамас, според него, ја повикува меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за земјата да се придржува до резолуцијата и да стави крај на „етничкото чистење“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема