1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски пасош само ако кажеш „да“ за Израел?

12 декември 2023

Германската покраина Саксонија-Анхалт има намера да бара од секој кандидат за стекнување со германско државјанство да се изјасни за правото на постоење на Израел. Во сојузната владејачка коалиција - различни реакции.

https://p.dw.com/p/4a3ef
Германско и знаме на Израел
Германско и знаме на ИзраелФотографија: Frank Rumpenhorst/picture alliance/dpa

Саксонија-Анхалт прва од сите други германски покраини ќе воведе правило подносителите на барање за германско државјанство да мора позитивно да се изјаснат за правото на Израел на постоење. Тоа произлегува од директивата издадена од покраинската министерка за внатрешни работи, Тамара Цишанг.

Во дописот на демохристијанската политичарка (ЦДУ) испратен до надлежните установи, се наведува: „Стекнување германско државјанство бара позитивно изјаснување за правото на постоење на Израел.“

Да се внимава на антисемитизам при делењето државјанство

Во дописот понатаму се нагласува дека кандидатите за стекнување германско државјанство, пред неговото доделување, мора да потпишат изјава дека „го признаваат правото на постоење на Израел и ги осудуваат сите настојувања насочени против егзистенцијата на државата Израел.“

Освен тоа, во документот потпишан од министерката се наведува дека мора да се внимава на тоа „дали постојат назнаки за присустност на  антисемитски ставови.“ 

Стекнувањето државјанство е сојузна работа, покраините се извршители

Додуша, правната регулатива за стекнување државјанство во Германија е во надлежност на сојузната држава, но примената на правната рамка е во надлежност на покраините. Саксонија-Анхалт ги повика и другите покраини да постапат на ист начин. Од лицата кои бараат германско државјанство веќе се бара, покрај мноштвото формални работи, и недвосмислено да го прифатат демократскиот поредок и Уставот.

Ирачко семејство при врачување на германско државјанство
Ирачко семејство при врачување на германско државјанство Фотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Тамара Цишанг се надоврзува токму на тоа кога вели: „Во германскиот Устав е втемелена заштитата на човековото достоинство и слободата на вероисповед. И двете работи исклучуваат омраза кон Евреите и антисемитски ставови.“

Владејачките партии стравуваат од поларизација

И во нацртот на германскиот закон за државјанство, за кој токму сега расправа Бундестагот, се наведува: „Антисемитски, расистички и други нечовечки постапки не се споиви со гаранцијата на човечкото достоинство во Уставот“.

Цела низа политичари од владејачките Социјалдемократи, Зелени и Либерали смета дека таквата формулација е доволна, односно дека посебна изјава за правото на Израел на постоење не е неопходна. Социјалдемократот Хелге Линд напоменува на пример дека со еден потпис не може да се отстрани целата омраза кон Израел. Некои други политичари од владејачката коалиција се загрижени поради тоа што директивата од Саксонија-Анхалт непотребно ја поларизира и онака напнатата ситуација.

И лидерот на ЦДУ е за директивата

Пред неколку недели шефот на Христијанско демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц веќе предложи нешто слично како сега неговата партиска колешка од Саксонија-Анхалт. За Втората програма на германскиот јавен сервис (ЗДФ) Мерц на крајот на октомври изјави дека за прием во државјанство би бил потребен јасен договор за тоа дека кандидатот позитивно се изјаснува за безбедноста на Израел. Оној кој не сака тоа да го потпише, нема што да бара во Германија, смета Мерц.

Цишанг: „Еврејскиот живот се развива“

Покраинската министерка за внатрешни работи на Саксонија-Анхалт не го образложува својот актуелен потег толку со блискоисточната војна или растечкиот антисемитизам во Германија, колку со еврејскиот живот во нејзината покраина. Цишанг вели дека во градот Десау во октомври е отворена нова синагога, а деновиве синагога беше отворена и во Магдебург. Нејзината директива произлегува од тие актуелни настани: „Гледаме дека еврејскиот живот добива сѐ повеќе простор за свој развој.“

Тамара Цишанг
Покраинската министерка за внатрешни работи на Сакснија-Анхалт, Тамара Цишанг: „Еврејскиот живот се развива“ Фотографија: Anton Feuerpfeil/DW

Таа смета дека Германија не смее да остане само на вербално колнење во заштита на тој живот и ја отфрла критиката од многу медиуми од земјата и странство кои во тој потег гледаат кршење на слободата на мислење: „Тоа не мора да важи за други европски земји, но за нас во Германија е така.“

Постоењето на Израел како државен резон

Цишанг го образложува својот чекор со „германскиот државен резон“. Тој не е содржан во Уставот, но го прифаќаат речиси сите германски политичари.

Конкретно, тој израз првпат се појави во текстовите на бившиот германски амбасадор во Израел, социјалдемократот Рудолф Драјслер, на должност во Израел пет години, до 2005. Драјслер на пример напиша: „Обезбедена егзистенција на Израел е во национален интерес на Германија, па со тоа и составен дел од нашиот државен резон.“

Во 2008 година тогашната канцеларка Ангела Меркел ја повтори таа формулација во говорот пред израелскиот парламент, Кнесетот. Таа рече дека безбедноста на Израел е составен дел од  германскиот државен резон,  веќе долго време: „Секоја германска влада и секој сојузен канцелар пред мене го обврзуваше посебната историска одговорност на Германија за безбедноста на Израел."

Од Аденауер до Шолц – Германија е со Израел

Веќе првиот германски канцелар по Втората светска војна, демохристијанинот Конрад Аденауер, само неколку години по крајот на нацистичкото владеење го протолкува правото на Израел да постои како национален интерес на Германија и како последица на германската одговорност за Холокаустот и израз на германската политика на „поправање на штетата“.

Демонстрација против антисемитизам, Берлин, Германија
Демонстрација против антисемитизам, Берлин, Германија, 19.11.2023Фотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Германија, на пример, му помагаше на Израел во областа на производство на оружје, но тоа не подразбираше и германски воени гаранции. Значи, што се подразбира под „државен резон“ е предмет на актуелни толкувања.  Германскиот канцелар Олаф Шолц по терористичкиот напад на Хамас на Израел на 7 октомври го повтори ставот на својата претходничка Меркел: „Безбедноста на Израел е германски државен резон.“

Слоевита слика кај народот

Германската политика е цврсто  на страната на Израел,  но кај населението сликата е поразновидна. Анкета на Институтот за истражување на јавното мислење „Аленсбах“ на крајот на ноември констатираше дека 34 проценти од анкетираните сметаат дека Германија има посебна историска одговорност за Израел. Исто толку, 35 проценти се на мислење дека Израел има право воено да интервенира во Газа и остро да се пресмета со Хамас, организација која Германија и други земји ја квалификуваат за терористичка. Но, 38 проценти испитаници заговараат повоздржана реакција.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик