Шолц: Безбедноста на Израел е државен резон за Германија
18 октомври 2023Десет дена по терористичкиот напад на радикалната исламистичка група Хамас, германскиот канцелар Олаф Шолц го посети Израел за да ја покаже солидарноста на Германија со нападнатата земја. „Ова е посета на пријатели во тешки времиња. Безбедноста на Израел и неговите граѓани е државен резон за Германија“, нагласи Шолц на заедничката прес конференција со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Канцеларот повторно остро го осуди нападот на терористите на Хамас на 7 октомври, порачувајќи: „Израел има право да се брани од тероризам“. Тоа, нагласи тој, е предвидено со меѓународното право.
Истовремено, Шолц вети заштита на еврејските институции во Германија: „Еврејскиот живот во Германија е дар“. Антиизраелските демонстрации во Германија, Шолц ги осуди: „Глорификувањето и славењето на насилството е нехумано и одвратно. Тоа е забрането и ќе биде казнето“.
Нетанјаху: „Најголемо злосторство по Холокаустот“
Израелскиот премиер пак порача: „Го цениме фактот што сте овде кај нас, што не` поддржувате“. Нетанјаху повторно изврши споредба на Хамас со терористичката организација Исламска држава, барајќи поддршка на светот во израелската борба против Хамас. Зашто, тоа не е само борба на Израел: „Тоа е и наша заедничка борба, борба на цивилизацијата против варварството“, рече Нетанјаху.
Тој нагласи дека очигледна цел на Хамас е уништување на државата Израел. Терористичкиот напад од пред десет дена, Нетанјаху го оцени за „најголемо злосторство против Евреите по Холокаустот“. На луѓето им се отсекувани главите, стрелани се деца со врзани раце или пред родителите, изјави Нетанјаху: „Да можеа, би убиле секого од нас, но за тоа едноставно немаа капацитети.“
Предупредување од Шолц до „странски актери“ да не се мешаат во судирот
Покрај поддршката на Израел против Хамас, дводневната посета на Шолц на Блиски Исток првенствено има за цел сузбивање на ризиците од ширење на воен пожар во регионот. Шолц испрати предупредување до странските актери да не се мешаат во конфликтот. „Ниеден од актерите не треба да ја смета за добра идејата за интервенција однадвор во овој судир. Тоа би била сериозна, непростлива грешка и изминатите денови оваа порака ја пренесовме по разни канали до оние на кои им е упатена“, изјави канцеларот.
Шолц додаде дека германската влада не го заборава ни цивилното население во Појасот Газа. Хуманитарната помош, рече тој, мора да биде пружена, а потребите на Газа не ја оставаат рамнодушна Германија. Во одговор, Нетанјаху оцени дека безбедноста на цивилното нааселение во Газа зависи од дејствувањето на Хамас, терористите според него досега го користат сопственото население како жив штит. Тоа, како и убиствата во Израел, се двојно воено злосторство, истакна Нетанјаху.
Инцидент пред патувањето во Египет
Пред полетувањето од Тел Авив кон Каиро, делегацијата на германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот вечерта мораше итно да го напушти аеродромот поради ракетен аларм. Шолц со автомобил бил пренесен во една зграда, а од другите патници било побарано да легнат на земја на аеродромот. Израелската противвоздушна одбрана соборила два проектили, а детонациите гласно се слушале на аеродромот. По неколку минути, патниците можеле да се качат во авионот, со кој германскиот канцелар и делегацијата заминаа за Египет.