Шолц денеска во посета на Израел, Бајден утре
17 октомври 2023„За мене е важно да изразам солидарност со Израел на многу практичен начин преку мојата посета“, изјави канцеларот Олаф Шолц, дополнувајќи: „Ова е важно за земјата и нејзиниот народ“. Според неговите сопствени изјави, канцеларот, кој се очекува денеска (17.10.2023) да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, сака да разговара за „конкретни практични прашања“ како безбедносната ситуација во Израел и организацијата на хуманитарна помош. Исто така, треба да стане збор и за тоа како може да се спречи ширењето на конфликтот во други региони.
Германскиот канцелар во Израел ќе се сретне и со роднините на германските заложници кои ги држи Хамас. Пред средбата, роднините повторно јавно го повикаа Шолц да работи на ослободување на киднапираните од Појасот Газа.
Израелската влада во моментов верува дека има речиси 200 заложници во Појасот Газа. Меѓу нив има и неколку Германци со кои германската влада нема никаков контакт. Минатиот петок германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го посети Израел и исто така се сретна со роднините на германските заложници, кои ги киднапира Хамас.
Шолц е првиот шеф на влада или на држава кој патува во Израел по големиот напад на палестинската терористичка организација Хамас на 7 октомври.
Според последните најави, пак, утре во посета на Израел треба да допатува и американскиот претседател Џо Бајден, во знак на солидарност со Израел по терористичкиот напад на Хамас. Белата Куќа објави дека Бајден во Израел меѓу другото ќе се сретне и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Американскиот претседател истиот ден треба да отпатува и за Јордан на средби, со палестинскиот претседател Махмуд Абас и јорданскиот крал Абдула Втори.