Појас Газа: „Никој не знае што се случува“
16 октомври 2023Во петокот (13 октомври 2023) израелската војска побара сите цивили граѓани на Појасот Газа да го напуштат северот на тоа подрачје, но на сите им е јасно дека не се сигурни ни на југот. Хамас и натаму држи околу 120 заложници кои, како што тврди терористичката организација, не се меѓу загинатите во нападите од израелската војска чии безживотни тела ги најдоа израелските војници. Од Берлин има информации дека меѓу нив има и осум германски државјани и дека се „користат сите канали“, пред сѐ преку Египет, за да бидат ослободени.
И палестинската новинарка Хазем Балуша ја напушти Газа и раскажува како обичните луѓе во Газа едвај нешто знаат за сето тоа, а уште помалку им е дојдено до некакво славје за ракетните напади врз Израел и бројните жртви на израелска страна. Единствено знаат дека во Појасот Газа веќе има преку 2.300 жртви и дека во бесот на Израелците заради таквиот подмолен напад и во копнената офанзива која се очекува набрзо, брзо и тие може да се најдат меѓу нив. Но, и бегството е тешко изводливо – целиот Појас Газа во географски размери е мал, а сепак таму живеат повеќе од два милиона жители. Најмалку еден милион Палестинци мора да ги напуштат своите домови.
Како изгледаше градот Газа кога заминавте?
Владее неред, владее хаос. Никој не знае што се случува. Кога заминував од градот Газа, видов долги колони возила, луѓе со душеци на кровот од автомобилите и преполни со деца. Некои луѓе бегаат пеш затоа што немаат транспортно средство. Видов и запрежни коли со магариња кои заминуваат на југ. Видов уништени повеќекатници во различни делови од градот, а некои не ги ни препознав затоа што се толку уништени. Насекаде се урнатини и прашина.
Газа и целиот Појас Газа е во потполен мрак. Нема струја, нема вода. Интернетот е многу ограничен, но само понекаде. Насекаде има редици – пред пекарите, пред продавниците за основни намирници... Едвај успеавме и сега да разговараме затоа што ниту мобилните телефони не функционираат како што треба: сигналот е многу слаб, а сите се обидуваат да се јават на некој свој и да чујат каде се и како се. Некои заминаа уште во петокот. Видов купишта луѓе кои го напуштаат градот и северот и се движат кон југ. Некои луѓе остануваат во училиштата, некои се распрашуваат наоколу дали има некаде место каде што би можеле да престојуваат. Токму сега пред мене гледам луѓе кои се обидуваат да наполнат садови со вода затоа што во зградите нема. Не можете да ги користите ниту тоалетите. И јас веќе пет дена не сум се туширала и прилично мирисам. И храната е ограничена.
Како изгледа таму каде што се наоѓате, во бегалскиот камп во Нусеират?
Тука е уште поголема гужва. Сите се движат наоколу, повеќе отколку на други места кои ги видов, а нема ни гориво. На повеќе места застанував за да наполнам затоа што и јас немам многу бензин откако од Газа дојдов до овде. На секоја бензинска ми велат: нема, нема, нема никакво фориво, одете на друга бензинска, но гориво нема никаде. Не вози ниту јавниот превоз. Некаде ќе видите луѓе кои само седат или спијат во автобомилите. Понеле со себе се што можеле да понесат. Некои луѓе вклучуваат генератори само за да си ги наполнат мобилните телефони.
Какво е расположението?
Луѓето се лути, луѓето се очајни. Не знаат што се случува, ниту што ќе се случува понатаму. Многумина ме прашуваат дали некаде се водат преговори за прекин на огнот. Главно гледаат како да останат живи и сигурни. Но, никој не знае, дали овде е сигурно или не. Некои на радио се обидуваат да чујат што има ново, што се случува. Сето ова е чисто лудило.