Преку Рафах ќе стигне хуманитарна помош до Појасот Газа
19 октомври 2023Снабдувањето со залихи за луѓето во Појасот Газа е на работ на колапс откако смртоносната ракета погоди тамошна болница. Сепак, сега има зголемени знаци дека пратките со хуманитарна помош наскоро би можеле да стигнат до блокираната област.
„Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и американскиот претседател Џо Бајден се договорија за постојана испорака на хуманитарна помош до Појасот Газа преку граничниот премин Рафах“, изјави претседателскиот портпарол Ахмед Фахми. Тој не наведе датум кога би можеле да започнат испораките. Досега единствениот премин кој не е контролиран од Израел, не е отворен од египетската страна.
Бајден: Испораката нема да биде пред петок
Бајден, кој се враќа од посетата на Израел, го потврди телефонскиот разговор со претседателот Ал Сиси. Тој ветил дека првично ќе дозволи „до 20 камиони“ со помош да го преминат затворениот граничен премин Рафах, по што би можеле да следат понатамошни испораки. Бајден сепак нагласи дека ако Хамас, кој владее во Газа, ги конфискува пратките, „тогаш испораката на помош ќе престане“. Претставници на Обединетите нации би се грижеле за дистрибуцијата на стоката и нејзината распределба од страната на Газа.
Според информациите од теренот, граничниот премин Рафах е оштетен од израелското гранатирање и сега треба да биде поправен. Рафах, на јужниот раб на крајбрежната енклава, се смета за единствен можен пат да се донесе итно потребната помош во Појасот Газа. Според египетските информации, таму се наоѓаат околу 3.000 тони хуманитарна помош за луѓето во блокираната област. Според Бајден, потребни се поправки на патот, па затоа испораката не се очекува пред петок.
Нема помош за Хамас
Кратко по средбата со Бајден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја ќе дозволи испорака на првично блокираната помош за Појасот Газа. Израел нема да се спротивстави на повикот на Бајден да обезбеди храна, вода и лекови за цивилите во јужниот дел на Појасот Газа, се вели во соопштението од неговата канцеларија во средата. Но, Нетанјаху јасно стави до знаење: „Секоја пратка што ќе стигне до Хамас ќе биде спречена“. Ниту една испорака на помош за населението во Појасот Газа нема да започне од израелска територија додека Хамас, кој владее таму, не ги ослободи сите околу 200 заложници кои беа киднапирани од Израел, потенцираше премиерот.
ОН сметаат дека се неопходни 100 камиони помош дневно
Исламистичкиот Хамас уби околу 1.400 луѓе во големиот напад врз Израел на 7-ми октомври и киднапираше околу 200 други кои ги пренесе во Појасот Газа. Израел во одговор на нападот ја затвори палестинската територија, ја запре испораката на гориво, храна и вода и започна контранапади. Владата на Израел ги повика луѓето во Газа да преминат во јужниот дел. Според ОН, околу еден милион луѓе досега побегнале таму. Израелската армија зборува за околу 600.000. На итниот состанок на Советот за безбедност на ОН во четвртокот вечерта, координаторот за итна помош на ОН Мартин Грифитс повика на итен пристап до Појасот Газа. „Итно ни е потребен механизам за кој ќе се договорат сите релевантни страни за да се овозможи редовна испорака на помош низ Појасот Газа“, рече тој. Проценките се дека 100 камиони дневно ќе треба да ги снабдуваат луѓето кои имаат потреба низ Појасот Газа.
„Доктори на светот“: Речиси нема веќе лекови
Хуманитарната организација „Доктори на светот“ го оцени договорот меѓу Бајден и Ал Сиси како „многу, многу добра вест“. Нејзиниот директор Франсоа Де Керсмаекер за германските јавни сервиси АРД и ЗДФ изјави дека за да се грижи за луѓето, медицинскиот персонал повеќе не треба да биде загрозен од бомбардирања. Целото медицинско згрижување на луѓето е запрено како резултат на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Речиси нема лекови, гориво, струја и нема вода за пиење. Во болниците е веќе речиси невозможно да се работи, предупредуваат лекарите.