1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Во Киев со Зеленски: промена на политиката на Орбан?

Ела Џојнер
3 јули 2024

Виктор Орбан се појави во главниот град на Украина за прв пат од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Таму изнесе неколку предлози за завршување на војната.

https://p.dw.com/p/4hnXL
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во КиевФотографија: Zoltan Fischer/Hungarian PM's Press Office/AP Photo/picture alliance

Средбата не беше лесна ниту за украинскиот претседател Володимир Зеленски, ниту за унгарскиот премиер Виктор Орбан, но сепак успеаја колку-толку да се насмевнат додека се ракуваа пред камерите.

„Го замолив украинскиот претседател да размисли дали можеме да ги свртиме работите, да ги забрзаме мировните преговори со тоа што прво ќе го прекинеме огнот“, рече Орбан, тврд националист, во кратката изјава за новинарите додека стоеше покрај Зеленски во Киев, во текот на неговата прва посета на главниот град на Украина откако Русија започна инвазија на земјата во 2022 година.

„Временскиот прекин на огнот би дал шанса да се забрзаат мировните разговори“, додаде Орбан, лидерот на ЕУ со најпријателски врски со Русија, кој често ги одложуваше санкциите за претставниците на Кремљ и пакетите за воена помош на ЕУ за Украина. „Разговарав за можноста со претседателот и благодарен сум за неговите искрени одговори“, рече тој.

Зеленски повика на „праведен мир“

Самиот Зеленски не го спомна предлогот на Орбан за време на неговиот говор. Тој зборуваше само за желбата за „праведен мир“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан
Средбата не беше многу срдечна - украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во КиевФотографија: Zoltan Fischer/Büro des ungarischen Ministerpräsidenten/MTI/AP/dpa

Украинскиот претседател претходно изјави дека прекинот на огнот ќе ѝ овозможи на Русија повторно да се вооружи и дека тоа нема да доведе до крај на војната.

Зеленски во вторникот ги повика  земјите-членки на Европската унија  да продолжат да обезбедуваат воена помош за Украина, која, според последните официјални податоци, сега изнесува 38 милијарди долари - од ЕУ и од одделни земји-членки.

Ихор Жовква, заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател, малку подоцна изјави: „Ставот на Украина е сосема јасен, разбирлив и познат. Ние велиме дека  Украина навистина сака мир  за себе. Тоа е логично“.

„За тоа имаме средства: мировниот самит што се одржа, а се подготвуваме и за уште еден“, рече Жовква, како што пренесе украинската новинска агенција Интерфакс.

Киев и Будимпешта: тешка врска

Односите меѓу Орбан - кој често е изолиран меѓу 27-те лидери на ЕУ поради неговите  критики за помошта за Киев - и Зеленски, веќе долго време се затегнати. Унгарскиот лидер, исто така, ја обвинува Украина дека ги загрозува јазичните права на околу 150.000 етнички Унгарци во Украина. Поради неговото противење, почетокот на  преговорите за пристапување на Украина во Европската унија  беше одложуван сѐ до минатата недела.

Посетата на Орбан на Киев се случи на почетокот на мандатот на  Унгарија како претседавач со ЕУ.  Будимпешта ќе претседава со самитите на ЕУ и министерските состаноци во следните шест месеци.

„Целта на  унгарското претседателство  е да придонесе за решавање на предизвиците со кои се соочува Европската унија. Затоа моето прво патување ме однесе во Киев“, напиша Орбан на Фејсбук.

Алберто Алемано, аналитичар од парискиот универзитет ХЕЦ, веднаш го обвини Орбан за пречекорување на неговите овластувања. „И покрај неговата посета (на Киев), ротирачкиот претседател на Советот на ЕУ  Виктор Орбан  НЕ ја претставува ЕУ27 во нивната заедничка надворешна и безбедносна политика. Секое друго тврдење е во најдобар случај разубавување на реалноста, а во најлош случај е злоупотреба“, напиша Алемано на платформата X.

Но, дали посетата на Украина е знак за промена на политиката на Орбан или само намера да се однесува попомирливо во неговата улога како претседател на ЕУ? Според Андреас Бок од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, тоа е малку веројатно.

„Неговата политика строго се раководи од интересите. Иако зборувањето за начините за завршување на војната е од клучно значење, повикот на Орбан за прекин на огнот не е корисен, бидејќи Украинците ќе прифатат само праведен мир. Тој веројатно ќе ја продолжи својата политика на  пријателски односи со Русија, Кина  и Трамп“, вели Бок во писмената изјава за ДВ.

„Додека многу европски лидери веќе порано го посетија Киев во знак на солидарност, Орбан до сега никогаш не бил таму. Сега тој сака да го искористи унгарското претседателство со Советот како платформа за  мировни предлози кои во голема мера ѝ користат на Русија“,  заклучува германскиот аналитичар.