1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКина

Кина не сака мир во Украина

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
22 јуни 2024

Кина не учествуваше на мировната конференција за Украин, која се одржа минатиот викенд во Швајцарија. Пекинг не може и не сака да посредува во руската агресорска војна против соседната земја, смета Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4hC5w
Швајцарија | мировна конференција за Украина
Мировна конференција со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел (л.) и украинскиот претседател Володимир Зеленскиј (д.) - но без претставници од КинаФотографија: Alessandro Della Valle/POOL/AFP/Getty Images

Мировната конференција за Украина во Швајцарија не донесе исчекор. Секако, финалното коминике, кое го потпишаа околу 80 од над 90 земји учеснички, може да се смета за мал успех. Но, народот на Украина нема да може да се надева на скорешен крај на војната поради тоа.

Затоа што на средбата не беше поканет агресорот Русија. Затоа, токму во Пекинг се полагаше уште поголема надеж. Најблискиот сојузник на воениот лидер на Кремљ, кинескиот диктатор Ши Џинпинг, би можел да влијае на Владимир Путин. Но, Пекинг го откажа учеството на конференцијата во Швајцарија бидејќи Москва не беше таму.

Но, и без тоа, Кина не придонесе многу значајно за мировен договор во повеќе од две години по рускиот напад врз Украина. На првата годишнина од инвазијата, Пекинг изнесе план од 10 точки кој во суштина ги одразуваше барањата на Кремљ - еднострана пристрасност која ја спречи Кина да ја преземе улогата на неутрален посредник.

Можеби има и други причини зошто Кина не беше присутна во Швајцарија. Во сегашната ситуација, државата сама не би можела да покрене и да спроведе дипломатска иницијатива која би морала да помири речиси исто толку различни интереси како на Блискиот Исток. Меѓутоа, Пекинг не е заинтересиран да посредува во сценарио во кое САД и нивните сојузници на крајот би можеле да тврдат дека тоа е нивен успех.

Александер Герлах
Александер ГерлахФотографија: privat

Пекинг го поддржува Путин - Пекинг не му верува на Путин

И уште еден аспект игра улога во односите меѓу Пекинг и Москва: рускиот владетел Владимир Путин се сретна со својот севернокорејски колега диктатор Ким Јонг Ун неделава. Од една страна, Пекинг не сака да остави впечаток дека е во сојуз со двете земји. Од друга страна, сака да биде информиран за тоа што планираат двете земји заедно. Не е без причина тоа што сите три земји - Русија, Кина и Северна Кореја - сега се сметаат за оска на злото. Во исто време, тие три земји не си веруваат во целост.

Оваа недоверба ќе продолжи да влијае на политиката на Пекинг во однос на сојузот со Путин. Пекинг има интерес да продолжи војната во Украина бидејќи ги врзува силите на САД и нивните сојузници на тој конфликт. Ако Ши го ескалира конфликтот во Азија, или со Тајван или со Филипините, тогаш на американската војска можеби ќе ѝ биде потребно повеќе време да интервенира во пацифичкиот регион.

Мала надеж - оската Кина-Саудиска Арабија

Постои надеж дека уште еден мировен самит за Украина би можел да се одржи во Саудиска Арабија. Кралството одржува одлични односи со САД, но и со Кина. А еден од ретките дипломатски успеси во кои учествуваше Пекинг се однесува на Саудиска Арабија. Во пролетта минатата година, Пекинг помогна да се нормализираат односите меѓу Саудијците и Иран.

Значи, можеби престолонаследникот Мохамед бин Салман би можел да го убеди кинескиот владетел и сојузник Ши Џинпинг да преземе акција против Русија поради Украина. Нема многу причина за надеж, но на крајот треба да се проба сѐ што може да се направи за да се запре убивањето.

Александар Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика во меѓународните односи и научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.

Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.