1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Кина и САД можат да стават крај на војната во Украина?

Кристоф Хаселбах
29 март 2023

Ако сака, Кина може да изврши голем притисок врз Русија. Истовремено, во САД се шири заморот од војната. Иако се ривали, Вашингтон и Пекинг би можеле да делуваат во насока на мир.

https://p.dw.com/p/4PO83
Ши Џинпинг Џо Бајден
Дали Кина и САД можат да стават крај на војната во Украина?Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Веројатно единствената личност во светот која навистина може да влијае на Путин е Ши Џинпинг. Фактот што Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде потерница по Путин не го одврати кинескиот претседател да отпатува за Москва.

Кина е втора најсилна економија во светот и до ден денес не го осуди рускиот напад врз Украина. Додека Западот наметнува сè поостри санкции кон Москва, Пекинг сè повеќе тргува со Русија.

Заедничка цел: да се прекине доминацијата на Западот

Хенинг Хоф, главен уредник на англиското издание на списанието „Меѓународна политика“ (IPQ), кое излегува на секои три месеци, вели дека на Кина не и одговара руската инвазија на Украина: „Војната е пречка за кинеското економско закрепнување по години на пандемија, и ако го погледнеме текот на војната, на Пекинг му се заканува опасност да биде на страната која губи“.

Хоф додава дека Кина се обидува „да извлече економска корист од војната и нејзините последици“, на пример, со купување евтина нафта и гас од Русија. Исто така, Кина може да го зголеми својот извоз во Русија во моменти кога трговските односи со Западот станаа потешки. Вашингтон претпоставува дека Русија купува и цивилна технологија што може да се користи за воени цели.

Русија е се повеќе зависна од Кина, па Пекинг има такво влијание врз Москва какво што никој друг нема. Ако сакаше, Ши можеше да го убеди Путин да започне преговори за завршување на војната. Досега, Ши му покажа на Путин само една црвена линија: употребата на нуклеарно оружје не доаѓа предвид за Кина.

руска нуклеарна ракета
Црвена линија за Пекинг: руската нуклеарна ракета со долг дострел „Сармат“.Фотографија: Russian Defence Ministry/REUTERS

Сепак, постои една цел за Пекинг што го надминува сегашниот конфликт: на Кина и е потребна Русија како партнер за да воспостави светски поредок ослободен од западната доминација. Затоа, според кинескиот став, Русија не смее да ја загуби војната. Исто така, би било лошо за Ши ако системот на Путин пропадне. Тоа би било удар за авторитарниот модел на владеење, чиј поддржувач е и тој.

Руската зависност е во интерес на Кина

Кина се обидува да се прикаже како мировен посредник во украинската војна. Мировниот план претставен од кинескиот претставник на Минхенската безбедносна конференција во февруари беше отфрлен од западните влади. Според нив, предлогот е нејасен, а во него недостасува и одредба за повлекување на руските војници од Украина, што е предуслов за Киев и Западот.

Посетата на Ши на Москва беше придружена со мировна реторика во кинеските медиуми, иако тој не ја ни спомена војната за време на посетата. Путин донекаде ја прифати таа игра: „Русија е подготвена да ја смири украинската криза со политички и дипломатски средства“, порача тој пред посетата на Ши на Москва. Сепак, Путин ги кажа своите услови: Украина ќе мора да ја признае анексијата на Крим и четири украински региони како „нова геополитичка реалност“. Сепак, барем не повтори дека Украина не е вистинска држава, дека таму владеат нацистите и дека мора да се приклучи на Русија.

Ши Џинпинг Владимир Путин
Ши на 21 март со „драгиот пријател“ Путин во Москва: во овој однос Русија е помалиот партнерФотографија: SERGEI KARPUKHIN/AFP

Поранешниот шеф на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, смета дека не треба многу да се очекува од Кина: „Поради сегашната напната атмосфера во односите меѓу САД и Кина, Пекинг во моментов нема мотивација да ја намали својата блискост со Русија“. Тој додава дека со продолжувањето на конфликтот се зголемува и зависноста на Русија од Кина. „Можеби не е лош развој од гледна точка на Кина“, вели Ишингер.

Во Германија расте стравот од војна

Кина не врши притисок во правец на мир, а тоа не го прави и ниту една од завојуваните страни. Во нивната рововска војна до исцрпување, двете страни јасно веруваат дека можат да победат на бојното поле.

Западните земји кои ја поддржуваат Украина го зголемуваат притисокот. Нивното население ги чувствува економските последици од војната: недостаток на енергија, инфлација, преоптоварен државен буџет. За други работи има помалку пари.

Бахмут
Пустош во Бахмут: Двете страни се надеваат на воена победаФотографија: Yevhen Titov/AP Photo/picture alliance

Освен тоа, стравот од војна станува се поизразен во Германија. Неодамнешната анкета покажа дека 63 отсто од испитаниците стравуваат дека Германија не е способна да се брани, а 55 отсто се загрижени дека Германија ќе биде вовлечена во војна. Тоа е зголемување од 13 отсто во однос на 2022 година.

Ветувањата на Бајден до Украина се политички ризични

Во САД, земјата која издвојува убедливо најмногу за воена помош за Украина, во меѓувреме, подготвеноста да се даде таква великодушна поддршка на европската земја опаѓа, доколку нема изгледи за мир. Таа поддршка генерално опаѓа меѓу американското население и во Конгресот, меѓу републиканците. Тоа е политички ризично на долг рок за претседателот Бајден, кој неодамна вети поддршка на Киев „колку што е потребно“.

Володимир Зеленски и Џозеф Бајден во Киев
Ветување за Украина како политички товар дома: Володимир Зеленски и Џозеф Бајден во КиевФотографија: Dimitar Dillkoff/AFP

Американскиот политиколог Стивен Волт за магазинот „Форин полиси“ напиша дека Бајден на тој начин ја врзал својата политичка судбина со исходот од војната: „Во споредба со она што го вети, сè помалку од целосна победа ќе изгледа како неуспех“.

Волт објасни дека Бајден ќе биде принуден да воведе нови санкции против Кина доколку Пекинг посилно ја поддржи Москва, а тоа ќе го загрози економското закрепнување на САД. Волт вели дека тоа ќе го израдува републиканскиот кандидат кој можеби се надева дека ќе победи на претседателските избори во 2024 година.

Заморот од војната во САД веќе имаше влијание врз администрацијата на Бајден. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за првпат одговори на прашање на републикански пратеник дека Украина можеби нема да може да ги врати сите територии што Русија ги освои. Со тоа, тој урна политичко табу.

Идејата за американско-кинеската мировна иницијатива потекнува од Европа

И за Вашингтон и за Пекинг, украинската војна е само дел од поголемиот конфликт меѓу двете суперсили и меѓу двата системи, демократскиот и автократскиот. Хенинг Хоф смета дека во оваа сè поостра конфронтација Европа ќе мора појасно да се позиционира и дека „во повеќе прашања од претходно ќе мора да ги збие редовите со САД“. Според него, друга последица од војната е „итно потребниот поголем удел на Европејците на полето на воената безбедност, за да можат Американците да се фокусираат на индо-пацифичката област“.

Владимир Путин
Дали Путин би бил подготвен за мир кој ќе му го спаси образот? Фотографија: Russia President Press Office/TASS/dpa/picture alliance

Вашингтон, како најголем поддржувач на Киев, има и најголемо влијание врз Украина, а Пекинг е можеби единствениот во светот кој може да влијае на Москва. На самитот на Европската Унија, премиерот на малиот Луксембург, Ксавиер Бетел, го покани Џозеф Бајден да разговара заедно со Ши Џинпинг за можноста за мировен план за Украина. „Другите држави би го прифатиле тоа“, рече Бетел.

Тоа сесрдно би го поздравиле и членките на Европската Унија - доколку двете велесили меѓусебно го решат проблемот меѓу Украина и Русија и на тој начин го тргнат од агендата и на Европејците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема