Пандорина кутија: ЕУ одмерува промена на односите со Кина
23 март 2023Ако Ши Џинпинг „се спријатели со воен злосторник, наша должност е сериозно да се занимаваме со Кина”, рече министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис на прашање на ДВ што мисли за тридневната посета на кинескиот претседател во Москва и средбата со рускиот колега Владимир Путин. Минатата недела Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде потерница за Путин поради основано сомнение за воени злосторства.
Единствениот пат за ЕУ според Ландсбергис, сега е да се преземат „први чекори за намалување на ризикот и евентуално разврзување од Кина. Што поскоро, толку подобро за Унијата”, смета Ландсбергис.
Ваквото мислење, за неопходноста од силни мерки, не го делат сите во Брисел.
Во разговор со ДВ, европските власти посочуваат дека Ши Џинпинг и Путин се сретнале повеќе од 40 пати во изминатите години. Еден анонимен функционер од ЕУ вели дека оттаму демонстрацијата на единство од двајцата лидери е „очекувана”.
Општиот впечаток се чини е дека Кина ја искористува слабоста на Русија.
Кина е меѓу неколкуте земји кои избегнуваат рускиот напад врз Украина да го наречат инвазија. Кина беше воздржана во однос на сите резолуции на ООН за осуда на Русија. Кина продолжува да купува руски нафта и гас, а властите и медиумите во многу западни земји се предмет на критика дека како папагали само ја повторуваат пропагандата на Кремљ за инвазијата.
Заложбите на Ши за безгранично пријателство со Русија дополнително ги обременија односите на Кина со ЕУ, кои и онака имаа дамка.
Како Кина ја поддржува Русија?
Иако некои западни сојузници стравуваат дека Кина би можела да размислува за испорака на оружје за Русија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава во Брисел рече дека не видел никаков доказ што би упатувал на тоа дека Кина е подготвена да испорача смртоносно оружје на Русија.
Но, Кина воените напори на Русија ги поддржува на повеќе индиректни начини, меѓу кои и зголемување на трговската размена и извоз на двонаменска опрема, вели Грегор Стец, аналитичар во бриселската канцеларија на германската фондација „Меркатор институт за студии за Кина”.
Во извозната стока се вклучени и „гуми, камиони, алишта и други производи кои може да се користат од страна на руската војска, иако не се оружје”, вели тој за ДВ.
Ако западот дојде до опиплив доказ дека Кина на Русија ù испорачува воена опрема во големи размери, според Стец би биле пречекорени црвените линии на Европјаните. Но, тој препорачува претпазлив пристап пред да се обвини Кина за испорака на оружје за Русија, просто заради огромниот потенцијал од геополитички импликации.
Откако Кина неодамна ги укина политиките за „нулта Ковид” и повторно ја отвора својата економија, „веројатно сме во фаза на дипломатско ре-отворање и стабилизација”, изјави тој и додаде дека „стабилизирањето е навистина ранливо, а тензиите остануваат”.
Таквите тензии ги вклучуваат и влошените релации меѓу САД и Кина, посебно околу прашањето за Тајван, кинеската репресија на Ујгурите и трговскиот спор меѓу ЕУ и Кина околу огрничувањата за Литванија, рече Стец.
„ЕУ не сака да се соочи со уште поголема економска дестабилизација, туку во интерес на Унијата е релацијата да остане стабилна. Да се редефира релацијата е како да отворите политичка Пандорина кутија”, оцени тој.
САД притискаат против Кина
Заради ова Брисел е воздржан кога се работи за американските напори за зауздување на Кина.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ја придобие ЕУ и нејзините членки за заедничко конфронтирање на Кина. Таквите напори се само делумно успешни. Во март годинава Холандија забрани продажба на напредна микрочип технологија на Кина, а Германија соопшти дека ќе направи безбедносна ревизија на критичните компоненти во нивната мрежа за мобилна телефонија кои биле испорачани од кинеските производители Хуавеј и ЗТЕ. Но, општо погледнато многу земји од ЕУ се воздржани во однос на повлекувањето од профитабилниот кинески пазар - тоа пред сѐ важи за Германија, за која Кина е најголемиот трговски партнер.
Соопштението на претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на Светскиот економски форум во Давос во јануари годинава беше дека ЕУ сака да го „исклучи ризикот”, но не и да се „раздружи” од Кина. Ова ја потенцира воздржаноста на ЕУ да ѝ сврти грб на Кина.
Европратеници санкционирани од Кина
Без разлика на таквата воздржаност, ставот на Европа спрема Кина е поскептичен отколку што бил во изминатите децении, вели Рајнхард Битикофер, кој претседава со делегацијата на Европскиот парламент задолжена за Кина.
„Кинезите не беа многу успешни во односите со Европјаните во последно време”, вели Битикофер за ДВ. „Би рекол дека потрошија многу од политичкиот капитал што го имаа”, оценува тој.
Покрај многу други европратеници, и Битикофер се најде на црна листа во Кина во 2021 година откако ЕУ воведе санкции за кинеските власти кои беа обвинети за вмешаност во кршење на човекови права на Ујгурите. Како последица на тоа, опширниот договор меѓу ЕУ и Кина за инвестиции беше ставен на мраз. Но, Битикофер во меѓувреме бил контактиран од кинески дипломати, исто како и други европски политичари, вели тој за ДВ.
Кинеска шарм-офанзива
Аналитичарот Стец смета дека нова офанзива на Кина за „шармирање” предводена од кинескиот амбасадор во ЕУ, Фу Конгин, е во тек.
Тој појаснува дека Фу е екстремно ангажиран да види како ќе пројдат две клучни идеи. Прво, симултано укинување на санкциите воведени од ЕУ против Кина и од Кина против ЕУ, што Фу го претставува како „претпоставен гест на добра волја од страна на Пекинг, со оглед на тоа дека ЕУ прва воведе санкции”.
Откако ова ќе се направи, Фу се надева на деблокирање на ратификацијата на инвестицискиот договор меѓу ЕУ и Кина. Европратеникот Битикофер, кој ги претставува Зелените од Германија во Европскиот парламент, оценува дека изгледите да се врати инвестицискиот договор повторно во игра, се „екстремно тенки”.