1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференција за Украина: Надеж за мир наскоро

15 јуни 2024

Германија сака на дводневната средба за Украина во Швајцарија да започне мировен процес. Се очекуваат 90 земји. Пекинг го откажа учеството.

https://p.dw.com/p/4h1uR
Олаф Шолц и Володимир Зеленски
Германија сака дводневна средба за Украина во Швајцарија за да започне мировниот процес. Фотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Германскиот канцелар Олаф Шолц се надева дека со мировната конференција за Украина во Швајцарија овој викенд (15 и 16 јуни) „ќе се појави нешто што ќе нè приближи до мирот“. Ова тој го изјави за време на третата конференција за обнова на Украина во Берлин оваа недела. Покрај него стоеше украинскиот претседател Володимир Зеленски. За него веќе е успех фактот дека воопшто се одржува конференцијата организирана од Швајцарија. „Многу е тешко да не се изгубат сојузниците и партнерските земји. А, да се обединат партнерските земји и оние коишто тоа не се, е тешка задача за Украина“, изјави Зеленски, алудирајќи на повеќе од двегодишната голема руска инвазија на Украина.

А, канцеларот Шолц додаде од говорницата дека можеби во Швајцарија „би можел да се покаже начин како успешно да се влезе во процесот во кој и Русија еден ден ќе биде на маса. Кога ќе созрее времето. Но, за тоа ќе одлучи само Украина“.  

Одбивање од Пекинг 

Русија уште порано јасно стави до знаење дека нема да учествува на швајцарската конференција. Германската влада особено долго време лобира за учество на Кина. Но, Пекинг одби да учествува. Како и да е, 90 земји дадоа согласност, објави швајцарската федерална претседателка Виола Амхерд во пресрет на конференцијата. Половина од нив доаѓаат од Европа и Северна Америка, другата половина се земји на глобалниот југ - од Јужна Америка, Африка, Блискиот Исток и Азија. Многу влади и се заблагодарија на Швајцарија за организирањето на конференцијата, рече Амхерд. 

Швајцарската претседателка вели и дека ова е процес кој ќе создаде услови „за иден мировен самит со учество на Русија“.
За украинскиот претседател Зеленски, конференцијата во хотелскиот комплекс Бургеншток над езерото Луцерн ќе биде врв на дипломатскиот маратон за Украина. 

самитот на Г7 во Италија
Учесниците на самитот на Г7 во ИталијаФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Конференција за реконструкција: заеми од ЕУ  

На конференцијата URC2024 (Конференција за закрепнување на Украина 2024) во Берлин, ЕУ вети заеми за поддршка на малите и средни претпријатија во Украина. Но, на овој начин треба да се финансираат и средства за итни поправки на украинското снабдување со електрична и топлинска енергија. Брисел зема заеми за Украина, кои се сервисираат од приходи од камати од замрзнати руски средства во Европа. Во Берлин, Зеленски исто така за првпат лично зборуваше во германскиот Бундестаг, а не долго потоа ги посети украинските војници кои германскиот Бундесвер ги обучува за системот за воздушна одбрана „Патриот“ на воен полигон северно од Берлин.

По URC2024 следеше состанок на седумте најголеми индустриски нации - Г7 во Италија во втората половина на неделата со надеж дека што е можно повеќе шефови на држави и влади ќе отпатуваат оттаму на конференцијата во Швајцарија. Се наведува дека Русија извршила притисок, особено врз земјите од глобалниот југ, да ја бојкотираат швајцарската конференција. Затоа швајцарските организатори ги гледаат 90-те земји кои ја прифатија поканата како делумен успех. Ова, очигледно, исто така беше можно затоа што дневниот ред за кој се разговараше беше значително скратен. 

Теми: нуклеарна безбедност, извоз на жито, киднапирани деца 

Во суштина, станува збор за безбедноста на украинските нуклеарни централи, каде најголемата нуклеарна централа во Европа беше окупирана од руски војници. Нуклеарната централа се наоѓа на линијата на фронтот во јужна Украина. Дополнително, ќе се разговара за натамошното обезбедување на извоз на жито од Украина, особено во земјите од глобалниот југ и ослободување на украинските деца киднапирани од Русија од окупираните територии.

Конечната декларација на швајцарската конференција не би требало да биде ниту за непосреден крај на руската агресивна војна, ниту за повлекување на Русија од Украина, како што е предвидено со вистинскиот мировен план на Украина. 

Според украинскиот претседател, за да може да ги заштити барем сите големи градови и најважните енергетски капацитети, на неговата земја би и требале вкупно седум противвоздушни системи Патриот. Германија пред неколку недели вети трет систем, но многу од барањата на германската влада до сојузниците за дополнителна опрема останаа неодговорени.

На маргините на URC2024, украинскиот претседател рече: „Германија е лидер во поддршката на Украина, заштитувајќи го нејзиниот воздушен простор со системите „Патриот“.  Американските медиуми јавуваат дека американскиот претседател Џозеф Бајден сака да и предаде уште еден систем Патриот на Украина. Очигледно е еден од системите Патриот што моментално ја штити југоисточна Полска на границата со Украина. 

Володимир Зеленски во Бундестагот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Бундестагот: „Наш заеднички интерес е Путин лично да ја загуби оваа војна“Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

САД го испраќаат системот Патриот од Полска во Украина 

Со тоа се штити регионалниот аеродром во Жешов, кој се разви во најважниот центар за западна воена помош за Украина. Во Берлин, за време на прес-конференцијата со канцеларот Шолц, Зеленски исто така рече: „Денес има ново решение за противвоздушна одбрана, а не само „Патриот“, украинскиот претседател не даде повеќе детали.

Со по еден систем Патриот повеќе од Германија и САД, во Украина би имало вкупно пет - од очекуваните седум. Зеленски направи барем мал чекор напред. Покрај тоа, се очекува украинските воздухопловни сили да ги распоредат првите западни борбени авиони Ф-16 ова лето.

Она што е клучно за него е неговата земја „да не ја загуби иницијативата“, рече украинскиот претседател Зеленски на крајот од прес-конференцијата со германскиот канцелар. Клучно е и  иницијативата „да не се даде било кому, особено не на Русија, затоа што руската иницијатива во однос на нејзината визија за завршување на војната беше целосно видена на денот на инвазијата“, продолжи Зеленски: „Руската визија е окупација на нашата земја“. Путин досега успеа само делумно - 28. месеци од почетокот на инвазијата и во пресрет на првиот мировен самит за Украина. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи