1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г7 и додели на Украина 50 милијарди долари руски средства

БГ /АФП
13 јуни 2024

Лидерите на седумте најразвиени земји во светот и доделија на Украина заем од 50 милијарди долари кои ќе се повлечат од замрзнатите руски средства. САД и Украина потпишаа 10-годишен безбедносен договор.

https://p.dw.com/p/4h0wA
Володимир Зеленски Џорџа Мелони Борго Игнација
Володимир Зеленски и Џорџа Мелони во Борго ИгнацијаФотографија: dts Nachrichtenagentur/IMAGO

Украина ќе добие 50 милијарди долари од каматите на замрзнатите руски средства, а претседателите Володимир Зеленски и Џо Бајден потпишаа и 10-годишен безбедносен договор за време на самитот на Г7 во Италија.

„Постигнавме политички договор да и обезбедиме финансиска поддршка на Украина од околу 50 милијарди долари до крајот на годината“, изјави домаќинката на самитот, италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Мелони го покани Зеленски да се приклучи на самитот заедно со претседателот на САД и лидерите на Франција, Германија, Канада, Јапонија и Британија. Во обраќањето на самитот кој се одржува во луксузниот ризорт Борго Егнација, Зеленски им заблагодари на лидерите за поддршката за која оцени дека ќе биде искористена за „одбраната и реконструкцијата“. Но, тој ги повика сојузниците да направат и чекор понатаму и да и ги конфискуваат замрзнатите имоти на Русија. Дополни и дека на Украина се уште и се потребни и повеќе воздушни одбранбени системи за да се спротивстави на нападите на Москва. 

Володимир Зеленски Џо Бајден Украина САД
Володимир Зеленски и Џо Бајден по потпишувањето на безбедносниот договор меѓу Украина и САДФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Гарантирана безбедност  

На почетокот на годинава ЕУ се согласи да му помогне на Киев со користење на профитот од каматите од замрзнатите средства на руската централна банка. Но, Вашингтон изврши притисок заемот да биде исплатен побрзо и однапред, иако засега не е јасно кој ќе ги исплати парите, и кој ќе биде гарант на заемот. Американски претставници соопштија дека САД нема да бидат единствените финансиери на заемот, туку ќе го споделат повеќе земји, но одби да каже кои и колку пари ќе одвои секоја земја одделно. 

Во четвртокот, Бајден и Зеленски потпишаа и безбедносен договор со кој, според Бајден, му порачуваат на рускиот претседател Владимир Путин дека „нема да попуштат“ и дека нема да успее да „ги подели“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема