Нови ЕУ-санкции против Русија
21 јуни 2023Единаесеттиот пакет санкции на Европската унија против Русија е одобрен денеска (21.06) во Брисел. Според соопштението на шведското претседателство со ЕУ, во средиштето на новите санкции се мерки кои би требало да ги затворат можните дупки во досегашните казнени мерки, како на пример забрана за транзит низ руска територија на сите стоки кои Москва би можела да ги искористи за воени цели.
Освен тоа, дел од пакетот казнени мерки се и забраните за влез и замрзнување на имотот на 71 одговорни лица и 33 организации. Нив ЕУ, меѓу другото, ги обвинува за учество во „илегално депортирање на украински деца во Русија“.
Европската комисија првично имаше намера на листата на санкции да стави и кинески компании кои во Русија доставуваат стока која може да се користи за воени и цивилни цели. По острите протести од страна на Пекинг, сега на листата се наоѓаат само три руски фирми кои имаат седиште во Хонгконг, велат дипломати.
Фон дер Лајен: Рускиот имот треба да ѝ користи на Украина
ЕУ сака да го искористи замрзнатиот руски имот за поддршка за Украина. За таа цел Европската комисија ќе поднесе план уште пред почетокот на летната пауза, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на конференцијата за обнова на Украина што се одржува во Лондон. Слична изјава на маргините на конференцијата даде и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок. „Оној кој раскрстува со сите правила на меѓународното право, со Повелбата на ОН, тој мора да сноси одговорност и за обновата и на крајот да плати за штетите кои ги предизвикал“, рече Бербок.
На конференцијата за обнова на Украина, која се одржува денеска и утре во Лондон, треба да бидат поставени фундаментите за обнова на земјата. Притоа во фокусот се начините на коишто приватните компании би можеле да се охрабрат да инвестираат во Украина.