1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Што би содржел Маршалов план за Украина?

Силја Томс
26 октомври 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен иницираат Маршалов план за Украина. Но, што значи тој и колку може да биде ефикасен за обнова на земјата уништена од војната?

https://p.dw.com/p/4Iezo
Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Кога треба да се совладаат крупни задачи, политичарите често бараат Маршалов план – од Маршалов план за разнишаната економија во пандемијата на коронавирус, до Маршалов план за екологијата. Кратко пред самитот на Г7 во јуни, германскиот канцелар  Олаф Шолц се заложи за Маршалов план за Украина.  Во својата владина изјава пред самитот, Шолц објасни дека при неговата посета на Украина, сликите го потсетиле на оние од уништените германски градови по Втората светска војна. Тој гледа аналогија: „Како на тогашната Европа  разорена од војната,  и на Украина сега ѝ треба Маршалов план за нејзина обнова, станува збор за генерациска задача.“

Германскиот канцелар ОЛаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сега го повторија ова барање. Во Берлин се одржува советување на меѓународни експерти за  обнова на Украина по крајот на војната,  на кое учествува и украинскиот премиер Денис Шмихал. „Станува збор за давање сигнал за надеж среде  црнилата на војната,  дека работите повторно ќе тргнат на подобро“, изјави деновиве Шолц. 

Маршалов план, Берлин, Германија
Маршаловиот план по Втората светска војна требаше да ја крене Германија повторно на нозеФотографија: akg-images/picture-alliance

План за обнова

За да ѝ се помогне на Европа која се наоѓаше во урнатини по Втората светска војна, тогашниот американски министер за надворешни работи Џорџ С. Маршал во јуни 1947. година го предложи планот за Европска обнова, познат како Маршалов план.

Тој предвидуваше САД да стават на располагање кредити за обнова, како и стоки, суровини и да испратат прехранбени производи за Европа. Така, меѓу 1948. и 1952. година кон 16 земји во Европа, меѓу кои Германија, Италија, Франција и Велика Британија, потекоа преку 12 милијарди долари. Западна Германија доби околу 1,5 милијарди долари од парите. Финансиската помош не само што доведе до економско чудо во Европа, туку отвори и нови пазари за пласман за САД.

Маршаловиот план имаше и политичка страна, зашто од парите од САД не профитираа сите европски земји. Додека САД се трудеа да го ограничат влијанието на Советскиот Сојуз во Источна Европа, Москва стравуваше од западна контрола и им забрани на земјите како Унгарија, Чехословачка и Полска, да учествуваат во програмата за економска обнова.

„Овде е мојот дом“ - жителите се враќаат во уништената Буча

Во колективното германско и европско помнење Маршаловиот план важи главно за успешен концепт. Тој се погрижи за опоравување на европската економија и овозможи втемелување на демократски структури. Маршаловиот план и денес често се истакнува како пример кога е во прашање обнова по војна или кризни времиња.

Како би изгледал Маршалов план за Украина?

Кога предлага Маршалов план, германскиот канцелар првенствено  има предвид долгорочна перспектива. Тој очекува дека  војната во Украина  ќе трае уште извесно време, изјави Шолц уште во јуни во Бундестагот. Слично како и кај Маршаловиот план, Западот би требало да се спреми за  долговременска обнова на земјата:  „Ќе ни бидат потребни многу дополнителни милијарди евра и долари за обнова и тоа со години.“ Но, тој истовремено подвлече желба за масивна поддршка на Украина со обединети европски сили и тоа „финансиски, економски, хуманитарно, политички и секако со испорака на оружје.“

Непосредно пред почетокот на Конференцијата за обнова, од Украина е соопштено дека Германија се очекува да уплаќа 500 милиони долари месечно за финансирање на државниот буџет во Украина во воени услови. Економскиот советник на претседателот Володимир Зеленски, Александер Родниански, како што пренесуваат медиумите, изјавил: „Секој месец ни се потребни четири до пет милијарди долари за буџетот. Веруваме дека Германија може да преземе околу 500 милиони долари месечно, посебно со поглед кон 2023 година.“ Украина се надева дека ЕУ ќе партиципира со околу две милијарди долари месечно.

Претседателот на Европската инвестициска банка, Вернер Хојер смета (...) на пакет помош за Украина тежок билијарди евра. Ќе биде потребно нешто што ќе се однесува на глобалната публика, е не само на даночните обврзници во ЕУ.“ Раководењето со обновата, според идејата на Европската унија, треба да го преземе Украина во координација со ЕУ, со Г7 и државите од Г20, како и меѓународните финансиски институции и организации.