Виктор Орбан: Евроскептик на чело на Европската унија
1 јули 2024Унгарскиот премиер Виктор Орбан редовно ги напаѓа институциите на ЕУ. Во говорите и интервјуата на домашен терен постојано тврди дека ЕУ го загрозува унгарскиот суверенитет и дека Унијата ги уништува средните претпријатија и земјоделците. И дека токму затоа мора да оди во Брисел, за да ги „размрда тамошните структури на моќ“. Во последните години Унгарија блокираше повеќе одлуки на останатите членки на ЕУ.
И покрај евроскептицизмот на Будимпешта, министерот за европски прашања Јанош Бока ветува дека неговата земја ќе биде „чесен посредник“ од овој понеделник (1 јули), кога земјата го презема шестмесечното претседавање со ЕУ. До крајот на годинава Унгарија ќе ги води состаноците на Советот на министри, ќе ги дефинира точките на дневниот ред и ќе ги води преговорите со Европскиот парламент како законодавно тело на ЕУ.
Унгарија на обвинителна клупа
Никогаш досега не се случило претседавачот на ЕУ да има толку многу конфликти со Брисел.
Против владата во Будимпешта се води постапка по член 7 од европските договори, заради загрозување на принципите на владеењето на правото во земјата. Европската комисија покрена неколку постапки против Унгарија поради кршење на нормите на владеење на правото.
Европскиот суд неодамна ја осуди Унгарија на парична казна поради неуспехот на владата да спроведе заедничка политика за азил и миграција. Виктор Орбан изјави дека е „згрозен“ од пресудата и најави дека нема да ја прифати и дека сите оние шефови на држави и влади кои имаат поинакво мислење треба да бидат се „отераат“.
И сега обвинетиот се префрла на функцијата претседавач на шест месеци - и треба половина година да посредува со неутралност. Многу набљудувачи во Брисел се сомневаат дека тоа е можно.
Унгарија сака пари
Напнатоста меѓу Орбан и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е особено пикантна кога е во прашањефинансиската помош за Будимпешта. Иако отфрла многу правила на ЕУ, Орбан сè уште инсистира да и се исплатат на земјата средства од Фондот за закрепнување од пандемијата.
ЕУ замрзна 30 милијарди евра финансиска помош заради конкретна опасност од корупција во Унгарија, односно оценката дека судовите во Унгарија веќе не можат да се сметаат за независни.
Дел од тие пари во меѓувреме се одмрзнати со цел да се „купи“ поддршката на Орбан за дополнителна финансиска и воена помош за Украина.
Унгарија не сака да му помогне на Киев
Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока јасно и порача на Украина да не се надева на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ, кои официјално беа отворени на 25 јуни.
За време на унгарското претседателство, ниту едно од 35-те преговарачки поглавја нема да биде отворено, вели тој.
Будимпешта веќе некое време ја блокира финансиската помош за Киев секаде каде што е можно. Во моментов, Унгарија се спротивставува на испраќањето воена помош во вредност од 6,6 милијарди евра за Украинците.
Дали Унгарците, како земја претседавач со Унијата, ќе продолжат да инсистираат на своето вето во втората половина од годината? Унгарската влада се уште не дала јасен одговор на тоа.
Унгарскиот премиер и покрај санкциите на ЕУ одржува добри економски односи со руски компании, а во кампањата за европските избори се претставуваше како лидер кој се залага за мир. „Нема да дозволиме да не вовлечат во некаква војна, нема да дозволиме да не принудат да примаме илегални мигранти, а особено нема да дозволиме да ги превоспитуваат нашите деца“, рече Орбан на прославата на националниот празник во март годинава.
Напредок за Западен Балкан
Србија и соседните земји, кои се кандидати за ЕУ, сепак би можеле да се надеваат на нов поттик во однос на преговорите со Унијата.
Притисокот што доаѓа од некои делови на ЕУ во корист на преговорите со Украина треба да се пренасочи кон Западен Балкан, најави министерот Бока.
„Претседателството си постави за цел прелевање на тој ентузијазам на земјите од Западен Балкан, за да можат сите да се приближат до членството“, рече Бока во Брисел.
Тој смета дека со Србија може да се отворат цела низа нови преговарачки поглавја.
Унгарија и Србија се резервирани по прашањето за европската политика кон Украина. Според Европската комисија, поради се поавторитарниот режим во последните години, Србија се оддалечила од членството во ЕУ.
Што се однесува до Црна Гора, Унгарија како претседавач планира да затвори што е можно повеќе поглавја од преговорите со Подгорица. Треба да се постигне напредок и со Северна Македонија и Албанија.
Унгарците во овој семестар најавуваат и одржување на владина конференција меѓу ЕУ и Скопје, односно Подгорица, за да се поттурнат преговорите.
Во однос на Украина, Будимпешта ја исклучува можноста таква конференција да се одржи со властите во Киев.
Унгарска (не)моќ
Сепак не треба да се преценува влијанието што претседателот на Советот го има врз водењето на работите на ЕУ, смета Ту Нгујен од центарот „Жак Делор“ во анализа за магазинот „Интернешнл политика“.
Програмата на претседателството и онака одамна е позната, вели Нгујен и додава дека Унгарија евентуално може да стави неколку акценти.
Непосредно по изборот на новиот состав на Европскиот парламент и онака не се случуваат големи работи во однос на законодавството, вели Нгујен.
Тој смета и дека унгарското претседателство „се случува во време кога европските институции се зафатени со кадровски игри и, пред сè, со назначување на новата Комисија. „Од оваа причина во следните шест месеци ќе се одвива релативно малку законодавна работа“ во чиј пак процес е особено важна улогата на претседавачот, смета експертката. Таа заклучува дека веројатно нема да има многу потреба од Унгарија ниту во улогата на посредник во преговорите меѓу Комисијата, Советот и Европскиот парламент.